Список

08.12.2014 10:48
Список

Патка

Гега низ прашината
Во која риби не се смеат
Во боковите свои носи
Немир на водите

Неспретна
Се гега полека
Трска што мисли
Ионака ќе ја стигнат

Никогаш
Никогаш не ќе умее
Да оди
Како што умееше огледалата да ги оре


Свиња

Дури кога го слушна
Бесниот нож в грло
Црвената завеса
Играта ѝ ја објасни

И ѝ беше жал
Што се оттргна
Од прегработ на калта
И што вечерум од поле
Толку радосно трчаше
Трчаше кон капијата жолта


Кокошка

Му верува
Само на веселото пивкање
На своите жолти сеќавања

Исчезнува
Пред снежните гранки
Што зад неа се пружаат

Станува сува
Под гладните езера
Што над неа кружат

Отскокнува
Од својата крвава глава
Што в ноќ ја нурка

Отскокнува
На легалото да узлета


Компир

Загадочно муртаво
Лице на земјата

Со полноќни прсти
Јазик на вечно пладне
Говори

Во зимницата на спомените
Со ненадејни изгреви
Изртува

Сето тоа
Зашто во срцето
Сонце му спие

Слики: Christopher Davison
Извор: Кора, 1953; циклус: Списак

ОкоБоли главаВицФото