Здружување (Синергија)

08.12.2014 12:01
Здружување (Синергија)

Во Македонија галопирачки расте апатијата и депресијата. Веќе излишно станува да се објаснува кои општествени и човечки фактори го предизвикуваат тоа, бидејќи се очигледни. Пред сè психички нездравата средина во која живееме ја уништува, разорува, опустошува нашата витална енергија.

Виталот е смачкан. Барем еднаш неделно се искачуваме на Водно за да си ги освежиме и обновиме силите. Тоа порано „нè држеше“ барем неколку дена. Сега веќе со самото симнување во градот свежината истекува и автоматски се претвораме во луѓе-зомби, без волја за живот. Виталот неповратно е руиниран.

Драги пријатели, послушајте ме барем еднаш.

Две работи се неопходни.

Прво: Чистота. Да ги погледнеме студентите и да научиме што е чистота, неоптовареност со/од „моќ“ и куп разочарувања.

Второ: Синергија. Синергијата ја спроведуваме ние што сме во зрела доба и повозрасните.

Синергија значи она негативното што го гледаме во другиот со кој се здружуваме, во себе да го преобразиме, а позитивното да го истакнеме.

Ниеден човек на планетава не е совршен. Но во искреното здружување (синергија) се смалува грдата страна, а се множи силата на убавината и добрината.

И што е идеалот сега? Идеалот е обичен - нормален живот, со доблест, достоинство, убав живот. Нема некоја голема филозофија. Да не се оптоваруваме со големи идеи и со големи промени и со „големи акции“. Да бидете едноставни и чисти и чесни (пак да се огледаме во младите луѓе) и да ги тргнеме од глава сите бомби, тиранини, диктатори, 3 АФИС машини кои тежат 8 тона, сè да тргнеме од глава, и да излеземе на протест за едноставен живот, за слобода.

Да не се оптоваруваме со тоа што било и тоа што е, туку да дадеме сè од себе да се преобразиме внатре во себе.

Државните институции во Македонија се потонати во тежок мрак. Вработените во нив се акутно депресивни и со чувство на безизлезност. Постојано ми повторуваат дека уште сто години ќе било така. Глупости! Како да тие ќе живеат и ќе бидат таму уште сто години, а не некои млади луѓе кои размислуваат поинаку!

Не сакам да слушам повеќе вакви неразумни изјави! Тие институции (односно државата и државното уредување) ги создаваат луѓето, а не се апстракции и натприродни сили кои управуваат со нив. Затоа луѓето со здружување и добра волја во континуитет, можат да ги променат. За тоа е потребно единство. За единство е неопходна внатрешна преобразба. За внатрешна преобразба е потребна љубов, љубов кон животот, кон својата земја, воопшто љубов, позитивен став.

Јас го нарекувам Љубов, тоа што друг го нарекува Хемија, трет Страст, или Супер-Нова (Македонија) или Слобода, Мир и така натаму...

П.С. Ја видовте ли вчера (во неделата) огромната ѕуница (божилак, виножито) која го засводуваше Скопје, од едниот до другиот крај? Огромно виножито беше, го опфаќаше целиот град. Јас го видов симнувајќи се од Водно, беше некаде околу 15.30 часот.

Ете токму таква ведрина и свежина во разни бои нека нè здружи нас луѓето од овој град.

ОкоБоли главаВицФото