Геополитиката на емоциите

09.12.2014 10:36
Геополитиката на емоциите

Глобализацијата за многумина, а особено за нејзините критичари, значи исто што и американизацијата. Ширењето на американското влијание – политичко, економско и културно – трае барем од Втората светска војна, но доби на сила со рушењето на советската империја во 1991 година, кога Америка остана единствена светска велесила. Така, сè поголемото обединување на светските економии и култури практично претставува обединување според американски аршини. Исходот од тоа е дека денешните антиглобализациски движења, кои сега со продлабочувањето на тековната финансиска и економска криза ги има сè повеќе, го комбинираат антиамериканското расположение со антикапиталистичките критики во борбата за еднаквост, фер трговија и одржлив развој.

Но, ако погледнеме внимателно, ќе видиме дека изедначувањето на глобализацијата со американизацијата е премногу поедноставено. Всушност, иако културното влијание на САД ширум светот е сеопфатно и без преседан, во економска смисла, Азија почнува да владее со Западот. Актуелниот стадиум на глобализацијата го отсликува созревањето на азискиот континент, што се манифестира со преселување на економската моќ од Западот со кој доминира Америка, во Кина и Индија.

Така глобализацијата може да се набљудува како комбинација на два различни феномени, кои можат да ни делуваат или контрадикторно или комплементарно. Од една страна, сведоци сме на влијанието на културната американизација на светот. Францускиот економист Даниел Коен смета дека постепеното намалување на наталитетот во јужната хемисфера е директна последица на популарноста на американските ТВ серии, каде семејствата со своите деца станаа универзален идеал. Од друга страна, економскиот раст на Азија го условува крајот на монополот на западниот модел. Превласта на Западот во светот, која започна со воспоставувањето на Британскиот раџа во Индија во средината на осумнаесеттиот и слабеењето на Кина во почетокот на деветнаесеттиот век, кулминирајќи во првиот дел од дваесеттиот век, судејќи според сè, завршува. Ова не е никакво изненадување за историчарите на империите, кои веќе долго знаат дека подемите и падовите на империите се одигруваат циклично.

Така, доаѓаме до состојба на асиметрична мултиполарност: клучните актери на светската сцена не се нерамноправни само според силата и влијанието, туку драматично се разликуваат и според перцепцијата на светот. Додека Америка и Европа нормативно им пристапуваат на случувањата во светот, врз основа на верувањата во универзалните вредности, Кина и Индија, а сега и посткомунистичката Русија, многу помалку ги интересира каков би требало да биде светот, според тоа каква ќе биде нивната позиција во тој свет. (Така, да речеме, руските ресурси со нафта и гас не треба да придонесат за подобрување на животот на планетата, туку треба да послужат за обновување на руската моќ и легитимитетот во рамки на меѓународниот систем.)

Таквото прагматично гледиште може да се согледа и во кинескиот став кон Сингапур. Градот-држава, со својата мешавина од конфучиски вредности и осумнаесетвековен просветен деспотизам, одигра голема улога во развојот на современа Кина. Кога во февруари 1978 година, новиот кинески лидер Денг Сјаопинг дојде во дипломатска посета на Сингапур, во него не ја препозна „плунката од комарците“ што ја паметеше од дваесеттите години. Едвај десет години од прогласувањето независност во 1965 година, Сингапур веќе беше богат град, кој го прифати капиталистичкиот систем под цврстото, но просветено раководство на Ли Куан Ју. Кога еднаш ќе се ослободат од социјалистичката економска визија, му зборуваше Ли Куан Ју на Денг Сјаопинг, комунистичките потомци на мандарините од Средното царство би требало да бидат економски поуспешни од потомците на сиромашните кинески селани од југот. И, таквата долгорочна визија навистина ја спроведуваа Денг и останатите кинески лидери. Овој прагматичен пристап ѝ се исплатеше на Кина. Вчудоневидувачкиот економски напредок на оваа земја беше достигнат без демократија, па дури и без владеење на правото.

Во меѓувреме, во остатокот од светот, демократијата опасно девалвираше со користењето на тој поим од страна на администрацијата на Буш во нејзините обиди да ги оправда геополитичките амбиции на САД. Несовпаѓањето помеѓу демократските идеали и реалната демократска практика во голем број западни и незападни земји делумно го објаснува трансферот на моќта од Америка во Азија, кој го опишав.

Ако демократските држави ја губат довербата во демократските модели, и ако автократските режими уживаат поддршка во својата антидемократска практика поврзувајќи ги високиот економски раст и политичката стабилност, најголем губитник во таквата еволуција е токму Западот. Пред помалку од дваесет години, непосредно по падот на Берлинскиот ѕид, Западот чувствуваше извесна надмоќ заради своите демократски вредности чие значење многу го надминуваше фактот дека на земјите како новата обединета Германија не им оди мошне добро на економски план. Меѓутоа, денес демократската суштина на Западот не се доживува како компензација за неговиот економски неуспех. Можеби емоциите повторно заземаа централно место на меѓународната сцена, делумно и заради тоа што Западот повеќе не може да се потпре ниту на своите вредности, ниту на својата водечка економска позиција, па заради тоа на глобалните промени реагира со одредено огорчување и настојување да го заштити својот драгоцен отворен свет од непријателските сили.

Но, основната причина зошто денешниот глобализиран свет е плодно тло за процвет, па дури и за експлозија на емоции, е затоа што глобализацијата предизвикува несигурност и го поставува прашањето за идентитетот. Во времето на Студената војна немаше причина да се прашуваме: „Кои сме ние?“ Одговорот беше очигледен на секоја карта која го прикажуваше светот поделен на два спротивставени системи. Но, во променлив свет без граници, прашањето за идентитетот е многу релевантно. Идентитетот е тесно поврзан со самодовербата, а од друга страна, самодовербата, или недостатокот на самодоверба, се искажува преку емоции – конкретно, преку страв, надеж и понижување.

Во економска смисла, глобализацијата може да се дефинира како интеграција на економски активности надвор од државните граници преку различни пазари. Движечките мотори на глобализацијата, кои брилијантно ги анализираше Мартин Вулф, се технолошките и политичките промени кои ги намалуваат трошоците за транспорт и комуникации и промовираат поголемо потпирање на пазарните принципи. Но, овој слободен проток на стоката на економски план подразбира и слободен проток на емоции на политички план, а во нив спаѓаат и позитивните (амбицијата, љубопитноста, желбата за самоостварување) и негативните емоции, кои можат да доведат до омраза помеѓу националните, верските и етничките групи. Така, тероризмот стана мрачното, трагично лице на глобализацијата.

Не сугерирам дека денешниот тероризам е директен производ на глобализацијата. Терористите отсекогаш ги преминувале државните граници обидувајќи се да ги исполнат своите цели (да речеме, во Европа во деветнаесеттиот век), а тероризмот на Ал Каеда произлезе од специфичната политичка ситуација на Блискиот исток, која ѝ претходи на глобализацијата и се разликува од неа. Но, новиот елемент е улогата на развојот на комуникациите и транспортот во стратегијата на терористите, со медиумска револуција (вклучувајќи го и интернетот) која на терористите им овозможува нов простор за ширење на пораките. Новите технологии создадоа свет во кој, да го парафразираме Черчил, никогаш толку малку луѓе не можеле да им наштетат на голем број други луѓе. Во светот во кој Западот веќе нема монопол над медиумите, настаните и конфликтите можат да се претстават од мноштво аспекти. На пример, инвазијата на Израел врз Либан, летото 2006 година, можеше да претставува два сосема различни конфликти, во зависност од тоа дали ја следите на Ал Џезеира или на телевизијата Си Би Ес (CBS). Во денешниот свет, сите имаат пристап не само до непрекинатиот тек на информациите, туку и до текот на емоциите. Сега, кога американските ТВ серии станаа референтен материјал во секој агол од светот, сиромашните знаат како живеат богатите, и обратно. Резултатот од тоа е дека богатите тешко можат да ги игнорираат сиромашните ширум светот, чиј бес можат да го видат на вестите. Многу сиромашни луѓе го ставаат животот на коцка, преминувајќи мориња и прескокнувајќи огради, за да стигнат до светот на богатите; другите, кои остануваат во својата земја, развиваат трајно чувство на омраза кон имотните, кои свесно ја игнорираат нивната судбина.

По 11 септември, братот на еден терорист од Ал Каеда, кого го уапсиле американските војници пред да успее да им се придружи на деветнаесетмина други конспиратори, даде интервју за една француска телевизија. Својот брат го опиша како млад човек кој „сакал да се пробие до самиот врв на Волстрит, или да го уништи светот во кој нема место за него“. Таквата изјава би била невозможна доколку Волстрит и исламскиот Блиски исток сè уште им припаѓаат на одвоени светови, како некогаш. Во транспарентен свет, сиромашните сега знаат за светот на богатите, а богатите ја изгубија привилегијата за негирање. Тие можат да изберат да ги игнорираат трагедиите на земјите во развој, но тој избор мораат да го направат свесно, а сè почесто и на своја штета. „Да не се дејствува значи да се дејствува“, зборуваше теологот Дитрих Бонхофер. Денес, да не се интервенира за да се ублажат страдањата во светот претставува еден облик на интервенција.

На тој начин глобализацијата создаде процес на универзално мерење, кој го прави Западот уште поранлив. Тоа е така дури и во споредба со времето на Студената војна, и тогашната константна опасност од нуклеарно наоружување, која беше помалку дифузна и повидлива, па со самото тоа, од оваа перспектива, емоционално поподнослива, па дури и „смирувачка“. Кога Западот и Истокот беа во конфликт преку метафизичкиот ѕид (кој, се разбира, беше реалност во Берлин), непријателот беше сингуларен, лесно препознатлив, и можеше да се анализира, да се осуети, а со него можеше и да се преговара. Сега, сето тоа се смени, и сега непријателот не доаѓа само од друга културна или верска сфера, туку изгледа дека доаѓа од друга ера, од некое друго време со предмодерни историски и политички мерила.

Приватизација на насилството преку тероризам; факт е дека сè поголем број конфликти се од интерен, а не екстерен карактер (граѓански војни, а не меѓународни конфликти); невидливата природа на терористичките закани; зачестеност на неполитички закани како пандемии и климатски промени: сите овие фактори придонесоа за чувство на несигурност, ранливост и страв. Денес на Запад стравуваме од нешто што може да се резимира во едно единствено прашање: каков свет ќе наследат нашите деца? Дали комбинацијата од спектакуларни демографски трендови – која ќе доведе, според некои предвидувања, до свет со девет милијарди жители во 2050 година – и сè посериозниот недостаток од енергија, вода и други добра, ќе предизвика екстремни планетарни тензии, па дури и војни за гол опстанок?

Ако дваесеттиот век беше „американски век“ и „век на идеологија“, мислам дека постојат добри докази дека дваесет и првиот век ќе претставува „азиски век“ и „век на идентитети“. Паралелните поместувања од идеологијата кон идентитетот и од Запад на Исток, докажуваат дека емоциите станаа поважни од кога било во нашето согледување на светот. Во идеолошката атмосфера на дваесеттиот век, светот беше дефиниран со спротивставените политички модели: социјализмот, фашизмот и капитализмот. Во современиот свет, идеологијата е заменета со борбата за идентитетот. Во ерата на глобализацијата, кога секој е поврзан со секого, значајно е да се истакне сопствената индивидуалност: „Јас сум единствен, јас сум различен и, ако е потребно, подготвен сум да се борам додека не го признаеш моето постоење. „Словакот не е Чех, а Црногорецот не е Србин. Во светот во кој доминира идентитетот, нашите политички убедувања и идеи не нè дефинираат во толкава мера, колку што нè дефинира поимањето на нашата суштина, самодовербата што ја црпиме од секој успех и почитта што ни ја покажуваат другите, или недостатокот од таа почит.

Во ваквото поимање на нашата суштина, емоциите стапуваат на сцена, подеднакво поврзани со нашата перцепција за другите, колку и со туѓата перцепција за нас самите. Емоциите истовремено претставуваат и рефлексија во огледалото и во очите на оној што се гледа. Емоциите се реципрочни, а тоа добро се гледа од примерот на модерните, образовани муслиманки, кои на Запад одлучуваат да носат хиџаб, и на тој начин иницираат низа рефлективни емоции во врска со нивниот идентитет и нивните мотиви. Се плашите од некого, некој ве понижува, дури и кога се работи за надеж – добивате поттик од туѓиот успех. Таквите испреплетени, меѓусебно зависни емоции се клуч за разбирање на нашиот свет со кој доминира идентитетот.

На тој начин стравот, понижувањето и надежта можат да се разберат како природни и витални елементи на човечките битија, како трите состојки на крвта: црвените крвни зрнца, белите крвни зрнца и плазмата. Овие три елементи ни се потребни на сите, за да живееме здраво. Но, здравјето зависи од нивната правилна рамнотежа. Да се има премногу или премалку од која било од овие состојки е опасно за рамнотежата на телото и за долгорочното здравје. Правилниот однос на емоциите е од витално значење за „здравјето на светот“, како што „исправната“ крвна слика е важна за поединците.

Две „страсти“ (емоции) со кои најмногу се занимавал холандскиот филозоф од седумнаесеттиот век, Спиноза, се надежта и стравот, затоа што двете се однесуваат на неизвесноста од она што ќе ни го донесе иднината. Но, двете се неопходни во животот. Одредена доза страв е неопходна за опстанок, а надежта го напојува моторот на животот. Дури и понижувањето во многу мали дози може да го поттикне поединецот да напредува, особено ако доаѓа од пријател кој е подобар во спортот или на училиште, или од пријателска држава која постигнува подобри резултати во спортот или работењето. Но, свесното понижување без надеж е деструктивно, а премногу страв, премногу понижување и недоволно надеж ја претставуваат најопасната од сите можни општествени комбинации, онаа која води до најголема нестабилност и најголеми тензии.

Доминик Моиси, прво поглавје од книгата „Геополитика на емоциите – Како политиките на страв, понижување и надеж го прекројуваат светот“.

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото