Анегдотата за Пакистан и Балучистан и приказната за студентските протести

09.12.2014 12:32
Анегдотата за Пакистан и Балучистан и приказната за студентските протести

Во пресрет на маршот на студентите на 10 декември, би сакал со вас да споделам една анегдота од периодот 2006–2008 кога работев на програмата на НДИ за политичка едукација во Пакистан со ограноците на 9 политички партии од таа земја.

За НДИ во Пакистан раководев проект за обуки за политичко организирање со група од 45 претставници на младинските ограноци од деветте најголеми политички партии од Пакистан. Двајца од активистите кои ги обучувавме доаѓаа од BNP (Baloch National Party), која ги претставува припадниците на етничките Балучи. Балучистан е една од четирите провинции во Пакистан, граничи со Авганистан, во потегот кон Иран и во неа се наоѓаат тренинг центрите и неколку бази на Пакистанската Армија. Студент на армискиот колеџ во Балучистан е и поранешниот генерал и претседател на Пакистан, Первез Мушараф.

Во текот на мојот престој во Пакистан едно од горливите прашања кои беа дел од политичкото секојдневие во најмалубројната пакистанска провиција, беа неколкуте илјади исчезнати Балучи од серијата прогони и апсења од страна на армискиот естаблишмент.

Два дена пред да отпочне една од обуките кои ги одржувавме во Исламабад, се обидов да стапам во контакт со учесниците на обуката од BNP, но не беа достапни. На тридневниот семинар во Исламабад не се појавија, а во Квета, главниот град на провинцијата, неколку дена претходно генералот и претседател Мушараф имаше посета која беше проследена со протести од страна на студентите и младите за прашањето на исчезнатите лица во Балучистан.

Семинарот во Исламабад заврши, но активистите на БНП со кои работевме и понатаму не одговараа на нашите повици и пораки. Конечно неколку дена по обуката, мојата колешка Хина, храбра, образована и интелигентна млада Синди девојка од Равалпинди и Нур, висок горостасен Паштун со дебели црни бркови и изразени јаболчици, по потекло од познатото племе Рехман, влетаа во мојата канцеларија со насмевки на лицето и ми го подадоа мобилниот.

„На телефон е Лиакат“ — ми кажа озарено Хина.

Со блага насмевка и чувство на олеснување го зедов мобилниот и изговорив на англиски:

„Лиакат, конечно! Те барам веќе неколку дена. Те чекавме да дојдеш во Исламабад но не дојде. Добро си?“

Од другата страна на телефонот ме дочека среќен и весел глас. На типичен пакистанско-англиски ми се обрати:

„Господине Емил, извинете, не можев да дојдам на обуката но сè е добро J, супер сум. Во ЗАТВОР сум “  -  продолжи да се смее.

„Каде ?!“ - кажав зачудено.

„Во затвор! Во затвор!“  -  и продолжи да се смее.

„Еве конечно успеав да дојдам до телефон и да Ви се јавам! Генералот Мушараф беше во Квета (никогаш не му се обраќаше со претседателот). Заедно со колегите студенти решивме да протестираме на патот по кој требаше да помине генералот и држевме плакати со кои баравме исчезнатите Балучи да се најдат и ослободат. Полицијата нè уапси поради протестот и еве веќе неколку дена сме во затвор“ -  продолжи да се смее.

Неколку мисли ми поминуваа низ главата во тој момент но една доминираше: Што е смешно?!

„Лиакат “, го прекинав. „Може да те прашам нешто? Зошто се смееш?“

„Господине Емил  -  ова господине ми беше и мене смешно зашто имав само 27 години  - Па јас сум уапсен за политичка активност. Тоа значи дека ќе добијам почит од постарите членови и лидерите во партијата. Знаете  - продолжи да објаснува насмеано  -  кај нас ако не сте биле во затвор поради политички став, говор или активност исто како да не се занимавате со политика. Така луѓето повеќе ве почитуваат бидејќи се жртвувате за нив. Затворот е добар за мене. Сега имам почит од постарите.“

Не знаев што да одговорам. Се насмеав. Не поради тоа што го кажа, туку поради тоа што беше добро. Посакав да излезе од затвор наскоро и да се видиме. Така и се случи.

Неколку месеци подоцна, со грант од холандската амбасада во Исламабад, успеавме на четиридневна посета во Хаг и Амстердам да однесеме група од 12 млади активисти од 6 политички партии од Пакистан. Имаа состаноци со своите холандски колеги од младинските партиски ограноци. Лиакат од Балучистан беше еден од тие кои беа со нас.

На пауза за ручек помеѓу состаноците со целата група седевме покрај плажата во Хаг. Немаше сонце. Тоа беше само сива, ладна холандска плажа со темно ладно море, на која во тој студен септемвриски ден млади, деца и постари облечени во јакни шетаа на шеталиштето покрај плажата. Лиакат ги извади патиките и чорапите и застана во песокот на плажата. Никогаш нема да заборавам што ми кажа:

„Господине Емил. Луѓето се толку слободни тука  - упатувајќи поглед кон минувачите на шеталиштето  - Би сакал да е така и кај нас.“

„Би сакал и јас Лиакат. Го заслужувате тоа“ - му одговорив.

Ме трогна тоа што го кажа и колку ја ценеше слободата која луѓето во Хаг ја уживаат во една обична прошетка. Често забораваме и не сме свесни дека голем број луѓе на светов секојдневно се борат за својата слобода и права.

Приказнава често ја кажувам на пријатели, студенти, познаници кога зборуваме за политички активизам. Аналогии и сличности со оваа приказна можете да најдете за низа прашања и во Македонија но и во светот. Денес решив да ја споделам со вас тука, во пресрет на утрешниот протест на студентите. Не затоа што Македонија е Пакистан и покрај тоа што како и Пакистан и ние имаме политички затвореници (Кежаровски; Вранишковски; Бошковски; Рамковски) или затоа што за мирен протест ќе завршите во затвор.

Приказнава ја споделувам затоа што често забораваме дека правата, а посебно слободите, не ни се дадени засекогаш и дека за истите треба да се бориме, а принципите на кои тие почиваат треба да ги почитуваме и практикуваме во секојдневното живеење.

Студентите денес во Македонија, исто како и Лиакат од приказната што ја споделив, честопати се во првите редови при одбраната на приципите за слобода и стекнати права. Во конкретниов случај со Македонија студентите, за разлика од тивкото мнозинство професори кои се превртеа и глумеа мртви кога им ја одземаа автономијата на Универзитетот, се решени да си ги одбранат стекнатите права и својата слобода. Нивниот став во својата основа и срж е политички став. Тој е одговор на пропаднатите политики и политиката на владата. Нивниот став не може да е ништо друго туку политички став. Тие не се спремни без консултација и без разговор со нив да се согласат на реформа на пропаднатите високообразовни политики на оваа Влада на начин на кој дополнително арбитрарно ќе им воведе услови за екстерно тестирање.

Приказнава ја споделувам од солидарност, но и за компарација, затоа што и покрај сите обиди да се оцрнат, етикетираат, навредат, демотивираат и поткупат студентите од страна на Владата и партијата на власт, тие покажаа многу повеќе доблест, храброст и зрелост од оние кои се избрани да нè претставуваат на одговорен и чесен начин. Додека во својата основа студентските и средношколски протести во 1997 беа шовинистички, националистички, антиалбански, антицивилизациски (се протестираше против зголемување на квоти за образование на Албанците) овие протести се антипод на протестите од пред 17 години.

Фактот што целиот владин естаблишмент заедно со нивната пропагандна оцрнувачка ТВ и новинска машинерија, се ставија во погон да го спречат и осуетат следниот мирен и слободен протест на 10 декември кажува многу. Некој е многу нервозен затоа што студентите ја соголија пропаднатата образовна политика и го обезличија обидот на еден бесмислен начин владата да воведе екстерно алиби за нивниот неуспех. Исто така, некој е сериозно уплашен од евентуалниот успех на протестите. Ако студентите во периодот кој следи, успеат да се изборат за ова прашање, да мобилизираат многу повеќе студенти, ако во солидарност извадат многу повеќе луѓе на улица на 10 декември, стравот на владиниот естаблишмент е дека и други граѓани ќе се охрабрат да кренат глас против начинот и политиките со кои се ограничија економските, медиумските, социјалните и политичките права и слободи во Македонија.

Затоа јас принципиелно ги поддржувам сите оние кои ќе протестираат на 10 декември. Ги поддржувам студентите, колегите, оние неколкумина професори вредни за споменување и сите оние кои добронамерно и искрено се солидаризираат со студентското движење. На студентите кои ќе излезат на протест исто така сакам да им пратам и една порака.

Слободно излезете и искажете став. Најлошото што може да ви се случи е да ве етикетираат и да Ви стават од оние црвените кругови на Курир.

За неколку години, од историска дистанца, кога ќе бидете постари, помудри, сеќавајќи дека сте искажале став кога сте можеле и ќе седите на некој собир со поранешните колеги од факултет некој ќе каже:

Ви текнува кога протестиравме против владата и екстерното, а оние од Курир кога ни ставаа црвени кругови?

И ќе се смеете.

Исто како и Лиакат од приказната за Балучистан. Затоа што сте борите за вашите права.

И затоа што се смешни сите кои ве етикетираат денес.

#СтудентскиПленум

#СтудентскиМарш

Извор: medium.com/@EmilitoAtanez

ОкоБоли главаВицФото