АЕК го прекардаши со неконтролирано трошење

10.12.2014 13:37
АЕК го прекардаши со неконтролирано трошење

Трошаџиските навики на АЕК излегуваат надвор од контрола деновиве, кога таа реши да им наметне прикриен данок на телекомите по гангстерскиот принцип на „понуда која не смеат да ја одбијат“.

Кога имаш премногу пари, не знаеш што да им правиш. Ова може вака ако парите се твои или од татко ти, ама не ако се јавни. АЕК (Агенцијата за електронски комуникации) е едно такво место кое има куп пари на кои не знае што да им прави. За некои од нивните екстравагантни и непримерни трошаџиски навики веќе донекаде знаеме, а за некои и не баш.

На пример, познато е дека кога во 2009 година АЕК со народни пари купи државни обврзници во износ од 10 милиони евра за да го поткрепи буџетот на власта. Познато е, исто така, и трошењето на 24 илјади евра за една журка, која се случи пред пар години и за која слушнавме смешно оправдување дека така требало за потребите на клиентите.

Она што е помалку познато е дека АЕК ѝ „донираше“ пари на владата за панорамското тркало во износ од 1 милион евра. Исто така, помалку познато е дека лани во првата половина од годината, пред да се спроведе дигитализацијата на телевизискиот сигнал, АЕК само во еден наврат им даде по 3 милиони евра на Македонска радиодифузија и Македонска радио телевизија без да дознаеме за што поточно се тие пари. Како што не дознавме, патем, ни колку чинеше брзиот и сеопфатен процес на дигитализација, иако има пресметки кои велат дека непотребниот цех или непотребно брзо потрошените пари и непотребно брзо спроведениот проект (не е дека сега, една и пол година подоцна, сите имаме ЛТЕ/4Г телефони во џебот) изнесуваат околу 30 милиони евра јавни и приватни пари, а без поконкретно да се знаат придобивките зошто некоја сеопфатна студија на оваа тема не ни видовме да се појави.

Непримерното трошење продолжува и понатаму. АЕК деновиве објави тендер (треба регистрација) за купување на авиобилети во проценет износ од 17,5 милиони денари (285 илјади евра) за период од 24 месеци. 285 илјади евра по 300 евра билет (на пример) се 948 авиобилети. Останува нејасно зошто на АЕК, со неколку десетини вработени, би ѝ требале 400-500 авиобилети годишно.

И, на крај ова најновово. Во планот за идната година АЕК ја зголемил ставката за помош, донации и други давачки од 80 милиони денари (1,3 милиони евра) на 161 милион денари (2,62 милиони евра) и оваа бројка изнесува 28,6 отсто од приходите на Агенцијата.

Сето ова е без врска. Ова е прикриен данок врз телекомуникациските компании, кои за ова оправдано се бунат и тој се воведува полошо од начинот на кој тоа го направи Виктор Орбан во Унгарија, кој на телекомите барем транспарентно им наметна дополнителен данок. Овде тоа се прави подло и нетранспарентно, само за АЕК овие пари после да ѝ ги даде на Владата за таа да прави панорамски тркала, кампањи за своите пропагандни мегафони и слични глупости кои не сака да ги стави директно во буџетот, туку вака прикриено да ги земе од компаниите и да ги троши како сака.

Нормална власт ова не би го правела и не би дозволила една обична агенција како АЕК да располага со толку многу пари колку што има. Што ќе ѝ се на АЕК приходи од 9,15 милиони евра годишно? Што тоа АЕК би требало да направи со овие пари? Тие по правило се наменети за развој на телекомуникациите, но толку средства на овој сектор секоја година во никој случај не му се потребни. Од друга страна, на буџетот на РМ пари секогаш му се недостигаат. Затоа, најголем дел од овие пари треба да се пренасочат директно во буџетот, односно поголем дел од средствата што како приходи ги добива АЕК треба да се насочат директно во Министерството за транспорт и да станат дел до генералниот буџет.

Не може буџетот да има дефицит од над 300 милиони евра, а АЕК да се дави во пари. Тоа е глупост. Е, да, ама за ваков потег треба да имаме нормална власт која нема да ги купува сите регионални телевизии во земјава со цел да врши пропаганда врз својот народ со децении во иднина, власт која за својата партија нема да купува имоти низ цела држава во износ од 1,6 милиони евра, исто подготвувајќи се да владее до бесконечност и власт која нема АЕК да ја користи како резервен фонд за своите непродуктивни проекти со кои ја потхранува сопствената суета.

Извор: anfas.blogspot.com