Промоција на „Смртта на уметноста“ од Костадин Героски

11.12.2014 12:13
Промоција на „Смртта на уметноста“ од Костадин Героски

Во петок, на 12 декември со почеток од 20 часот во кино Фросина (МКЦ) ќе се одржи промоцијата на романот првенец на Костадин Героски насловен како „Смртта на уметноста“. Се работи за еден урбан роман, кој се занимава со тековната македонска реалност, но и со гематрија и естетичка теозофија. За романот ќе говори проф. Елизабета Шелева, а извадоци ќе прочита Елена Митреска.

Насловена според несреќната идеја на Хегел дека „уметноста неповратно ќе умре“ оваа навидум есхатолошка книга, напротив, му порачува на самиот Хегел дека уметноста ќе воскресне. Смртта е состојба на духот, но во природата постои само трансформација, што ќе рече: Воскреснување!

„Овој роман, инаку, прво пообемно книжевно остварување на авторот, најавува амбициозен и интелектуално љубопитен писател, раководен првенствено од желбата отворено, храбро и критички да проговори за предизвиците на своето време, својот народ – но и за дилемите и предизвиците, со кои е соочена современата уметност воопшто. Тоа е една есеистичка Одисеја во наративна форма – себепотрага низ традицијата, историјата, сегашноста, но и иднината (доколку го земеме предвид третото, футуристички насочено поглавје - Скопје 2054).

Јадрото на самото национално битие, македонството - според романот на Героски, се претставува како естетичка категорија пар екселанс, поточно, како естетичка егзистенција. Македонството е разбрано како принцип на избор, попрво отколку како строго зададен, генетски (крвен) императив.

Една од драгоцените одлики и доблести на овој роман е токму треперењето на силниот утописки импулс, кој се покажува посвеж од нихилистички зачмаената атмосфера и искушенија на едно време, задушено од цинизмот и суровоста на профитот, парите, капиталот и моќта.“ - вели Елизабета Шелева во своето излагање за романот на Героски.


Костадин Героски (1988) објавувал метаесеи во Репер, Зеница, Наше Писмо... и за некои од нив бил наградуван. Исто така, на скопската публика ѝ е познат и како поет и сликар. Освен тоа, јавно зборувал за холофрактографската квази-реалност на 21-от век, како и за своите идеи за новата книжевност.


За тоа какво парче литература да очекуваме, најдобро би се доловило преку зборовите на авторот, кој вели дека се работи за „...урбан роман за револуција на улиците на Скопје. Ова е актуелен роман, во кој јавно се критикува сегашноста, прото-фашизмот, и се бара решение за проблемите на младиот македонски човек - но и на духовната криза на пост-постмодернизмот. Се бара помирување на левата и десната хемисфера, традицијата и современоста, на јазик афористички лесен, но напати вулгарно експериментален, каков што впрочем ни фали.“