Груевски: Отсуството на сендвичи е доказ дека студентите не знаат зошто протестираат

11.12.2014 13:55
Груевски: Отсуството на сендвичи е доказ дека студентите не знаат зошто протестираат

Скопје, 11 декември 2014

Отсуството на сендвичи во рацете на студентите на вчерашниот студентски марш е јасен доказ дека академската младина, придружена од средношколците и граѓаните, не знае зошто протестира, изјави премиерот Никола Груевски за Курир, а изјавата ја пренесоа Сител, Канал 5, Алфа и Вечер.

„Практиката покажува дека на секој автентичен, граѓански протест без партиска позадина, совесните и бунтовни граѓани имаат исти сендвичи во рацете, а понекогаш и сокови“, рече Груевски.

Тој додава дека можеби имало по некој студент што изел некакво мало чоколатце, евентуално кроасан, но таквата појава е ретка и не може да ја поправи сликата.

„Знаеме дека гладните млади луѓе не расудуваат баш најдобро и не можат да сфатат дека екстерното тестирање, пардон, државниот испит е за нивно добро“, рече премиерот и ги повика да размислуваат подлабоко, како нивните колеги кои за 5 минути случајно се појавија на исто место за да дадат поддршка за државниот испит пред камерите на Курир.

Како автентичен граѓански протест и позитивен пример за активизам премиерот го издвои оној од јуни минатата година, кога стотици демонстранти во верски занес ја кршеа Општина Центар.

„Криво ми е за студентите што се изманипулирани од одредени центри на моќ и не ја запазуваат прехранбената димензија на протестот. Се надевам дека тоа наскоро ќе се смени. Знаат каде се сендвичите кои ќе им помогнат подобро да размислат“, поентираше премиерот.