1028 hPa
67 %
12 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 17:59
Ми претставува исклучителна чест што стојам покрај оние кои се бореле за човековите права и покрај тоа што било тешкo и покрај големите лични жртви. Дури и тогаш кога никој не обрнувал внимание на тоа, кога ни самите не барале ниту добиле признание.
Наградите по природа се нешто што е наменето за поединец, но оваа награда можам да ја примам само во име на многумина. Таа е признание за сите кои, не само во минатите неколку години, туку во текот на неколку децении, сфатиле дека „човековите права“ се само ново име за еден стар концепт. Концептот на слободата.
Цената на борбата за слобода во турбулентни времиња, времиња на страв, нови опасности, закани, е незамислива и често е многу висока. Новинарите со кои имав чест да работам, издавачите ширум светот, активистите, свиркачите, со еден збор цивилното општество, сите тие многу ризикуваа.
Многумина, вклучувајќи ја и Сара Харисон, за која знам дека денес е овде во публиката, просто не можат повеќе да се вратат во своите домови. И самиот сум во егзил повеќе од една и пол година.
Тоа се работи кои наскоро нема да се променат. Но вредеше. Цената која ја плативме, жртвите кои ги поднесовме. Верувам дека повторно би постапиле така, бидејќи тоа е далеку поважно од поединците.
Станува збор за нас, за нашите права, за тоа во какво општество сакаме да живееме, каква влада сакаме да имаме. Каков свет сакаме да им оставиме на идните генерации.
Кога зборуваме за владите, мораме да разбереме дека е важен не само „квалитетот“ на владата туку и нашиот однос со неа. Сакаме ли да бидеме само поданици? Или партнери?
И покрај сите брилијантни умови во оваа сала, стручњаци, државни службеници, претставници на граѓаните и индустријата, кои ширум светот работат на решавање на овие проблеми, значи и покрај сите нив не можеме да донесеме исправни одлуки ако ги немаме најважните информации.
И владата и демократијата се институции засновани на принципите на „согласност“. Согласноста на луѓето е безначајна ако не се информирани. Токму тој принцип ме доведе до овде.
Кога размислуваме за предизвиците и проблемите со кои се соочуваме, за новата атмосфера на страв како одговор на новата опасност во која дејствуваат сите влади и институции во светот, значи кога ќе погледнеме што се случува, сепак постои причина за надеж.
Јас сум оптимист. Да погледнеме што се случи од минатата година, од моментот кога излегов во јавност, кога се побунив. Ме нарекуваа шпион. Ме нарекуваа предавник. Некои од највлијателните американски државници расправаа за тоа. Ме ставија на листа за отстрел преку дронови.
Тоа сега во голема мера е минато. Владите прво зборуваа дека луѓето не треба да знаат сè, дека поради овие информации ќе ги „окрвавиме рацете“, дека медиумите „ќе изложат животи на опасност“, дека терористи ќе ги срушат авионите над европското небо. А што се случи? Европа го приземји авионот на боливискиот претседател, бидејќи мислеше дека јас се кријам во него и дека се обидувам да добијам азил во Јужна Америка.
Тоа сега е зад нас. Сведоци сме на големи промени, неверојатни расправи во парламентите, медиумите, академските установи ширум светот. Гледаме како се менува самото ткиво на интернетот поради технологиите кои ја штитат приватноста, кои ги штитат нашите права на еден нов и разумен начин кој ги надминува државните граници.
Тоа значи дека без оглед како некои права се штитат во Кина, ако се занимавате со нешто што има за цел заштита на правата, ќе уживате заштита без оглед на законите на земјата во која живеете или работите. Тоа е неверојатно достигнување за човековите права ширум светот.
Кога зборуваме за владите и промените кои тие ги најавуваат и кои се случиле, тоа никаде не е толку очигледно како во САД. Во земјата чија влада ме обвини, подигна три обвиненија против мене, вклучувјаќи и обвинение за шпионажа, велејќи дека сум им ги продал информациите на нашите непријатели, иако за тоа не постои ниту еден доказ - сега директорот на NSA вели дека тоа сепак не било крај на светот, додека претседателот на САД изјавува дека основал независно тело чија задача е да ги испита сите програми за масовен надзор.
Значи, тие лажеа. Сè уште не успеаја да спречат непосредно ниту еден претстоен терористички напад. Тоа е клучно, бидејќи научивме дека масовниот надзор, таа политика која ја криеја од нас, од јавноста, не само од американските или шведските граѓани, туку од целиот свет - дека таа воопшто не ни помогна, иако нè чинеше многу наши права.
Претседателот изјави дека оваа расправа дополнително нè зајакнала како нација. Тоа беше само почеток. Од тогаш судовите во САД донесоа пресуда против програмите за масовен надзор, додека Европскиот суд за човекови права го забрани складирањето податоци, бидејќи тоа е повреда на човековите права која ги изложува поединците на непотребен ризик. ОН објавија извештај според кој масовниот надзор претставува груба повреда на човековите права.
Сето тоа претставува темел, основа која можеме понатаму да ја разработуваме додека расправаме за оваа политика, за програмите кои се развиваат во тајност, без знаење на јавноста и без наша согласност. Дали се оправдани, неопходни и соодветни опасностите со кои се соочуваме? Дали користат најмалите инвазивни мерки за да ги овозможат неопходните истраги?
Овде не станува збор за укинување на службите за безбедност, запирање на полициските истраги, намалување на нашата безбедност, туку за обезбедување на нашето општество, заштита на нашите права, нашите слободи кои сме ги наследиле од претходните генерации и кои сакаме да ги пренесеме на следната.
Заедно, на овие места каде отворено расправаме, инспирирани од жртвите кои ги поднесоа голем број луѓе ширум светот, можеме да ги оствариме тие права, можеме да ги имаме тие слободи и отворено и либерално општество, бидејќи дури и во моментите на голема опасност се залагаме за либерални вредности.
Се надевам дека и покрај сè што постигнавме во минатата година ќе сфатиме дека ова е само почеток и дека постојат многу нешта шо мораме да ги оствариме. Се надевам дека во следната година можам да сметам на вашата поддршка за предлогот за основање специјален известувач за приватност и дигитални права при ОН, за да се заложиме за слобода без оглед на тоа каде некоја служба работи и каде технологијата за надзор се наоѓа, без оглед на тоа која земја ќе одлучи дека е потребно да ги ограничи нашите права затоа што се соочува со нови опасности.
Говор преку видео линк од Москва по повод примањето на наградата Right Livelihood, алтернативна Нобелова награда, во шведскиот парламент.
Извор: YouTube, 02.12.2014.