
Едно мартовско утро во 2014 година, Европјаните се разбудија во светот на Путин. Одеднаш, мирот веќе не беше природна состојба на нештата. Меѓународните договори и институции престанаа да ги штитат нивните државни граници. Шокирани, открија дека економската меѓузависност може да биде извор на големи несигурности и дека е срушен поредокот по студената војна.
Игрите на Кремљ со поттикнување и смирување конфликти во басенот Доњецк, кај многумина западни коментатори предизвикаа страв дека Европската унија се претвора во пословична жаба во лонец со вода која се загрева, сè додека жабата, не претчувствувајќи ја опасноста, не сварена зготвена жива.
Дали постои начин европските лидери навистина да ја сфатат Русија? Дали се во состојба да ја разберат смислата на нападите на Кремљ на европскиот поредок? Дали ова е нова или стара студена војна, дали агресивното руско однесување треба да се набљудува низ класичната геополитичка призма или зад анексијата на Крим се крие нова конзервативна идеологија на Москва?
Разбирањето на Русија секогаш било тешко, но гледањето на филмот „12“ на Никита Михалков секако помага. Се работи за класично идеолошко дело. Нималку лошо, иако малку подолго. Овој филм е снимен за западната публика, со намера да ги доведе во прашање либералните вредности на западот и неговата интерпретација на Русија на Путин. Почетната ситуација е слична на онаа од филмот „12 гневни луѓе“ на Сидни Ламет, снимен пред десет години, во кој млад Порториканец е обвинет за убиство на татка си.
Неговата вина е несомнена, сведоците се доволно веродостојни, а сите поротници се наклонети кон брзо донесување пресуда – сè додека еден од нив храбро не истапи со предлог подлабоко да го разгледаат случајот и барем да ја земат предвид можноста дека младиот човек е невин. Овој филм е класично дело на американскиот либерализам – симфонија во слава на моќта на поединецот да се избори за вистината, во име на основаното сомневање, во име на разумната дискусија, почитувањето на фактите и триумфот на правдата. Снимен е во времето на Макарти и страствено ги брани американските либерални вредности.
Во римејкот на Михалков, млад Чеченец е обвинет за убиство на својот очув, офицер на руските специјални единици, кој го спасил детето откако неговите родители загинале во конфликт и го донел во својот стан во Москва. Приказната почнува кога дванаесетмина поротници (сите се мажи) се повлекуваат во импровизирана поротничка просторија – училишена сала за гимнастика. Како и во филмот на Ламет, случајот е невидум чист како солза, но еден осамен поротник изразува сомнеж. Поротниците почнуваат да расправаат отркивајќи ги своите карактери. Додека надвор паѓа мрак, а снегот ги прекрива улиците, тие го преиспитуваат и реконструираат случајот. Но, ставовите на поротниците нема да ги променат аргументите, туку нивните искуства. И во пронаоѓањето на правдата нема да им помогне вистината, туку сочувството.
Завршетокот на рускиот филм значително се разликува од американскиот оригинал. Во интерпретацијата на Михалков не е важна победата на правдата, туку судбината на момчето: јасно е дека, доколку биде ослободен, ќе го убијат вистинските убијци на неговиот очув. Затоа, еден поранешен офицер на КГБ кој зборува како претседателот Путин (алтер егото на Никита Михалков), пред поротниците поставува избор: или невиното момче да го задржат во затвор за да му го спасат животот или да се посветат на неговото спасување доколку биде ослободен. И, сосема очекувано, грижата за момчето ја презема поранешниот офицер на КГБ.
Чеченското момче е метафора за посткомунистичката Русија – постимперијално сираче, осудено на пропаст во глобализираниот свет, ако некој не ја преземе грижата за него.
Изградбата на „држава-тврдина“, „тврдина-идентитет“ – тврдокорна држава која може да биде интегрирана во глобалната економија само ако нејзината внатрешна политика е отсечена од надворешни влијанија – беше главна цел на државотворниот проект на Путин, од неговото доаѓање на власт.
Во периодот по студената војна, Европа се покажа неспособна да ја разбере Москва. Таа неспособност да се процени силината на руската огорченост од европскиот поредок е вкоренета во европската наклонетост руско-европските односи по студената војна да ги набљудува како двострано корисна игра, во која Европа е добродушна, вегетаријанска сила, која никој разумен не може да ја доживее како закана.
Сè до анексијата на Крим, западот веруваше дека Русија знае да губи ако го загрози меѓународниот поредок, а особено ако ја доведе во прашање неповредливоста на меѓународно признаените граници, од кои зависи и безбедноста на европски изложеното југоисточно крило. Европските лидери успеаја да се убедат себеси дека зад затворените врати на Кремљ, Русија навистина ја плашат единствено Кина и ширењето на радикалниот ислам, а дека нејзините бескрајни лелеци во врска со зголемувањето на НАТО сојузот или американските противракетни инсталации во Европа, едноставно се популистичка забава за домашната ТВ публика. Се покажа дека овие претпоставки биле погрешни.
Европските лидери и ставовите кои преовладуваат во Европа, станаа жртви на сопствените поедноставени и карикатурални претстави за природата и капацитетот на елитата на Путин. Вистинските приказни за сеопшта корупција и цинизам кои стигнуваа од Русија, ги наведоа да поверуваат дека елитата на Путин ја интересираат само парите и дека таа нема да направи ништо што ќе ѝ ги загрози бизнис интересите. Во очите на западот, руските лидери беа разбојници, иако со развиена економска свест.
Сликата за Русија како Russia Inc. се покажа како погрешна. Руската елита е алчна и корумпирана, но, исто така, сонува за Голема Русија и посакува триумфално враќање на Русија на глобалната сцена. „Путин е советски човек“, напиша поранешниот советник на претседателот, Глеб Павловски, „кој себеси си постави задача да одигра реванш со западот, не во глупава војна, туку во историска смисла.“
Денес, кога станува збор за надворешната политика, општоприфатено е дека Русија е ревизионистичка сила, но ревизионизмот на Путин оди многу подлабоко од едноставното репозиционирање на Русија во светската политика. Руското раководство веќе не верува дека крајот на Советскиот сојуз беше историски неизбежен. Руското раководство повеќе сака да мисли дека тоа беше последица од неспособноста на тогашното раководство и подготвеноста на руското општество да ја „проголта“ западната приказна.
Путин е убеден дека квалитетот на лидерот е тоа што ги одредува успехот или пропаста на нацијата. Ако до вчера, припадниците на руската елита се обидуваа да учат од западните искуства, тоа веќе не е случај. Интересно е да се забележи дека еден од најлибералните членови на руската влада, Игор Шувалов, вели дека летото го поминал читајќи за реформите на Косигин од седумдесеттите.
По 1989 година, Русија претрпе двојно понижување, покажувајќи се како губитник во светот што се претставуваше како свет без губитници. Но, таа година само 13 проценти од граѓаните на Русија веруваа дека нивната земја има надворешни непријатели; денес во тоа веруваат 78 проценти од нив. Тоа што европските лидери не успеаја да го сфатат е дека, иако само малкумина Руси конпееја за враќање во советскиот комунизам, повеќето беа носталгични за времето кога Советскиот сојуз беше суперсила, „држава вредна за почит“, непоразена во студената војна.
И, иако граѓаните на Русија, за време на целиот тој период биле наклонети да ја перцепираат Европската унија како разумна и мирољубива сила, руската елита во исто време, ја сфаќала само како инструмент на американската стратегија за задржување на сопствената хегемонија во регионот. Кризата во Украина и државната пропаганда на Кремљ што ја следеше, успеаја да го направат ставот на Путин, став на руската јавност.
Според независниот центар Левада, во септември 2014 година, само 19 проценти од руските граѓани имале позитивен став за ЕУ. Во таа смисла, потезите на Путин наликуваат на руската империјалистичка политика од деветнаесеттиот век, а всушност се дел од светскиот отпор на глобализацијата од дваесет и првиот век. Заканата која доаѓа од западот, Путин ја дефинира повеќе како закана за рускиот политички идентитет, отколку како закана за рускиот територијален интегритет.
Неговиот импровизиран украински гамбит подобро го објаснува стравот на Кремљ од промена на режимот преку далечински контролирани улични демонстрации, отколку неговиот страв од експанзија на НАТО сојузот. „Occupy Crimea“ беше логичен одговор на московските демонстранти од движењето „Occupy Abai“. Токму внатрешната политика на Кремљ најдобро го објаснува московскиот надворешно политички ревизионизам. Општествениот договор на Путин, заснован на постојано подобрување на материјалната положба на просечниот руски граѓанин во замена за негово целосно повлекување од политиката, пропадна за време на московската зима на незадоволството во 2012 година. Руската економија западна во стагнација, а руското општество се исполитизира.
Од перспективата на Кремљ, коренот на ранливоста на режимот лежи во културолошката и финансиската зависност на руската елита од западот. Затоа, национализацијата на елитата стана главна цел на Путин. Отворениот конфликт со западот беше стратегија која беше усвоена многу пред падот на Виктор Јанукович, со намера да се скандализира западот, а Русија, економски, политички и културно да се изолира. Прогонот на Путин на сексуалните малцинства и анексијата на Крим, се страници од истото сценарио. Самото постоење на европскиот поредок во периодот по студената војна, Путин го сфати како закана за стратешките интереси на Русија.
Тогаш каков би можел да биде практичниот заклучок од читањето на руската надворешна политика како сентиментален роман за гордоста и предрасудите, несигурноста и нафтата? Моите прелиминарни заклучоци се дека:
Прво, за разлика од деведесеттите години од минатиот век, во овој момент послабата Русија не би значела и помалку агресивна Русија. Можеме да очекуваме дека влошувањето на руската економија ќе биде поттикнувачко за уште поагресивно однесување, особено имајќи на ум дека „хибридната војна“ и „контролираниот хаос“ се омилени оружја на Кремљ.
Второ, нереално е да се очекува дека санкциите ќе доведат до промена на режимот, барем не на краток и среден рок. Што е уште поважно, нереална е претпоставката дека пост-путиновска Русија би била и прозападна Русија. „Невозможно е да се процени кога ќе падне овој режим“, забележа поранешниот советник на Путин, Глеб Павловски, „но, кога ќе падне, ќе го замени негова копија“. Европските лидери ќе направат огромна грешка ако поверуваат дека со Русија можат да се занимаваат на начин на кој во деведесеттите се занимаваа со Србија.
Трето, не треба ниту да се преценува стратешката природа на руските потези. Русија нема стратегија, туку само тактика, „парадирање“ и изолациски пристап.
Четврто, не треба да се потцени силината (моралната силина) на огорченоста на Русија од поредокот во периодот по студената војна. Невозможно е инсистирањето на фактот дека светскиот поредок во периодот по студената војна е подобар од претходниот, да се поврзе со Русија.
ЕУ и Русија навистина живеат во различни светови и овојпат не се натпреваруваат за да покажат кој од тие светови е подобар, туку кој од тие светови е реален.