1035 hPa
80 %
![облачно облачно](/sites/all/modules/weather/images/night-overcast.png)
0 °C
Скопје - Саб, 18.01.2025 06:59
И попот и владиката му служат на бога. Му служат и на народот. За таа служба работат од љубов. Барем така проповеда Црквата. Поповите тврдат дека не се зема пари за арнина. Нѐ учат дека не треба ова, не треба она, всушност нѐ учат, нас обичните смртници на многу „не“. Главно да се посветиме на духовното, трајното, и да не бидеме зависни од материјалното, од минливото. А самите со своето однесување ни удираат „контра“. За нив зборот пари е волшебен: се возат во луксузни возила, имаат големи куќи, трошат црковни пари на непотребни судски спорови, носат брендирани, скапи, чевли, часовници, очила за сонце...
За жал, приказната за „материјалното“ не завршува тука. Во последните години парите станаа врзивно, нераскинливо ткиво помеѓу МПЦ-ОА и Владата, нешто што ги спојува многу поцврсто од духовното. На секоја седенка што ја организира Црквата, столчето на поглаварот г.г. Стефан е речиси споено со тоа на премиерот. Тој бара пари, тие му донираат. За новата црква „Св. Константин и Елена“, што ја градат во срцето на Скопје, заеднички организираа донаторска конференција, оти МПЦ-ОА нема пари. А кога премиерот ќе замоли или ќе каже дека треба да се помогне, на сите им е јасно дека мора. Црквата е одвоена од државата секогаш само не кога се во прашање пари.
Вистинските верници се крстат кога ги гледаат ваквите врски помеѓу Црквата и државата. Нивниот срам од нив веќе е поголем од храмот што, на ваков начин, го градат за нив.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња