Најдобрите книги за деца во 2014 (2)

12.12.2014 13:22
Најдобрите книги за деца во 2014 (2)

5. Дивина

„Сите добри нешта се диви и слободни“, пишува Торо во неговите неверојатни огледи за пешачењето. По повеќе од 150 години, илустраторката Емили Хјуз која живее во Британија, а е родена на Хаваите во нејзината шармантна, имагинативна, а речиси непристојна и неверојатно илсутрирана приказна која наликува на „Книгата за џунглата“ на Киплинг и „Онаму каде што се дивите нешта“ на Сендак на свој начин ја докажува вистинитоста и актуелноста на неговите зборови.

Приказната започнува со едно радосно и безгрижно девојче кое живее во шумите, израснато од суштествата во неа. Таа е безграчнично, екстатично дива, и целосно незасрамена од својата дивина.

„Сета шума ја прифати како една од нив“.

„Птиците ја научија како да зборува.
Мечките ја научија како да јаде.
Лисиците ја научија како да игра.
И таа ги разбираше и беше среќна“.

„Еден ден, две суштества кои многу личеа на неа, само поголеми, се појавија од никаде, ја затворија во мешето на еден метален ѕвер и ја одведоа во еден сосема поинаков и нов живот – во цивилизацијата“.

„Мислеа дека е чудна...“

„Во големиот град, една добронамерна, но прилично диктаторска двојка се одлучи да ја истера дивината од неа. „Познат психијатар вдомува диво дете“, гласеа насловите во весниците.“

„Малото девојче е уплашено, но пред сè многу зачудено“.

„Зборуваа погрешно.
Јаде погрешно.
Си играа погрешно.
И таа не ги разбираше и не беше среќна“.

„Еден ден, реши дека ѝ беше доста од сè“.

„Затоа што не можеш да припитомиш некој кој е толку среќно див...“

Она што произлегува од игривата и поетска приказна е јасниот повик за отстранување на надворешните наредби кои нè следат и нè принудуваат да останаме мали секогаш обидувајќи се да ги задоволуваме другите пред себеси, повик кој го прославува она што Џон Стајнбек го нарекува „слободата на умот да ја одбере онаа насока која ја поскаува, без да биде насочен кон нешто“. Ова е покана која е истовремено нежна и вознемирувачка, која сака да нè натера да застанеме и да се запрашаме, како што Мери Оливер славно направи: „Што планираш да правиш со твојот еден див и скапоцен живот?“

6. Јованче и Марика

Џ.Р.Р. Толкин славно изјави дека не постои такво нешто како пишување „за деца“ и Морис Сендак со сличен потсмев заклучи дека не смееме да ја криеме темнината од младите умови. Нил Гејман, еден од најмагичните и најпродуктивни современи автори, кој е истовремено врвен креативен творец, недоволно ценет уметник, дисциплиниран писател и мудар литерат, не само што се согласува со овие изјави, туку и прекрасно ги претствува во неговата работа. Повеќе од една деценија по неговото неверојатно и многу познато дело „Коралина“, Гејман се враќа со уште едно страшно отелотворување на истиот етос – со неговата адаптација на класичната приказна „Јованче и Марика“ од браќата Грим, илустрирана од италијанскиот графички артист Лоренцо Матиоти, талентот зад адаптацијата на „Гарванот“ од Лу Рид.

Бајките на браќата Грим имаат доживеано многубројни адаптации за време на нивната долга историја, вклучувајќи ги и интерпретациите кои се универзално познати, како онаа на Дејвид Хокни од 1970, на Едвард Гори од 1973 и Филип Пулман од 2012. Но онаа на Гејман јасно се издвојува, со хипнотизирачки јазик која ја обликува приказната која му се обраќа на оној дел од душата кој тлее во темнината, но е неизбежно повлечен кон светлината, кој ги слуша морничавите тонови со кои песната на сонот суптилно се обединува со врисокот на кошмарот.

Јасно се гледа суптилноста со која прогонувачките визуелните интерпретации на Матиоти ја нагласуваат атмосферата која Гејман толку елегантно ја евоцира.

Во ова прекрасно кратко видео Гејман, кој веќе има зборувано за тоа зошто страшните приказни нè привлекуваат – дискутира за тоа што им овозможува на бајките да истрајат до денес со легендарниот графички уметник Арт Спиглмен и Франсоа Мули, долгогодишниот уметнички директор на Њујоркер.

„Мислам дека ако сте заштитени од мрачните нешта, тогаш немате заштита, знаење или разбирање за нив тогаш кога тие ќе се појават. Мислам дека е навистина важно да им ги покажеме мрачните нешта на децата, и правејќи го тоа, да им покажеме дека мракот може да бидат победен, дека имаме моќ. Кажете им дека можат да се борат, кажете им дека можат да победат. Бидејќи и можат – но мора да го знаат тоа. А за мене, она што е толку неизбежно и толку важно за темнината е тоа дека таа е како своевидна вакцина... Му давате некому темнина во форма која не е поразувачка – која може да се разбере, така тие ќе можат да ја развијат, да ја направат дел од себеси, да се справат со неа. И во ред е, безбедно е да им ја кажете мрачната приказна, сè додека им кажете дека можат да бидат паметни, храбри, снаодливи, никогаш да не се откажуваат.“

7. Си беше еднаш една азбука

Во 1990-тите, три децении по објавувањето на неговиот познат мрачен буквар, големиот Едвард Гори ги преобмисли буквите во серија од мистериозни приказни, од која секоја имаше по 26 зборови. Сега можеме да уживаме во модерниот пандан на оваа книга, изработен од еден од најоригиналните и најимагинативните детски автори и илустатори на нашето време. „Си беше еднаш една азбука: Кратки приказни за сите букви“ од Оливер Џеферс е невообичаена и неверојатно прекрасна авантура со познатите букви која зазема нова димензија преку ексцентричните, лирични чудесно алтернативни приказни за секоја од нив и претставува убаво дополнение на канонот од необични буквари.


Уметноста на Џеферс е суптилна, но неверојатно експресивна. Неговите приказни дишат во ритамот на грешната и трогателната човечност која ги создава нашите речиси секогаш несовршени, но благородни битија – нашите парадокси (А е за „астронаут“, а Едмунд е астронаутот кој се плаши од височини), за смешната тврдоглавост (Б е за „бесмислените кавги“ и ги запознаваме соседите Бернард и Боб кој ги поминуваат годините „расправајќи се поради нешта на кои веќе никој не се сеќава“), игривите аспекти на љубезноста (Е е за „енигма“, претставена преку прашањето: колку слонови собира еден плик), егзистенцијалните тешкотии (З е за „збунетиот пашканат“ кој е длабоко вознемирен откако ќе сфати дека не е ни компир, ни морков), и самопоразувачките тактики кои ги употребуваме обидувајќи се да се заштитиме и да го контролираме нашиот страв од непознатото (роботите во Р се толку ужаснати од помислата дека би можеле да рѓосаат што ги крадат облаците од небото и ги носат секаде со себе).

Има и многу нежни и детално осмислени приказни. Познатиот научник (во приказната за М посветена на „материјата“) е едно мало девојче, а мажествениот дрвосечач (Д) чита копија од „Си беше еднаш една азбука“ под светлината од лампата.

Многу од приказните шармантно се преплетуваат: Калуѓерката од К ја пресвртува енигмата од Е и заклучува дека еден слон собира „речиси девет илјади“ пликови; бестрашната двојка од О – октоподот и бувот кои го истражуваат океанот, барајќи проблеми кои би можеле да ги решат спасуваат една обична краставица која се нурнува во океанот во приказната за П („потонува или плива“) бидејќи „гледала емисија за морските краставици и мислела дека тоа може да е подобар живот за неа“, само за да сфати дека не знае да плива, а Хавиер во Х се буди едно утро и е запрепастен кога открива дека некој ги украл неговите рендгенски очила и ги вика октоподот и бувот на помош.

И покрај сите весели приказни, книгата си поигрува и со темнината толку својствена за делата на Гори, согласувајќи се со забелешката на Сендак дека децата не треба да бидат заштитени од мрачните приказни. Во У, еден писател седи пред неговата „ужасна машина за пишување“ која може да ги оживее сите приказни напишани на неа сè додека еден ден не е изеден од чудовиштето кое самиот го создава. (А суштеството, случајно или не, потестува на она од „Дивите нешта“ на Сендак). Во Х, Хелен живее во половина куќа, додека другата половина е разурната по ураганот и пропаѓа во морето, и бидејќи таа е „мрзлива и нема алати и затоа не се решава да ја поправи“, па еден ден, станува на погрешната страна од креветот и потонува во морето.

8. Сплесканата зајачица

Нил Гејман, во разговорот за неговата прекрасна нова адаптација на „Јованче и Марика“, напоменува дека не треба да се заштитуваме себеси, ниту децата од темнината. Но кога страшната темнина пристигнува, во детството, како и во возрасната доба, не ги носи со себе чудовиштата и вештерките од бајките, туку животните трагедии – кои најболно се доживуваат при соочувањето со морбидностите на смртта и тагата. А кога пристигнуваат, како што Џоан Дидион незаборавно вели, „воопшто не наликуваат на она што сме го очекувале“. Она што ни треба не е заштита, туку потресувачката утеха која се чини дека само разбирањето може да ни ја пружи – механизам кој би ни овозможил да ја видиме смислата по нередот кој го остава загубата.

Токму тоа е она што го прави фарскиот уметник и автор на детски книги Бардур Оскарсон во книгата „Сплесканата зајачица“ – ремек дело на минималистичкото раскажување кое моќно ја доловува тагата на вечната борба со нашата сопствена непостојаност.

Книгата, преведена од Марита Томсен, голем љубител на фарскиот јазик, произлегува од долгата традиција на скандинавски книги за деца одбележани од неповторливата сензитивност за овие тешки теми – од винтиџ сказните за несигурноста на Тове Јонсон до норвешката приказна за тагувањето на Стејн Ерик Лунде и егзистенцијалните медитации за смислата на нештото и ништото на Ујвинд Торсетер.

Приказната, исполнета со суптилен хумор и тајни чуда, започнува со едно безгрижно куче кое си шета по улицата. Ненадејно, налетува на една зајачица, која лежи тивко, сплескана на патот. Како што кучето, растажено од глетката, се прашува што да прави, неговиот пријател, стаорецот пристигнува.

„Таа е тотално сплескана“, вели стаорецот. Некое време само стоеја таму, гледајќи ја.
„Дали ја познаваш?“
„Па“, вели кучето, „мислам дека живее во станот 34. Никогаш немам зборувано со неа, но имам мочкано на вратата неколку пати, па дефинитивно се имаме сретнато.“

И двајцата се согласни дека „лежењето на подот сигурно не е воопшто забавно“ и се решаваат да ја поместат, но не знаат каде да ја однесат и се упатуваат кон паркот за да размислат.

„Кучето потона во толку длабоки мисли, што ако во тој момент го доближевте увото до неговиот череп, ќе чуевте како работи неговиот мозок.“

Длабоко под површината на приказната се ноаѓа суптилниот потсетник дека идеите не ни доаѓаат кога и да посакаме, туку се резултат од восприемањето на сè со кое несвесно се сретнуваме и кое се соединува и воспоставува нови комбинации во нашите умови. Како што кучето седи, измачувајќи си ги невроните, гледаме како едно хартиено летало се издигнува кон небото над него, навидум не многу значаен детаљ, забележлив само во визуелниот наратив, но кој набрзо станува решението за проблемот со зајачицата.

Изјавувајќи дека има план, кучето се враќа на улицата со стаорецот. Тие ја поместуваат зајачицата од патот и работат цела вечер на планот, мачејќи се во куќичката на кучето.

Во наредната сцена, ја гледаме зајачицата која е грижливо залепена за рамката на едно хартиено летало, а кучето и стаорецот се обидуваат да го вивнат кон небото цели четириесет и два пати.

Со неверојатна едноставност и сензитивност, приказната се воздигнува до нивото на суптилна медитација за спиритуалното прашање за животот после смртта, па постои дури и просторно означување на мистеризоното небо „над нас“. Приказната предлага, барем според мене, дека сите овие концепти постојат само за утехата на живите, за оние кои ги надживуваат мртвите и кои се соочуваат со нивната сопствена смртност при тоа преживување, а сепак, може да се пронајде мир во таквите илузорни утехи, факт што сам по себе е доволна причина за сепак да ги одржуваме.

Во најголема мера, приказната нежно нè потсетува дека едноставно немаме одговор на сите прашања и дека, според зборовите на Џон Апдајк, „мистеријата на постоењето е постојана мистерија“.

„Кога леталото се вивна нагоре, стоеја и тивко го гледаа долго време.“
„Мислиш дека се забавува?“, стаорецот конечно праша, не гледајќи го кучето.
Кучето се обиде да си замисли како би изгледал светот од височините.
„Не знам...“ бавно одговори. „Не знам.“


9. Малечкото дрвце

Детските прашања се понекогаш толку едноставни што лесно се трансформираат во вистински филозофски дилеми. А сепак, има едно прашање кое децата го поставуваат и кое ги занемува возрасните повеќе од кое било друго, туркајќи ги во несигурност како што се борат да пронајдат одговор кој ќе биде соодветен на нивната возраст, но воедно и ќе ја задоволи детската љубопитност. Тоа е прашањето: „Од каде доаѓаат децата?“ За среќа, неверојатната илустраторка Софи Блакал, која живее во Бруклин, а е родена во Австралија, и која му има подарено на светот на детската книжевност такви богатства како нејзините визуелни љубовни приказни засновани на низа пропаднати огласи и нејзините илустрации за единствената книга за деца од Олдос Хаксли, се занимава со ова страшно прашање со многу топлина, мудрост и хумор во книгата „Малечкото дрвце“, елегантно и соодветно објаснување наменето да им го одгатне прашањето за функционирањето на репродукцијата на малите деца, а при тоа не ја потценува нивната вродена интелигенција, ниту пак ги заморува со премногу клиничка и сува наука.

Наместо тоа, Блакал раскажува имагинативна бајка за едно мало момче чии родители еден ден му кажуваат дека очекуваат ново бебе.

„Имам стотици прашања во мојата глава, но единственото кое го изговарам е: Има ли уште сладолед? И бидејќи мама и тато се многу среќни за новото бебе, ми дозволуваат да земам уште сладолед, а јас земам неколку големи топки.“

Но штом малото момче успева да го постави вистинското прашање – Од каде доаѓаат бебињата? – неговите родители веќе се подготвуваат да излезат, бидејќи доцнат за на работа. После ова, тој се решава да им го постави прашањето на сите други возрасни и повозрасни од него кои ги познава.

Испраќајќи го до училиштето, неговата дадлика која е тинејџерка (именувана по ќерката на Блакал, Олив) му кажува дека бебињата доаѓаат од едно малечко дрвце и растат од семињата кои ќе ги посадиш.

Во училиштето, неговата учителка вели дека доаѓаат од болницата и потоа нервозно брза да му најде занимација на одделението, па им кажува да ги измијат четките.

Неговиот дедо му кажува дека навечер штркот ги носи бебињата завиткани во клопче и ги остава пред прагот, каде родителите ги наоѓаат следното утро.

Поштарот Роберто вели дека бебињата излегуваат од јајца, но „не знае каде би можеле да се најдат јајцата.“

„Многу сум збунет.“

Конечно, збунето од неверојатно различните објаснувања, малото момче ги замолува неговите родители за јасен одговор, и тие му даваат едноставен, сензитивен, биолошки точен, но нежен одговор за тоа како функционира човековата репродукција:

„И ги прашав.
Од каде доаѓаат бебињата?

Од стомакот на нивната мајка, вели мама.
На почетокот се навистина мали, вели тато.

Толку мали што речиси и не можеме да ги видиме, вели мама.
Сè започнува со семето од нивниот татко...
Кое е засадено во јајцето во стомакот на нивната мајка...

Бебето расте таму девет месеци...

Сè додека таму веќе нема место за него...
И е подготвено да се роди. Понекогаш дома...
Но обично во болницата.“

Малото момче е воодушевено кога сфаќа дека, најпосле, сите биле во право – Олив за семето, Роберто за јајцата, а неговата учителка за болницата, односно сите, освен неговиот дедо:

„Ќе мора да му објаснам на дедо од каде бебињата навистина доаѓаат.“

На крајот на приказната Блакал нуди подеднакво едноставни, кратки и нежно прецизни одговори на сите други прашања за бебињата за кои малите деца би можеле да се прашуваат, од како семето патува од таткото до мајката до како посвоените бебиња доаѓаат во домовите и што се случува во семејствата со две мајки или двајца татковци.

Сè на сè, „Малечкото дрвце“ е совршена приказна на секој можен начин, толку очигледен резултат од посветениот труд на некој кој ги разбира љубопитностите на децата и слатките маки на родителите. Со нејзините нежни илустрации и суптилната мешавина од фикционални и нефикционални пасажи, Блакал која ја разбира комплексноста, нуди љубезен и искрен одговор на прашањето кое продолжува да ги измачува возрасните, но можеби веќе и не мора.

(продолжува)

Кон првиот дел

Кон третиот дел

 

Извор: brainpickings.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото