Десетка за студентите!

12.12.2014 15:10
Десетка за студентите!

Со импозантен, масовен протест околу 18.000 студенти, средношколци, професори и граѓани од сите возрасти вчера кажаа „не“ за проектот на владата да воведе државен испит за студентите на сите универзитети во земјава.

Маршот помина мирно, без инциденти и провокации, без партиски симболи. Илјадниците револтирани од владините реформи во образованието, кои ги исполнија скопските улици, ги поведоа студентите кои точно напладне тргнаа од платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Со десетици транспаренти на кои пишуваше (и на македонски, и на албански) „Стоп за лошите реформи“, „Екстерно за владата“, „Сега заокружи нè“„Кој ќе го сопре гласот на студентите“... и со скандирање: „Нeма правда, нема мир!“ се упатија кон Собранието и оттаму стигнаа до зградата на владата, исполнувајќи го целиот простор на булеварот Илинденска. Тука гласно соопштија дека се згрозени од тоа што владата не ги зема предвид студентите кога го менува Законот за високо образование, кој од 2008 година, како што рекоа, бил менуван дури 12 пати. Реката студенти ги воодушеви случајните минувачи кои, во знак на поддршка, им аплаудираа и им се приклучуваа.

Студентскиот пленум, како движење-организатор, ги исмеа провладините медиуми, кои од петни жили се трудеа протестите да ги етикетираат како опозициски. Студентите во првите редови сами носеа кругови околу вратот, отсликувајќи го начинот на кој провладините медиуми ги заокружуваа учесниците во првиот протестен марш. Тие рекоа дека на таквите медиуми сега ќе им требаат многу „фотошопери“, зашто има премногу што ќе треба да ги заокружат.

-Поттикнати сме од долгот кон татковината. Критиката е добра и не е злонамерна! Брзите реформи, слепи студенти раѓаат! Колку повеќе нѐ заокружувате, толку сме помасовни. Колку повеќе притисоци, толку порешителни сме. Да ве интересираше квалитетот на високото образование, немаше да им барате книшки, туку диплома! - рече еден од студентите пред зградата на владата.

Преку своите претставници студентите доставија писмо до владата во кое бараат државниот испит воопшто да не се воведува, зашто навлегува во автономијата на Универзитетот.

-Имаме само една порака што сите ќе нѐ сплоти. Таа порака е дека државен испит или екстерно тестирање, или како и да е наречено, не смее да се воведе, зашто тоа е директен упад во автономијата на Универзитетот – рекоа студентите пред владата.

Студентите повеќепати повторија дека секое истакнување национални и партиски симболи останатите демонстранти треба да го пријават, зашто овој протест е натпартиски, наднационален и има за цел да испрати порака: гласот на студентите мора да се чуе кога станува збор за реформи во високото образование.

Рекоа дека нас немало да нѐ допре законот. Ние мора да се солидаризираме! - рече еден од студентите пред владата.

Студентите им се заблагодарија на професорите што вчера беа со нив.

-Ви порачуваме да не дозволувате да го загубите кредибилитетот, оценувањето мора да остане во амфитеатрите. А за оние професори што останаа во кабинетите, мислиме дека ќе поразговараат со својата совест – рекоа демонстрантите на платото на УКИМ.

За притисоците во гимназиите, каде што ученици биле заплашувани со укор, а на некои дури и им била заклучувана вратата за да не можат да излезат и да се приклучат кон маршот, студентите рекоа дека тоа е кршење на уставното право на слободно движење.

Кон маршот се придружија и студенти од Тетово, кои допатуваа до Скопје, а поддршка му дадоа и стечајците. Маршот заврши со песна и со перформанс пред владата.

Извор: Слободен печат

Фотографии: Ванчо Џамбаски