Куририте се надминаа во заокружување и жигосување

15.12.2014 02:59
Куририте се надминаа во заокружување и жигосување

Објавувајќи насловна фотографија од Јосип Броз Тито и наднаслов „А знаат ли зошто, всушност, протестираат“, дневниот весник „Дневник“, со начинот на кој известуваше за вториот протест за студентите заработи многу коментари како „срамно е“. Како и првиот пат, така и сега медиумската владина машинерија се обиде настан на денот наместо протестот да ја направи полициската акција „Чекан“ и инвестицискиот форум во Франкфурт, како и да го делегитимира протестот претставувајќи го како творба на СДСМ и на СОРОС. Дел од медиумите, демонстрациите ги претставија и како неуспешни бидејќи, како што тврдат, на улица не излегле половина од вкупниот број студенти и средношколци во земјава.

„Студентите протестираа против државниот испит на факултетите, кој не се однесува на нив. Значи, тие протестираа во име на оние што допрва ќе бидат студенти. Од каде знаат оти тие што допрва ќе дојдат, не сакаат државен испит, не е сосема јасно. Ама изгледа како земјоделци да протестираа против работното време во фабриките, односно работници од фабриките да протестираа против ваквите или онакви мерки на Министерството за земјоделство. Утре може да имаме протест на судии за лекарите, а тие од скопската клиника да имаат протест против мерките за изрекување пресуди, кои важат за судиите“, пишува Дарко Јаневски во „Дневник“.

Порталот Курир, телевизиите Сител и Канал 5, синхронизирано, како тоа да е однапред негде подготвено, протестите ги прогласија за неуспешни бидејќи тие изброиле мал број студенти и средношколци.

„Во Македонија според податоците има 60.000 студенти и 85.000 средношколци. Еден протест се смета за успешен ако на него излезат најмалку половина од овој број, односно 30.000 студенти и 40-ина илјади средношколци, кои на улиците би резултирале со бројка од 70.000 луѓе“, анализира Курир.

Интересно е што на порталот Курир иако може да се најдат неколку текстови за поврзаноста на протестите со СДСМ и со фондацијата Сорос, немаше ниту еден напис за барањата на студентите.

„Цела партиска логистика на СДСМ и сите пари на Сорос не беа доволни опозициската партија денеска на протестот да собере ниту 2 отсто од вкупниот број студенти во земјава. Според податоците, во Македонија има повеќе од 60.000 студенти и околу 85.000 средношколци, а во главниот град денеска протестираа не повеќе од 3.000 луѓе. Ако се има предвид дека меѓу оние што протестираа голем број воопшто и не беа ниту студенти ниту ученици, тогаш бројката од 2 отсто драстично се намалува. Камерите регистрираа многу партиски активисти на СДСМ и луѓе од медиумските експозитури на опозицијата финансирани од Сорос“, известува ТВ Сител.

Канал 5 констатираше дека „со максимален партиски ангажман, притисок врз партиските професори и финансиска помош од Соросовата фондација во земјава, најголемата опозициска партија СДСМ успеа да извлече на протестниот марш одвај две до три илјади лица на улица“.

Паѓаше во очи начинот на кој одредени портали објавувајќи фотографии од протестот ги заокружуваа луѓето, што, според нив, не биле таму за да ги поддржат студентите, туку за да ѝ наштетат на власта, а со своето присуство покажувале дека протестите имаа политичка заднина.

Медиумите контролирани од власта, веста за протестите ја пласираа подоцна во централните вести, по полициската акција „Чекан“ за апсење лихвари што почна неколку часа пред протестот и по информацијата за бизнис-форумот во Франкфурт на кој учествуваше и премиерот Никола Груевски.

На јавниот радиодифузен сервис МРТВ, за кој сите граѓани плаќаат задолжителна такса, во најавата на вестите немаше информација за протестот. Во прилогот што одеше во вториот дел од вестите се констатираше дека студентите излегле на протест за да не се реализира проверката на нивното знаење, а добиле поддршка од невладини организации и од партиски активисти.

Во обид да го намалат значењето на тоа што го бараат студентите преку протест, провладините телевизии објавија речиси идентични прилози во кои екстерното го споредуваат со државниот испит што се полага на Мадицинскиот факултет, што се две различни работи.

Во врска со начинот на известување за протестот, комуникологот Петар Арсовски коментира дека тоа го следи општиот квалитет на известувањето во земјава.

- Кај протестите е многу поизразено бидејќи тие ја засегаат владата да директен начин. Затоа кај медиумите зависни од владиното рекламирање гледаме голем напор преку прилозите да го одземат легитимитетот на протестот, односно да го делегитимираат - вели Арсовски.

Тој додава дека ова т.н. метапокривање е карактеристично во популистички амбиент, а во него дури 90 отсто простор во медиумското известување се дава на заднината на протестот, како тоа кој го организирал, кој дошол, колку луѓе имало, а многу малку или воопшто не се зборува за суштината - дали студентите се во право!

Извор: Слободен печат

Фотографии: Ванчо Џамбаски