Партиско-државен грб за идентитетско поткусурување

15.12.2014 12:45
Партиско-државен грб за идентитетско поткусурување

Македонската држава е повторно окупирана од фашизоиден режим кој ја подели земјата на две окупациски зони, исто како во крвавото преднатално доба од 1941 до 1945 година. Партиско-полициската коалиција на ДПМНЕ и ДУИ ја повлече границата помеѓу окупациските зони речиси идентично како што тоа го направија фашистичките окупатори пред седумдесет и кусур години. Тогаш, во текот на целата воена окупација, на оваа граница владееше непрекината напнатост помеѓу коалициските окупатори поради нивните незадоволени територијални аспирации. Тогаш, заедничкиот интерес да ја владеат и крадат Македонија ги држеше и бугарските и италијанско-албанските окупатори во нераскинливо цврст сојуз. И денес, современите коалициски окупатори ја демонстрираа железно цврстата спрега кога ја изненадија јавноста со одлуката симболично да го верификуваат општественото уредување на териториите со кои владеат, и да го донесат новиот грб на партиско-полициската држава – пребоениот разгневен лав од партискиот грб на ДПМНЕ.

Кому би требало да му е гајле каков грб ќе си донесе еден нелегален режим што дошол на власт со изборна измама, а потоа извршил државен удар за да владее крадејќи ја земјата како да е окупирана територија? Навистина, нели е неважно какви инсигнии ќе носи еден нелегален режим во слава на насилно воведениот историски, културен и политички дисконтинуитет во Македонија? Каков и да е уставот што ќе го донесе узурпаторот, какви и да се законите што ќе ги усвои и кој симбол ќе го закачи на своите банери – сето тоа би морало да биде прогласено за ништовно кога земјата ќе се ослободи од окупацијата и кога во неа ќе се вратат правото и демократијата. Уште повеќе, што со донесувањето на партискиот „разгневен лав“ како државен грб, и симболично и законски се верификува владеењето на еднопартискиот систем, особено во дпмнеовската окупациска зона. Инверзната промена на боите на лавот и штитот, како и ситниците во описот на лавот (круна, опашка и сл.) кои во хералдиката значат многу, во современото симболички и хералдички неписмено доба не значат ништо: државниот и партискиот грб практично ќе бидат едно исто – како што и македонската република стана тоталитарно органско единство на партијата, државата и (подјармениот) народ.

Колку и да е неприлично во оваа опскурна пригода да дебатираме за хералдичкиот мотив на грбот, не можам да додржам - како некогаш активен учесник во создавањето на државните симболи – да не ви кажам, почитувани читатели, неколку зборови за „македонскиот“ разгневен лав. Имено, факт е дека овој симбол сам по себе ги поседува потребните историски референци за да биде употребен во нашите државни симболи. Поради тоа, тој хералдички мотив беше сериозен кандидат за нашиот нов грб, во 1992 година и во повеќе наврати потоа, и никако не успеваше да „се пласира“ главно заради три причини. Првата е, што ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток на Втората македонска република за своето партиско име и грб разбојнички ги присвои и до ден-денес ги злоупотребува елементите од македонската историја кои им припаѓаат на сите граѓани на Републиката. Така, оваа разбојничка партија го узурпираше и хералдичкиот земски грб на Македонија како свој партиски знак, со што трајно го компромитираше и го дисквалификуваше како државен симбол. Втората причина е упорното одбивање на албанските политички партии во власта да го прифатат овој симбол и како свој, поради неговата наметната еднопартиска и – според нив – моноетничка природа. И, третата, потполно нерелевантна, е што практично истиот хералдички грб уште од 1878 година стана државен грб на Бугарија. Значи, сегашните предлагачи на „разгневениот лав“ беа во изминатите години најрешителните противници и опструенти на неговата „кандидатура“, а зошто се сега „сложни браќа и в петок што мрсат“, ќе одгатнам подоцна.

Сега накусо за „старата“ приказна за тоа како настанал македонскиот земски грб, приказната која во македонската јавност прв пат ја раскажа академикот Александар Матковски во книгата „Грбовите на Македонија“. Елем, грбовите како хералдички симболи се појавиле во Средниот век, во времето на крстоносните војни, во Западна Европа, и од 12-ти до 17-ти век се прошириле практично на целата феудална Европа. Меѓутоа, на територијата на Византиското царство и подоцна во земјите кои потпаднале под власт на Османлиската империја, грбовите речиси воопшто не биле во употреба, така што балканските народи цели четири века не знаеле за употреба на грбовите, сè до 19-иот век, кога почнале да се стекнуваат со државна независност. Во периодот помеѓу 15-иот и 19-иот век, меѓутоа, грбовите го продолжиле својот живот во таканаречената „мртва хералдика“, во европските грбовници, кои сè повеќе служеле за докажување на благородничките права, а сè помалку биле во согласност со вистинската состојба и со нивната првична употреба во Средниот век. Така, во тој период се измислувале, прецртувале, преименувале грбовите во грбовниците, во зависност од намерите, знаењето и умеењето на хералдите или авторите на грбовниците. Токму во тој период, најмногу во т.н. „илирски“ грбовници, се појавиле и грбовите на јужнословенските земји. Од овој период и од истиот езотеричен извор – од грбовниците, потекнува и „земскиот грб на Македонија“. Во различни периоди од ова мртво хералдичко четиривековие тој се појавува како црвен разгневен лав на златен штит или обратно, како златен лав на црвено поле (штит), како своевиден „негатив“ на бугарскиот, со небаре истиот опис (блазон) односно со идентичниот разгневен лав, само со обратен распоред на боите.

Што нè поучува историјата на грбовите? Тие не се ничија сопственост, ниту постојат некакви подлабоки историски мотиви за изборот на одредени хералдички мотиви: тие се случајни и немотивирани, и на нивниот избор најмногу влијаеле хералдичките трендови и историските случајности. Така, кога Бугарија се стекнала со независност во 1878 година, својот грб го побарала во грбовниците кои биле достапни во тој момент, па златниот разгневен лав на црвено поле станал државен грб на Бугарија. По логиката на разликувањето, би требало македонскиот земски грб да биде црвениот лав на златно поле, но тој остана закопан во недостапните грбовници, а тогаш веќе „бугарскиот златен лав“ ги заслужи своите автентични македонски историски референци со неговото појавување на црвените бунтовнички знамиња од Разловечкото востание 1876 и од Илинденското востание 1903 година. Поради овие историски случајности, испаѓа дека ниту една од двете колористички варијанти на разгневениот лав не е автентично македонска, исто како што фактот што златниот лав на црвено поле е државен грб на Бугарија уште од 19-иот век, не значи дека тие ексклузивно го „поседуваат“ мотивот. Конечно, во моментов петнаесет европски земји имаат лав во својот државен грб, од коишто дури дванаесет се „разгневени“, а четири од нив се златни и на црвено поле. Денес, во современиот свет ликовно-графичките решенија се „задолжени“ за разликувањето на грбовите, а не историјата или хералдиката, но најважнот принцип во врска со грбовите – оној што ДПМНЕ арогантно го крши деновиве – е што ниту една уставна демократија не си дозволила мотивот од државниот грб да биде оној истиот што го вее партијата на власт.

П.С. Забележувам дека во јавноста не се поставуваат најважните прашања во врска со овој ненадеен потег. А, тоа се: зошто токму сега и зошто ДУИ здушно го поддржа овој за нив неприфатлив предлог? Одговорите на овие суштествени прашања ќе произлезат од тајните преговори за решавањето на „проблемот со името“; едноставно, промената на името на државава засилено се подготвува, зашто по украинската криза решавањето на овој меѓународен проблем доби нови геополитички поттици. Елем, според моделот поради кој на Груевски му беше дозволено да ја уништи македонската демократија (предрасуда која вели дека „само пресилна влада може да го смени името без да ја ризикува политичката стабилност во земјата“), македонскиот дел од железната коалиција што „губи“ со промената на името, треба да се „зајакне“ со симболички материјал што ќе биде идентитетска компензација за преименувањето на државата. Овие опскурни калкулации сметаат дека лавовскиот симбол ќе ја „залечи“ болката од губитокот на овчото достоинство. Така „разгневениот лав“ ќе стане грб за идентитетско поткусурување, а државата ќе се „зајакне“ со (едно)партиски симбол. Останува уште да погодувате што и е ветено на ДУИ како компензација за оваа нивна стратешка „жртва“?

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото