Обраќање на Ѓорге Иванов по повод првиот снег во Скопје

15.12.2014 13:12
Обраќање на Ѓорге Иванов по повод првиот снег во Скопје

Скопје, 15 декември 2014

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов свика вонредна прес конференција по повод првиот снег кој падна оваа година во главниот град на државата.

Тој истакна дека е радосен што природните појави во Македонија се во соглсност со годишното време во кое се случуваат, што е показател дека актуелната власт ја води државата во вистинска насока.

„Уште како дете многу го сакав снегот и секогаш кога ќе паднеше, во мене се раѓаше голема радост. Зимата, таа убавица во бел фустан, е можеби најубаво годишно време. Се присетувам како ја направив првата снежна топка која и не беше баш топчеста, но нема врска, а потоа се обидував да направам снешко. Ја тркалав топката за да се зголеми, а едно од другарчињата ми рече 'не на асфалт бе, глуп, на снегот тркалај ја', и така го почнав мојот градителски потфат, мојот другар снешко. Лошите деца од маало се маваа со топки снег, а некои фрлаа топки и по случајните возила и минувачи. Јас не бев таков и го осудувам таквото однесување. На писмените задачи на училиште, кога тема беа годишните времиња, или само зимата, секогаш добивав петка. И други добиваа петка, ама на нив постарите роднини им ги пишуваа писмените. Немаше тогаш екстерно... Но, да се вратам на темата. Снегулките како мали скапоцени камења го збогатуваат нашиот град. Снегот е вистинско чудо! Крцкањето на нашите стапки, ангелчињата кои ги правиме со другарите државници и претставниците на дипломатскиот кор, секогаш внимателно избраните морковчиња за носот на снешкото... за тоа вреди да се живее! Сите добро знаете дека пролетта е пролет, летото е лето, есента е есен а зимата е зима. Но, според некои, ни зимата не е зима ако не е закитена со снег. Затоа, им честитам на граѓаните на Скопје што имаат чест да се радуваат на оваа природна убавина. Снегот блеска посјајно и од златото што пред избори реков дека ќе се вади од Анска Река. Но, ќе паднеше ли снег доколку владата и целиот државен врв не си ја вршеа работата како што треба? Ќе се закитеше ли нашата метропола во бело да не беше совесната и одговорна работа на власта? Вреди да си го поставиме ова прашање, а кој ќе одговори погрешно, ќе го следи клетва до седмо колено. Иако одамна не сум дете, верувајте, и сега ми доаѓа да излезам и да си поиграм на снегот. За жал, ме чекаат неодложни државнички работи. Треба да одам на фестивал на греано вино во Дељадровци. А фестивал на греано вино си е фестивал на греано вино. Рекоа дека ќе има и домашна пита“, поентираше Иванов во своето вонредно обраќање.

Гиф: Свирачиња