Битка против придонеси за хонорарите

16.12.2014 04:58
Битка против придонеси за хонорарите

Владата на 22 декември ќе се соочи со масовен протест на хонорарците

П: Неколку синдикални организации и движења на граѓани ја опоменуваат владата дека законските измени нема да ги решат проблемите и дека е најдобро да ги стопира законските измени.

Владата нема намера да попушти, законските измени со кои се предвидува плаќање на придонеси за хонорарите од 1 јануари догодина нема да се одложат, јави телевизија Алфа. Наспроти ова, неколку синдикални организации и движења на граѓани доставија писмено барање да се стопираат и да не се применуваат измените, а за 22 декември, понеделник, најавија протест.

„Длабоко загрижени за ефектите што ќе ги предизвика воведувањето на плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите по материјалната положба и правата на лицата кои вршат работа без договор или врз основа на договор на дело, но и на останатите работници, потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права (Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“), како и други здруженија на граѓани и поединци бараат од Владата на Република Македонија да ја стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување.

Овие организации исто така бараат преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување. Се бара и да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

- Самите работодавачи тоа го потврдуваат, дека не им се исплати да ги пријавуваат како редовно вработени, туку ќе ги пријавуваат како хонорарци, бидејќи на тој начин на тие работници не им следуваат бенефициите според Законот за работни односи - вели Марјан Ристески од Конфедерација на слободни синдикати.

Но, Владата смета дека законското решение е добро и дека ќе има позитивни ефекти. Измените биле направени за да се спречат досегашните злоупотреби, и тоа според искуствата од Европската Унија.

- Законските измени се резултат на преземање на добрите искуства кои постојат во најголем дел од европските држави кои соодветно таму се применуваат. Законот е донесен и стапува на сила кога тоа е предвидено, на почетокот на наредната година - вели портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев.

Законските измени предвидуваат за секој исплатен хонорар над 9.590 денари, наместо само 10 отсто персонален данок како досега, да се плаќаат и придонеси за социјално, здравствено и пензиско осигурување кои зафаќаат 27 отсто од примањата. Работниците кои земат хонорари од повеќе места, а крајниот збир е поголем од минималната плата, ќе имаат обврска самите да си ги платат давачките. Притоа придонесот за пензиско осигурување, наместо во двата задолжителни пензиски фонда ќе се слева само во државниот фонд.

Лани, во земјава, повеќе од 100.999 граѓани работеле како хонорарци, а 27.000 луѓе со авторски договори.


ИЗМЕНИ ШТО ЌЕ ЈА ОТВОРАТ ПАНДОРИНАТА КУТИЈА

„Законските измени што ќе стапат на сила од 1 јануари 2015 година ќе ја отворат Пандорината кутија, зашто ќе ги поттикнат работодавачите наместо договори за вработување, да склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените работници. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата (плаќање придонеси од плата и персонален данок), но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за вработените кои ги отпуштаат и друго. Исто така, нема да бидат законски обврзани да ги почитуваат работничките права кои ги имаат работниците согласно Законот за работните односи и другите закони кои регулираат права од работен однос. Посебно сакаме да нагласиме дека овие законски измени нема да имаат реперкусии по џебот и правата само на оние лица кои во моментот вршат работа за хонорар наместо за плата, туку и по оние вработени кои во моментот се вработени согласно одредбите на Законот за работни односи“, тврдат организаторите на протестот.

Извор: Слободен печат
Слики: Skrekkøgle