Капитализмот е болест на човештвото

16.12.2014 10:10
Капитализмот е болест на човештвото

Интервју со Ален Бадју, француски филозоф, математичар, драмски писател, романсиер, левичар, активист кој не се плаши да зборува и да пишува за невралгичните точки на современата политика. Филозофскиот опус на овој мислител со светска слава е разновиден, токму како и неговата политичка активност.

Иако светот се промени, ѝ останавте верни на идејата за револуција. Дали се залагате за онаа внатрешната, моралната, или за надворешната, општествена револуција?

Денес е тешко да се разликуваат тие две нешта. Треба да се извлече поука од минатото. Преку примерите на СССР и Кина се уверивме дека револуцијата не води нужно кон еманципација, затоа што во голема мера тоа беа терористички, деспотски, но, најпосле, земји губитнички. Мојот професор Алтисер зборуваше: „Маркс заговараше две револуции: една научна, врзана за материјализмот и економијата, и другата мисловна, филозофска.“ Денес е потребен таков пристап.

На почетокот од новиот век ја објавивте „Комунистичката хипотеза“. Иако, во 20 век комунизмот доживеа пораз, вие и понатаму верувате во него?

Верувам во првобитната смисла на комунизмот кој е изложен во „Манифестот на комунистичката партија“: еманципација и еднаквост во општеството. Диктатурата на приватната сопственост го разори општеството. Целата моќ е во рацете на мали групи олигарси кои ги опслужуваат банкарите и политичарите. Таквиот систем создава свет без правда и иднина. Во текот на владеењето на капитализмот избија две светски војни. Војната и денес погодува разни краишта од светот.

Поранешните комунистички земји, како Русија и Кина, како и државите од некогашниот Источен блок, тежнеат кон капитализмот. Сиромашните земји, токму како и богатите, ги фасцинира капитализмот...

Фасцинацијата од капитализмот е разбирлива појава затоа што тој го разви пазарот следејќи ги сопствените правила и создаде богати и моќни земји. Луѓето се маѓепсани од него, како децата од блескавите играчки. Таа фасцинација е разбирлива, особено во свет во кој другата хипотеза е поразена, затоа што социјалистичките земји доживеаја пораз. Но, во тоа восхитување луѓето го занемаруваат прашањето за правдата.

Дали сметате дека во капитализмот нема правда?

Капитализмот е изграден на суштинска неправда. Богатството е во рацете на еден грст луѓе. За време на кризата, еден процент од населението продолжи да го зголемува профитот, а останатите 99 проценти беа во загуба. Еден процент од луѓето поседуваат 45 проценти од светското богатство, а 10 проценти од населението располагаат со 86 проценти од вкупното богатство. Нееднаквоста е огромна – не само во богатството, туку и во моќта. Политиката на богатите земји се сведува на одбрана на личните привилегии. Не бираат средства – ако треба, војуваат. Светот не само што е неправеден, туку е и нестабилен. Оној што мисли дека капитализмот ќе владее засекогаш – греши!

Велите дека капитализмот е разбојништво и дека треба да биде срушен.

Капитализмот им дава моќ на еден грст луѓе и тоа врз основа на средствата за производство и богатството. Тоа е болен свет. Патологиите треба да се истребат или излечат, а капитализмот стана болест на човештвото. Капитализмот не е нормална состојба. Во денешниот свет можеби и е, но само затоа што досега комунизмот се покажуваше како неодржлив.

Пишувате остро и за демократијата. Велите дека денес демократијата открива едно авторитарно лице и дека, на некој начин, е забрането да не се биде демократ.

Секоја демократска влада се потпира на капитализмот. Нема исклучоци. Маркс рече дека демократските влади работат во корист на капиталот. Беше во право, а тоа денес најјасно можеме да го согледаме. Во Франција за претседател е избран левичар. Тој ја води истата политика како и неговиот претходник, десничар.

Зошто?

Затоа што нема избор. Принуден е да води политика која ги зајакнува интересите на владејачките класи. Политичарите ги спасуваат банките и капиталистичкиот систем. Ја осудувам оваа улога на владите. Тоа не е водење вистинска политика. Таа се сведе на изборни кампањи.

Тврдите дека злото во нашиот свет не е видливо. Тогаш, како да го препознаеме?

Денешното зло не е очигледно затоа што го прикрива привидната привлечност на капитализмот, таа потекнува од капитализмот кој владее со светот. Во некои рамки злото е јасно воочливо – постојат масакри, на сиромашните земји им се одземаат суровините, а за нафтата се водат жестоки војни... Големите империјалистички конфликти се зло. САД изјавуваат дека го застапуваат доброто и тоа им дава право да испраќаат воени експедиции за да интервенираат каде што ќе посакаат.

„Злото е перверзија на вистината“, забележувате во „Етика“. Поимот перверзија овде има посебно значење?

Злото е она што се претставува како вистина, а не е. Злото е составено од измами: угнетувањето и суровоста кои се сервирани како доблест и правда; вистинското зло е она што ја измамува човечката свест. Злото кое нè доведува во заблуда го препознаваме лесно и, со самото тоа, се бориме против него. Кога луѓето ќе се најдат пред нескриен ужас, на пример, масакр, реагираат. Но, тоа што ние го гледаме е само еден сегмент од злото. Затоа што, во својата најчиста дефицинија злото е скриено и покриено со велот на доброто. Токму така би ја опишал империјалистичката политика на западните земји кои ги промовираат демократијата и политичката вистина. Лагата претставена како вистина е зло, во тоа е перверзијата на вистината.

Кога зборувате за зло, зборувате и за вистина. Но, поимот на вистината го користите во множина.

Идејата за постоење една вистина не е филозофска, туку религиозна. Религијата е насочена кон една вистина. Во нерелигиска смисла, поимот на вистината се користи во множина. Изнесов четири различни видови вистини: првите се научни, општопознати, другите – уметнички, а третиот вид се политичките вистини. Наспроти привидната вистина за која зборувавме пред малку, вистинската политичка вистина е верна на своите принципи. Четвртиот вид се љубовните вистини. Пред сè, тие се однесуваат на односите помеѓу мажите и жените. Љубовната вистина е подлога за откривање на светот во двајца. Љубовта е најосновниот облик на комунизмот – таа е комунизам во двајца.

Кога го опишувате филозофот, тврдите дека тој е и научник, и уметник, и активист, и љубовник. Каков е филозофот љубовник?

Филозофот љубовник е мислител што ја искусил љубовта. Значењето е многу едноставно. Веќе ги наведов четирите видови вистини: уметност, наука, политика и љубов. Во своите размислувања филозофот треба да се приближи до секоја од нив. Целта на филозофијата е да го разјасни прашањето за вистината.

Велите дека денес љубовта е загрозена. Каква опасност ѝ се заканува? Дали љубовта треба повторно да се осмисли, како што вели Рембо?

Љубовта ја загрозуваат две околности. Првата е капиталистичкиот модел на живот. Денес владее себичен индивидуализам, а во љубовта човекот треба да жртвува дел од себеси и да ја прифати потполната присутност на другата личност. Помеѓу егоизмот и вистинската љубов постои дисхармонија, па затоа луѓето сè повеќе тежнеат кон сигурност и љубов. На интернет бараат сличен партнер со себеси и не му се препуштаат на ризикот кој со себе го носат новите, случајни познанства. Така, на одреден начин, склучуваат договори, а тоа ја загрозува љубовта која моли за авантура и случајност. Второ, во модерниот свет сексот е важен како облик на хедонизам, владејат расипаноста и сексуалните слободи. Капиталистички планираниот брак, од една страна, и либертинизмот, од друга, ѝ се закануваат на љубовта. Денес, повеќе од кога било треба да се брани и повторно да се осмисли љубовта.

Како го прават тоа филозофите?

Најголемите филозофи не заговарале сигурен живот. Потрагата по вистината никогаш не е ослободена од ризик, токму како и љубовта. Филозофот мора да се впушти во љубовен ризик.

Падот на берлинскиот ѕид, по што следеше и распадот на Југославија, многумина го нарекуваат крај на комунистичката утопија. Според вашето мислење, што се случи во поранешна Југославија?

Југославија беше зафатена од две кризи во тој период. Првата беше кризата на социјалистичките држави која доби светски размери. Се распадна Советскиот сојуз, додека некои бивши комунистички земји се насочија кон таканаречениот Западен блок. Кина стана неокапиталистичка и бирократска држава. Значи, тоа беше светска криза која ја погоди и Југославија. На некој начин, по Втората светска војна, Комунистичката партија ја обедини Југославија и ја одржуваше како целина. Втората криза беше од национална природа. Нејзините корени се многу постари и посложени. Изби конфликт на националните идентитети, а потоа двете кризи се поврзаа. Југословенските земји ги обединуваше единствен идеолошки и политички систем, а со неговото рушење старото национално прашање во тој регион повторно доби неверојатен замав. Дојде до конфликти и се водеа ужасни граѓански војни, белки таа криза единствено можеше да се реши со распад на Југославија и создавање нови, национални држави... Според моето мислење, таквиот исход не е нималку добар. Тогашната југословенска криза го најавуваше нејзиниот распад, но, создавањето нови, мали, независни држави не им одеше во прилог на малите држави, туку на големите и моќни земји. САД и Кина нема да се поделат.

Во политичкиот есеј „Околности“, пишувавте и за Косово...

Да, пишував за Косово. Понекогаш пишуваме само затоа што не сме во позиција да имаме некаква реална моќ. Имено, јас не сум сигурен во праведноста на косовскиот сепаратизам. Косово, кое денес им е потчинето на странските земји, стана бојно поле за ужасни трговии и корумпирани политики. Таквиот резултат нималку не е вреден за пофалба. За него не може да се зборува како за „големо ослободување“. Во Југославија се случија првите примери на конфликти во кои беше многу тешко да се согледа каде е Доброто. Еден ден, таму, иднината ќе мора да се гради врз нови темели. Со изговорот дека јазиците и културите им се разликуваат, луѓето тврдат дека таму соживотот е апсолутно невозможен. Тоа не е патот на напредокот и глобализацијата. Сега сфаќате зошто поимот за вистините се користи во множина.

23.11.2014

Извор: http://www.politika.rs

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото