1032 hPa
53 %
9 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 13:59
Неофашистичките, расистичките и популистичките, ксенофобно и антиимиграциски настроените европарламентарци добро и’ се познати на европската јавност.
Ликовите како Жан-Мари Ле Пен, Пиј Кјаерсгаард или покојниот Јорг Хајдер често се наоѓаа на насловните страници на весниците, најмногу во рубриките за скандали, поради неверојатните изјави за припадниците на другите народи, раси, вери или, пак, родовите и сексуалните малцинства. Со текот на годините тие постигнаа неверојатен раст во бројот на гласовите. Истовремено го привлекоа и вниманието на политиколозите и социолозите, разбивајќи ја секоја илузија дека политиката и понатаму може да се набљудува и разбира според рационалното или идеолошкото начело.
И додека наведениве имиња и’ се добро познати на нашата јавност, крајно десните политичари како Волен Сидеров, Корнелиу Вадим Тудор или Јан Слота засега им се познати на само дел од луѓето вон своите земји. Во ЕУ влегоа на задна врата, грабејќи сè повеќе места во Европскиот парламент со секои избори. Последното изјаснување на волјата на европските граѓани, барем оние малкумина кои излегоа да гласаат за Европскиот парламент, ја инсталираа екстремната десница високо меѓу европските ѕвезди. Според резултатите од изборите во 2009 г., блоковите на радикалната десница освоиле 12% од местата, а од 1990 г. па до 2009 во просек освојувале од 7 до 10%.
Парадоксално, влегоа меѓу застапниците кои ја бранеа „тврдината Европа“, истите оние кои до пред неколку години зборуваа за романската или бугарската опасност по нивните земји. Но иако некои членки беа загрижени поради недостатокот гаранции за политичката и економската стабилност на новите членки, радикалната десница го поздрави ширењето кон посткомунистичка Европа. И тука досегаат границите на ширењето. Во воневропската зона остануваа Турција, но и Русија, иако се работи за православна, значи, христијанска, култура.
Крајната, радикалната или екстремната десница е поим кој во политиколошката литература има 23 различни термини и речиси ист број дефиниции. Адорновски сфатената авторитарна природа на радикалната десница вклучува догматизам, ригидност, ексклузивност, авторитарност, национализам, антипермисивизам, ксенофобија, расизам, нетолеранција, антидемократичност, желба за силна држава итн. „Мејнстрим“ десницата не ги поднесува, ги смета за конкуренција, но и за своевиден политички шлајм кој во себе нема елементи на елитизам, аристократија или некаква трага на буркеовски конзерватизам.
Кога Романија влезе во Европската унија, угледниот британски весник Guardian објави приказна за Партијата на Голема Романија, тогаш третата по ред најголема партија во земјата, чиј претседател Корнелиу Вадим Тудор влезе во вториот круг на претседателските избори. Но познатиот антисемитизам, и покрај посетата на Тудор на меморијалниот центар „Јад Вашем“ во Израел, не израсна на крилата на фашизмот. Всушност, партијата на Тудор не се согласува на никакви споредби со романскиот фашистички диктатор Јон Антонеску, прогласувајќи го за велепредавник на татковината. Впрочем, Тудор, како и сите други популистички водачи, е горд поборник на комунистичкиот режим и работел во разузнувачкита служба или тајната полиција. Во нивното „десничарење“ се работи за многу постар и посложен етнонационализам од фашизмот кој ја остави Источна Европа во несредени односи. За тоа зборува и антропологијата на Кетрин Вердери: „Сметам дека националната идеологија која стана заштитен знак за Романија на Чаушеску има неколку автори, а само едниот од нив е нејзина намерна инструментализација од страна на Партијата. До одредена мера, би рекла, Партијата била приморана да влезе на теренот на националните вредности под притисокот на другите, особено интелектуалците кои не можеше во целост да ги ангажира на ниеден друг начин“.
Пореметувањата и патолошките деформации на политичкиот развој започнуваат со пропаста на Австроунгарската, Руската и Отоманската империја по која останаа несредени односи. Повеќето народи и под империите имаа свои државни или полудржавни организации и соодветна политичка свест. Под влијание на јазичниот национализам и пропаста на империите, овие народи се најдоа во состојба на флуидни граници, мешани економии и силни национални чувства. Настанатата политичка хистерија ги сврте источноевропските народи едни против други. Разните национални „науки“ доведоа до пореметување на инаку демократските движења на национални освестувања и создадоа „антидемократски“ шовинизам. Источна Европа не претставува осамен пример, но таа сè уште го нема затворено тоа поглавје од историјата, туку го премолчи. Познатиот унгарски дисидент и веројатно најголемиот политиколог од 70-те години, Иштван Бибо, го препозна таквиот развој и уште тогаш заклучи дека во иднина причина за идната голема војна повторно ќе бидат територијата, јазикот и правото на државност, и тоа на подрачјето на Источна Европа, најверојатно Балканот. Прецизноста во неговите предвидувања се огледува во дивјачкиот национализам кој се претвори во софистициран популизам и проекција на вината на Другите.
Добро познатата формула ги обвини Евреите и јудеомасоните, антихристијаните и комунистите за злосторства сторени во комунистичката борба. Бројот на Евреи е значително намален во Источна Европа, со релативниот исклучок на Унгарија. Ромите се секогаш дежурни виновници, а потоа и автохтоните, „шпионски“ малцинства кои, според радикалното десничарско размислување, со играњето на своите народни ора и разговарањето на сопствениот јазик вршат велепредавство на државните интереси. Така, водачот на бугарскиот Национален сојуз Волен Сидеров реши дека секој јавен (па и приватен) говор на не-бугарски јазик треба да се санкционира, со што директно целеше на ромското, турското и македонското малцинство во Бугарија. Анахронизмот кој е присутен во ваквите пораки остава впечаток дека се работи за приказни од 30-те години на минатото столетие, но стварноста е лажлива; последните големи резултати на опишаните екстремно десни платформи создаваат силни партии како унгарската Јобик, Лигата на полските семејства, Словачката народна партија, од кои добар дел од нив се дел и од власта!
Западноевропската десница не оди толку далеку. Всушност, во програмата на австриските слободарци се споменуваат заслугите и автохтоната помош во создавањето на „австријството“ не само на Германците, туку и на Словенците, Италијанците, Хрватите, Унгарците, Чесите... Нивниот заштитнички национализам е насочен кон имиграцијата од Африка и Азија, и често е следен од силен расизам и противење на исламизацијата на општеството.
Според истражувањето на Европската комисија од 2006 г., 32% од граѓаните на ЕУ им верувааат на своите парламенти, 28% од нив на својата влада, а само 14% на своите политички партии. Радикално десничарските партии овде се наоѓаат во специфична позиција, бидејќи со својот популистички став го напаѓаат етаблираниот политички поредок како елитистички. Поставувајќи се себе си како уривачи на тој елитизам, радикално десничарските партии настојуваат да покажат дека „говорат од позиција на народот“ и дека го претставуваат „гласот на народот кој е игнориран од останатите политичари“. Како дотогашен политички аутсајдер, радикалната десница посебно се грижи за својот углед на владејачките позиции. Бидејќи мнозинството радикално десничарски партии не биле дел од власта, или барем не биле дел од владините коалиции, тие подготвено го напаѓаа либерализмот во политиката, културата и општетсвото како основа за вината за ексклузивноста и елитизмот. Германскиот политиколог Ханс Георг Бец ја воочува способноста на радикалната десница да ги прекрши табуата и јавно да проговори за сложените проблеми на едноставен, но радикален начин. Често движејќи се на работ на законските одредби, на пример, кај расизмот, се претставуваат како „свежа политичка сила која партиите од главната струја ја казнуваат поради нејзината отвореност“.
Ле Пен еднаш го сумираше размислувањето на радикалната десница за Европа: „За Европа да биде реалност, мора да постои вистинско европско чувство; затоа ја изразивме желбата за продор зад патриотското, зад нашите чувства за национален патриотизам, за да се достигне европскиот патриотизам. Тоа значи дека нема да постои Европа ако не и’ е судено да стане нација. Оваа нација може само да настане преку употребата на одбраната од надворешните закани, а Бог знае дека постојат доволно закани за Европа“.
Интересно е тоа дека радикалната десница сè повеќе се ослободува од својата „евроскептична“ страна бидејќи увидува дека оддалечувањето од неа и’ овозможува подобри изборни резултати и поголема моќ. Холандскиот политиколог Кас Муде во својата книга за радикално-популистичките партии во Европа го дели нивното определување на евроентузијасти, европрагматичари, европротивници и евроскептици. Во првите ги сместува само австријските Слободари. Како прагматичари ја гледа една од најголемите романски партии, Партијата на Голема Романија, бидејќи нејзиниот челник Тудор влегувањето на Романија во ЕУ го прокоментира со зборовите „тоа не е капитулација, туку реалполитика“. Противниците на ЕУ се наоѓаат меѓу 15-те „стари“ членки, најмногу во традиционално евроскептичните општества како В. Британија и Данска, додека евроскептиците ги собираат и најпознатите радикално десничарски партии како Фламаски интерес, Национален фронт, Северна лига, Лигата на полските семејства. Евроскептиците не го отфрлаат здружување на Европа по секоја цена, ама остро и’ се противат на ЕУ каква што е создадена во Мастрихт. Овие ставови се огледуваат и во изборните слогани: Не на Мастрихт – Да на Европа како татковина, Да на Европа – Не на Европската Заедница, Да на Европа – Не на Брисел итн.
Националистичката постфашистичко-ксенофобична интернационала својот најголем интегративен успех на европско ниво го постигна во Контактниот форум за европските патриотски и национални партии и движења во Виена. Задача на овој форум е одржување на годишни состаноци и заеднички акции на европско ниво. Форумот издаде и Виенска декларација на патриотските и националните движења во Европа, која се состои од осум точки:
1. Засновање на Европа на слободни и независни нации во рамките на конфедерацијата на суверените држави-нации;
2. Отфрлање на сите обиди за создавање на устав за централистичка европска супер-држава;
3. Јасно отфрлање на неограниченото проширување на европската интеграција на географското, културното, верското и етничкото неевропско подрачје Азија и Африка, вклучувајќи ја и Турција;
4. Делотворна заштита на Европа од опасноста како тероризмот, агресивниот исламизам, супер-моќниот империјализам и економската агресија на државите со ниски буџети;
5. Моментално стопирање на имиграцијата во сите држави на ЕУ;
6. Пронатална семејна политика која цели на поголем број деца во традиционалните семејства на европските етнички заедници;
7. Солидарна борба на европските етнички заедници против социјалните и економските ефекти на глобализацијата;
8. Обнова на социјалните системи на државите-членки на ЕУ и социјална правда за европските етнички заедници.
Може ли да се направи нешто за да се спречи погубниот и антидемократски раст на крајната десница? Дариуш Александровиц од универзитетот во Берлин, кој ја проучува радикалната десница, смета дека може и дека некои земји од ЕУ тоа го прават многу ефикасно. „Во Германија, на пример, владините институции се активни и ефикасни во контролирањето на десно популистичката сцена со оглед на ксенофобијата, расизмот и сличните прашања“. Иако радикално десничарските групации ја преземаат локалната власт во покраините на некогашна Источна Германија, тие се доста ограничени и не успеваат да добијат претставеност на државно ниво. НПД (NPD) и Die Reoublikaner, двете најпознати германски радикално-десни партии, едвај успеаја да добијат место во Европарламентот. Некои други држави, истакнува Александровиц, не се толку среќни, но и тие се обидуваат да ги смират популистичките испади на своите радикали. Така, белгискиот Уставен суд во 2003 г., поради расистички говор на омраза и поттикнување ликвидација на емигрантите, го забрани делувањето на силната фламанска партија Vlaamse Blok. Меѓутоа, нејзините лидери само ја преименуваа партијата во Vlaams Belang (Фламански интерес) и продолжија со делувањето, создавајќи уште посилна партија.
Но ретко која западноевропска партија имала толку добар резултат како источноевропските пандани. Словачката народна партија доби страшно многу гласови кои го донесоа шовинизмот во самата влада. Словачките десничари полудеа од среќа за време на незгодниот случај кога словачката влада му забрани преминување на унгарскиот претседател преку прекуграничниот мост меѓу двете земји кога овој сакаше да го посети унгарското малцинство во Словачка. Полската партија Лига на полските семејства ужива огромна поддршка од Католичката црква и е една од радикално десничарските партии во Европскиот парламент. Унгарски Jobbik јавно зборува што мислат унгарските конзервативци – а тоа е спојување на сите „унгарски покраини“ во Голема Унгарија, додека нивните големоетатистички другари од Партијата за Голема Романија подготвено водат кампања за припојување на Молдавија и искоренување на Ромите.
Ѕвездите очигледно сјаат за источноевропската крајна десница во која сè уште владее идеологијата Blut und Boden (идеологија на крвната и територијалната поврзаност на една нација).
Извор: h-alter