Чекорење кон слободата

17.12.2014 10:17
Чекорење кон слободата

Овој процес што го започнаа студентите нема да заврши сè додека не се исполнат сите нивни барања. ТАКА МОРА ДА БИДЕ!

Откако ќе им ги прифатат сегашните барања, ќе поднесат други, како барањата за човековите права и слободи, демократски вредности и така натаму. Не можат сè наеднаш да постигнат! Следниот марш можеби ќе го водат новинарите, аналитичарите и некои професори (тие беа меѓу најбројните поддржувачи на студентите) за слобода на говорот и демократизација на медиумите, (и против дезинформациите и лагите на јавните сервиси) а ние другите заедно со студентите ќе се солидаризираме со нив. Потоа докторите ќе маршираат против изнасилените реформи во здравството. Еден ден, којзнае, можеби и уметниците и историчарите на уметност ќе ги предводат протестите против грдата антиестетика која нè преплави или милениумското тркало на реката Вардар, на пример, тоа ќе биде голем ден-празник за мене.

„Ова е само почеток!“ се скандираше на маршот. СТОП НА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ !- слоганот кој го одбраа за овие протести концизно го изразува незадоволството од лошите реформи, не само во образованието туку скоро во сите сегменти на нашето општество.

Затоа се здруживме со нив и на следниот марш пак ќе бидеме заедно, во уште поголем број. Нивниот „марш е наднационален, надетнички, надрелигиски, апартиски“.* Не се истакнуваат златни лавови и црни орли и слични симболи туку вакви пароли: „Сакам дома да живеам“, „We are not another brick in the wall”, „Не сме споменици па неправда да премолчиме“, „Пасивноста е отепувачка!“, „Мислам, значи заокружен сум!?“,„ Знаењето е наша партија“, и многу други, некои и на албански јазик.

Верувам дека нов бран граѓани ќе се приклучуваат на протестите што ќе следуваат. Нема да им замериме на оние кои поради некакви ирационални стравови не можат слободно да чекорат, ниту на тие кои се уценети за парче леб па им е загрозен опстанокот на нивното семејство. Но, сите други би требало да маршираат! Не за себе, туку за идните генерации, за младината , за нашата заедничка поубава иднина.

Не треба ни да се срамиме, а зошто би се срамеле? Бидејќи „време е да го оттргнеме политичкото од штабовите и да го изнесеме на улица. Политичкото не им припаѓа единствено на партиите и книшките, политичкото ни припаѓа нам, му припаѓа на општеството.“

Должност на професорите е да бидат со своите студенти во овие битни моменти. Сега е време кога нагонот за градење кариера треба да се стави во мирување, време е кога треба да се активираме во јавниот живот, да го изразиме својот став, да манифестираме доблест и храброст макар и по цена на „ризик“ таа активност да ни наштети на угледот и кариерата.

Јасно е дека проблемите и слабостите во високото образование ги решаваат само професорите внатре во факултетите преку конструктивна, креативна дебата. Како придвижувачка сила во нивната вокација е постојаната заинтересираност за подобрување на квалитетот на образованието. (?) Силеџиско наметнување државен или екстерен испит е наметнување контрола врз образовниот систем, лечење на симптомите, а не на коренот на проблемите. Како може некој „од надвор“ да знае што е најдобро внатре во образованието? Или некој кој не е внатре во здравствениот систем, во културата, во структурите на економскиот систем, да знае што е најдобро за тие системи и да им наметнува своја волја и моќ? Или некои „од внатре“ во соработка со тие „од надвор“ во мачо-стил да спроведуваат реформи без да го слушнат мислењето на своите колеги, без дијалог, без дебата, без темелна анализа на комплексната ситуација? И како може некои да бидат толку суетни и да се прогласат за најкомпетентни, најстручни и најумни во сите области? Тоа никако не можам да го разберам. „Гневни сме што наместо аналитички пристап кон развојот и унапредувањето на високото образование, вакви изнасилени измени во законската рамка се внесувале дури 12 пати во последните 6 години. Постои историја на игнорирани протести и побуни на академската јавност и наметнување моќ од страна на надлежните. Да не дозволиме тоа повторно да се случи.“

Конечно, цела интелектуална јавност, уметниците, сите граѓани на Скопје треба да излезат на улиците да протестираат. Тие повозрасните нека излезат со своите внуци. Бидејќи, како што реков, се работи за иднината на нашата држава, за иднината на нашето младо општество. Маршот на студентите беше марш на надежта, марш на светлината, убавината и добрината! Таква позитивна вибрација нема ниту на концерти од типот „Четврта димензија“ со Џон Меклафлин. Еден таков хепенинг - река од позитивна енергија на искрено здружување, младешки ентузијазам и радост - не знам дали се случило до сега на скопските улици!

Така ќе марширам уште сто пати ако треба (секој пат да се крати по една година од проклетството!), сè додека бројката не се зголеми до 100, 150 или 200 илјади луѓе кои смело и достоинствено маршираат по улиците на Скопје. Само една таква директна демократија, (за која Јозеф Бојс цртал дијаграми на предавањето во Белград во 1974 година), ќе биде основа и живо ткиво за вистински демократски реформи во нашата држава. Моите колеги уметници и историчари на уметност нека се сетат на тие времиња и нека се придружат на ова историско чекорење кон слободата.

Им благодарам за храброста, истрајноста и волјата да се изборат за правото на автономија на своите универзитети, но и да го разбијат молкот и зачмаеноста која владееше во нашето општество. Дигнитетот и нивото на дијалог кој го воспоставија од самиот почеток е за пример за сите нас.

Ако студентите се свежата политичка сила, тие кои маршираат крај нив треба од нивната акција да оформат нова политичка реалност. Затоа сите на свој начин, со свој придонес, да се потрудиме да го расчистиме просторот, патот, за пробивот на прогресивните сили во нашево толку истоштено општество.

За крај една порака упатена кон возрасните. Да бидеме малку повнимателни! Зошто потреба од вулгарности? Чин на слобода е да се загадува етерот со вулгарности? (без разлика на контекстот!) Прекумерната вулгарност ја задушува фината вибрација, финото ткиво што овие млади и некои други го ткаат!

Борјан Јовановски во емисијата ВинВин многу убаво кажа, дека (парафразирам) фрустрациите треба дома да ги сомелеме, да го преобразиме негативниот набој и разочарувањето, а во јавниот простор да емитуваме позитивна, конструктивна мисла, поттикнувачка енергија која ги сплотува сите. Тоа е многу битно за да се крене енергијата и нивото на свеста. Ако тие од другата страна немаат мерка во своето однесување, немаат култура на дијалог итн., ние од оваа страна по примерот на овие млади луѓе да демонстрираме мерка, совест, свесна акција и култура. Да се огледаме во нив и да се прибереме малку!

И да се зафатиме за работа. Да не ги разочараме и овој пат и нив и себеси...

*Сите цитати се извадени од Повикот на Студентскиот пленум за солидаризација со нивниот марш на 10 декември

Фотографии :1.Принципи на организацијата за директна демократија, Јозеф Бојс (Joseph Beuys), 1972; 2. Јозеф Бојс, предавање во СКЦ, Белград, 1974