Волчјо копиле

17.12.2014 10:31
Волчјо копиле

1

Лаете

Да се покријам со уши
Да го свиткам опашот меѓу нозе
И да се чистам одовде

Лаете

Да паднам на колена пред вас
Да удрам со главата од земја
И на четири нозе да отползам
Во местото на раѓање

Лаете лаете

Да ползам назачки
И да ги излижам сите татковски траги
Што навака ме упатија

Лаете лаете лаете

Со тупаницата да си ја затнам устата
Да си го прегризам јазикот
И да го закачам за појасот


2

Не молејќи од вас дозвола
Се раѓам како и досега
Од волчјото цвеќе

Ме дои сенката на старата волчица
Која со камените муда ја дотепавте
Заедно со нејзините волчиња

Зборувам сам со себе
На обесветено огнено поле
Наведнато над споевите
На сеќавањата и предвидувањата

Пеам без престан

Од страв да не останам сам
Меѓу вас до смртта
И по неа


3

Одам во потрага по својот вистински татко
Кој без мене не може да се роди

Го барам

Во цртите на неговото лице
Расфрлани низ дувлото
Во кое упаднав

Во долината на одгризеното мое стапало
Наследено од него
Јадниот крадач на сонцето

Во високата плевел
Испоникната меѓу слоговите
На неговото име

Го барам
И во тоа целиот живот
Овде на огненово поле ми поминува


4

Со чекан тупаница и глава
Удирам везден во наковалната
За која со невидлив ланец сум врзан

Роса ми ја облева наковалната
Црна наутро зелена напладне
Црвена навечер

Ковам старо железо
И отпадоци од месечината

Горам од желба
Да ја пронајдам ковината
Од која ланецот ми е искован

Сиво облачиште
На десното рамо ми седи
И раката ми ја води

Млади волци
Скриени преку ден во моето дувло
Ме гледаат молчат и учат


5

Од братското соѕвездие на Плејадите
Ги свикувам своите волци
На главниот плоштад на вашата престолнина

Заедно со нив светкам со очите на вас
И лесно ве втерувам
Во вашите повеќекатни куќички

Уживам во слепата меѓусебна борба
На вашите домашни железни чудовишта
Здивеани без вас

На волците им се качувам на грб
И со заби ги кинам вкрстените ножеви
Од вашите највисоки кули

И колку што сакам рикам на месечината
Со опашестите свои синови


6

Јавајќи врз својот волк предводник
Се враќам на зелените висови
Од кои навака се симнав

Копам таму за себеси гроб
Во најдлабоката мисла на волчјиот пастир

Во таа заборавена длабочина
Никој од вас ни не сонува
Мртов да ме бара

Созрева таму во мир
Сивиот шкрилец наречен антимон
Од којшто сум создаден

Од него прво никнува
Новото волчјо цвеќе
А после сето друго по ред

По светиот зелен ред


7

Лаете

Дека умот ми се симнал во газот
И дека преку ноќ израснал
Во злокобен опаш

Лаете

Дека мислите ми се претвориле
Во сиво влакно
И ги пробиле сите пори на кожата

Лаете лаете

Дека зборовите ми баздат
На човечко месо запалено на клада
И на белото семе на мојот опашест бог

Лаете лаете лаете

Дека од грло ми излегува
Познатиот крвожеден урлик
Што го нарекуваме песна

Лајте вие само

Слики: Odd Nerdrum
Избор и превод: П. В.
Извор: Вучја со, 1975; циклус: Вучје копиле

ОкоБоли главаВицФото