1030 hPa
80 %
2 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 23:59
Додека влегувате во амфитеатарот на Филозофски / Филолошки факултет ја забележувате неговата / нивната финансиска моќ. Просторијата не е во добра состојба. Изгледа како да не е кречена одамна, или барем како прозорците на покривот што треба да даваат дневна светлина да не се во добра состојба, па низ нив капело од обилните врнежи кои стануваат вообичаени за Скопје. Сите редови освен првите два се со дрвени столчиња.
На катедрата како говорници, покрај професорите од Филозофски и Филолошки факултет, седат претставници од ФДУ и ПМФ. Сите професори се од факултети кои не припаѓаат на големиот бизнис со / во образованието. Филозофски и Филолшки делат зграда и дури ни заедно не можат да имаат реновиран амфитеатар, како на пример што Економски факултет имаше уште во 1999 год. ФДУ е сместен во бараки, кои колку и да се топли и полни со дух од уметничкиот живот, се крш. ПМФ е факултет кој по сплетките со Институтот за информатика и неговото реформирање во ФИНКИ го изгуби главниот извор на приходи, па професорката Прелиќ нѐ потсетува дека сега немаат пари ни за хемиски реагенси.
Сето ова е слика на средбата на помалку привилегираните факултети и на оние кои, барем во академскиот ред, немаат речиси никакви привилегии — студентите. Дури и претставниците од професорскиот ред на некој начин беа „the usual suspects“ — Вилиќ, Ванковска и Бојаџиевска, па дури и Цуцуловски пред да се пензионира, се чести лица во јавното зборување за разни проблеми, па и универзитетските.
Ова не го пишувам за да ги критикувам овие факултети или присутните професори, туку за да додадам контекст во трибината што ја организираше Студентски пленум:
Колку и да беше прецизно и јасно правното излагање на Костантин Битраков, тоа ќе беше помоќно ако покрај него зборуваше и професор од Правниот факултет. Вилиќ убаво напомена дека веројатно во Министерството немаат правник како Костантин, но имаат ли на Правен?
Понатаму, кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници. Веројатно најбогатиот и најмоќниот (и најбројниот по студенти?) факултет молчи. Исти се резултатите и за Архитектонски и Медицинси факултет…
Колку што знам (немам Фејсбук, тешко ми е да проверам) Филозофски/Филолошки се единствените два факултета на УКИМ што дозволиле употреба на просторија (а тоа да не е холот/аулата) за одржување на активности на Студентски пленум, иако студентите знаат дека никаква посебна дозвола за тоа не е потребна (ако добро запаметив од трибината: член 157 од Законот за високото образование).
Прашањето оттука е — кога ќе се соочиме со помоќните факултети и нивните помоќни професори?
Окупирајте ги кампусите. Сите.
Извор: medium.com/@therealpsmst