Каков и да сум, оган сум бездомен

18.12.2014 11:39
Каков и да сум, оган сум бездомен

ДОБРО

добро, ајде да си признаам:
јас сум сам. точка. одиме
понатаму: не ми е лошо?

добро, ајде да помислам:
љубовта е мисла, скриена
во мракот на светот.

добро.

ајде сега, да молчам. малку.
твоите насмевки, сонце.
твоите гради.
остави ме да ги одмолчам.

добро, ајде да помислам:
сонувам ретко но добро.
исто како во рекламата за пијачката
која го уби татко ми – пиј малку,
пиј добро. вињак. Цезар. или Рубин.

точка. добро.

ајде сега да се вратам таму:
во станот на последниот кат.
осите градеа гнезда во празните
пивски шишиња на тесната тераса.
на внатрешниот ѕид од терасата
моите редеа шишиња, ко за отстрел.
загина, прво, оној што ги пиеше по ред:
откако почна да ги пие скришно, тивко.
после, почнавме ние да гинеме, во неговите
болки да гниеме, како безвредни црви на патот
кон бога.
ајде сега, биди умен и објасни си:
како може, толку едноставно и лесно,
љубовта да те убива. во дози, ко на лажичка.

добро. тури точка. плукни. исплачи се.
нема да биде подобро: само те лажат.

добро.

ајде сега да се прашам: имам ли храброст,
имам ли мадиња, да се вратам. таму.
само точки пишувам. и потврдувам:
добро. не ми се плаче. не ми се…
што и да треба да правам. мртов. тој.

јас: жив. ко оган жив. ко вода надојдена.
жив, јас. неверојатно. башка што сум луд.
тоа ми е ебаниот бонус во мракот на светот:
ја гледам скриената светлина. љубовта. боли.

добро. што и да направам, ништо не менувам.
не воопшто, не на долги патеки.
и онака сум
спринтер. брзи здивови, жесток оган. ако се
пеплосам, значи ми паднала пепелта в скут.

од цигарата. добро.

баш ме заболе…

добро. што и да е.
ајде да молчиме.

не сакам да сум тука. добро. не сакам
да сум каде и да е. а сакам да сум жив.

сум. каков и да сум. оган бездомен.
питом. луд и необјаснив.

сум. точка.
толку е лесно
што е тажно.

07.03.2009 02:11


НЕЖНА ПЕСНА

денеска, додека истоварав нови книги поезија,
на пулт видов книга со наслов „опасен сум“.
додека чекав да ги примат поезиите, отворив
и гледам: ова е опасно како противпожарен апарат
– ќе те изневери кога најмногу ќе ти треба

опасен си, си мрморам, за книжевноста како уметност.
не дај боже некое дете да те сфати озбилно.

товарам книги поезија во ранецот, сонувајќи проза
секоја мугра ме буди со нови страници раскази
ништо не запишувам, само прашувам каде е шанкот

опасен станав сам за себе, ваков ненапишан
никако да се допијам во овие мои пролети
никако да се наситам од храна, зборови и музики
– ќе се заебам од премногу љубов кон животот

каде е шанкот, каде е мразот, имате ли чаша за мене?

толку прашувам, однапред помирен со секој можен одговор.
нежен сум. пијам молчеливо и се обидувам да ги поништам
спомените.
што ќе ми е сеќавање, ако сега не сум жив?
имате ли, за мене, каде е мразот? огнов мора да се гасне,
или ќе изгори светов ко тенка ненапишана хартија…

патетични зборови за басот кој низ мене бие, тажаленки
кои дури ни мене ништо ме ми значат. имате ли, за мене?
на самотен брег градам колиба: кога и да е, ќе морам
да му се вратам на риболовот. нишката која ме поврзува
со длабочините: пот и плот во плодовата вода на светот.

наточи ми уште. не ме штеди. не штеди го шишето.
сè ќе биде добро. само нека тече. времето нека го:
ќе бидеме секогаш свои ако не го мислиме премногу.
градам колиба на мојот брег. од потопени бродови, од
свенати дрвја.
градам колиба за моите мисли:

ако овде не ги собере, ќе кренеме палата од зборови
– кревка како кула од карти. нежен сум, рамнодушен
кон светот. рамнодушен сум кон себе, но нема да одбијам
ако ме погалиш. легнувам питом и сеедно ми е кога ќе се
разбудам. поезии ме будат додека си ги сонувам расказите.

04.07.2009 18:44

Слики: Christer Karlstad
Извор:
Блесок

ОкоБоли главаВицФото