1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Студентските протести се случија и поминаа. Адреналинот полека паѓа, еуфоријата стивнува, впечатоците слегнуваат и дојде времето за нивно средување. Преку коментари и анализи за нивната (не)оправданост, за нивното значење, за нивната тежина, за нивните пораки, за нивната заднина итн. итн. Во морето критички осврти за она што се случи (иако според некои медиуми, не се случи) на 10 декември низ скопските и битолските улици, ќе издвојам два коментари објавени во „Нова Македонија“.
Едниот е на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Ивица Боцевски, а вториот на Мирка Велиновска. Без да навлегувам во детална анализа на нивните ставови и мислења, ќе се задржам на она што е заедничко за двете писанија.
Првото е потенцирањето на „сдсм-сорос-странски служби-NLOа“ заднината на протестите, што значи дека студентите биле изманипулирани од „пу јаз'к“ фактори кои не ѝ мислат добро на Македонија, кои ја мразат Македонија и кои сакаат да ја видат на колена (небаре сега е гордо исправена).
Вториот заеднички елемент на тандемот Боцевски-Велиновска е оправдувањето на екстерното/државно-испитното проверување на студентското знаење, кое, според нив, е во функција на подобрување на високообразовниот процес. И толку. Всушност, има и трет обединувачки елемент на двете колумни, а тоа е полтронизмот, кој нема да го коментирам, бидејќи влегува во сферата на интимите органи.
Јас, Гордана Попсимонова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и учесник на студентските протести, имам обврска пред своите студенти и пред својата совест, да го кажам следново:
Боцевски и Велиновска!
Со целосно почитување на вашите, со Устав загарантирани, неотуѓиви и нераскинливи права на глупост, незнаење, интелектуално слепило, исполитизираност, дрскост, ароганција, самобендисаност, малициозност и полтронизам, морам да ве разочарам со три ноторни и непобитни факти - студентските протести на 10 декември беа автентични, спонтани и оправдани.
Беа автентични затоа што беа студентски (и само студентски) протести против една мерка на Владата која ги засега нив и пред сè нив. Момчињата и девојките од Студентскиот пленум во целата фаза на подготовките на протестот, како континуитет на нивниот претходен протест, беа крајно отворени и транспарентни и само злонамерен и исфрустриран човек не може да го види тоа. Излегуваа на ТВ дебати, држеа прес конференции, лиферуваа јавни соопштенија и имаа состаноци во аулите на факултетите кои беа отворени за сите. Со еден збор, демонстрираа висок степен на транспарентност и демократичност во своите постапки и одлуки, што претставува феномен кој одамна избегал од Македонија.
Беа спонтани, затоа што беа инклузивни. Кон себе ги привлекоа сите студенти од повеќето факултети и универзитети од неколку градови во државата. Колку беа инклузивни, а со тоа и наднационални и надпартиски, се гледа и во фактот што на протестите учествуваа студенти од сите националности во нашата земја. И тоа претставува феномен кој одамна емигрирал од Македонија.
Беа оправдани, затоа што владината мерка наречена првично „екстерен“, а потоа „државен испит“ е лоша. И површна и некредибилна и непродуктивна. Површна, затоа што на еден безобразно и безобѕирно бирократски начин, без никакви претходни анализи и јавни расправи, наметнува (октроира) казнено-поправна мерка за сите студенти на сите факултети. Некредибилна, затоа што предлагачот (Владата) прави една фројдовска грешка - поаѓа од фактот дека на „некои факултети“ има нереално валоризирање на студентското знаење, а тоа е, ќе признаете, резултат на стампедото „образовни реформи“ од истата таа Влада. Со други зборови, не се согласувам студентите и професорите да бидат жртви и заморчиња, но и алиби за неуспешните експерименти на Владата. Непродуктивни, затоа што знаењето и вештините на студентите не можат и не смеат да се мерат и проверуваат со квиз-прашања со неколку помалку точни и еден повеќе точен одговор.
Боцевски и Велиновска! Секогаш сум го почитувала правото на поинакво мислење, затоа што без тоа нема култура на дијалог, нема напредок, нема демократија. Од друга страна, секогаш сум сметала дека има некои блескаво црвени линии на морал, пристојност, чест, достоинство и доблест, под кои не смее да се оди. Да застанете против своите деца кои протестираат заради вашите лоши мерки на воспитание и образование, значи дека сте невоспитани и необразовани. Да застанете против нив, значи дека застанувате и против нивната иднина. Како такви, не можам да ве сметам за идејни ривали и конкуренти во натпреварот на ставови, позиции и аргументи. Ве сметам за мои непријатели и непријатели на мојот народ. За предавници на сопствените деца, а тоа е непростлив грев. Затоа и овој текст го насловив со едно познато дело на Мирослав Крлежа напишано пред повеќе од 80 години.
Извор: Глобус
Слики: Свирачиња