В понеделник сите на протест!

20.12.2014 11:06
В понеделник сите на протест!

Од 1 јануари, за неполни две недели, рачето на власта повторно ќе се пикне длабоко во нашите џебови, почитувани читатели. Новиот закон, кој под изговор дека со тоа ќе ги обезбеди со здравство и со пензии сите оние со нередовни примања, го крева наметот за хонорарците на фантастични 35% од хонорарот. Од овој намет ќе куртулат спортистите, пензионерите (погодувате зошто) и, секако, добар дел од функционерите, тие де, идејните творци на овој закон.

Наметот, се разбира, ќе го плаќаме ние, останатите, огромното мнозинство граѓани што секој ден се бори и работи чесно за нешто повеќе од корка леб. И оние што покрај редовната работа за која веќе плаќаат здравствено и пензиско осигурување мораа да подработат нешто дополнително за да го скрпат семејниот буџет (за што редовно и дополнително веќе плаќаат персонален данок), и оние што воопшто немаат работа, па живеат како знаат и умеат, снаоѓајќи се од хонорар до хонорар.

Наметот ќе важи и за студентите, од кои добар дел подработуваат нешто за да излезат на крај со тешкиот студентски живот, за да можат и тие да проживеат нешто од младоста и да платат некоја пијачка навечер без да се „гребат“ кај нивните осиромашени родители, баби и дедовци, колку да ја голтнат полесно маката додека ги гледаат властодршците кои ги игнорираат нивните барања, како заедно со нивните развеселени слуги и пајташи се расфрлаат со шампањско, виски, а богами и со „здрава“ храна по локалите ширум земјава.

Законот ќе важи за уметниците, писателите, музичарите, оние вистинските, кои не ги гледате по пивтијади и копитијади, оние што мака мачат и често трошат повеќе отколку што заработуваат за да си направат некоја изложба, да издадат некоја книга, да направат некој концерт или свирка, упорно палејќи светулки во културната темница и невкусот во кои нè забута оваа власт. Ќе плаќаат и преведувачите, професорите и наставниците, истражувачите, новинарите и медиумските работници, но и сите други наемни работници, сите што нудат каква било услуга за која не добиваат плата, туку соодветна компензација на трансакциска сметка - за која било интелектуална или физичка работа или услуга.

Пред три дена со изјава за оваа работа се јави министерот за труд и социјала Диме Спасов. Човекот што нема ни ден работен стаж во реалниот сектор. Човек што со 19 години доби државна работа како референт, а кој за неколку години, на 26-годишна возраст се вивна метеорски на оваа фотелја, од каде што одлучува за човечки судбини, и за оние што се кршат од работа, и за оние што живеат во крајна сиромаштија од социјална помош. Вели дека не смее да се дозволи социјална несигурност кај „фриленсерите“, дека ова ќе ја зголемело нивната сигурност, дека ќе имале можност да остварат старосна пензија. Секако, ако во меѓувреме не умрат од глад и мака, или од немоќ, гледајќи го рачето што упорно се пика во нивните џебови.

Секако, на министерот веднаш му терцираше ССМ. Синдикатот што на сета социјална беда и мизерија за 1 мај не организира протести, туку прослави, како во најдобрите денови на самоуправниот социјализам. Од синдикалниот огранок на текстилците велат дека се свесни оти работниците од први јануари ќе добијат пониска плата, но барем ќе биле пријавени. Истите тие работници, кои досега им робуваа на многумина од текстилните магнати за 4, 5 или за 6.000 денари, без пријавување и стаж, работејќи многу повеќе од 8 часа дневно. За тоа флагрантно кршење на работничките права жолтите (т.е. портокаловите) синдикати не зборуваат, ама со задоволство ги повторуваат аргументите на власта.

Што да ви кажам понатаму, почитувани читатели. Со авторитарна власт нема разбирачка со аргументи. Расте гневот на граѓаните, на студентите, на работниците, на стечајците, на интелектуалците. Минатата недела имаа 10.000 на улица и, наместо да закочат, на студентите за инает им донесоа предлог-закон во викенд, и им бегаат од дебати. А за претставниците на хонорарците, за независните синдикати, претпоставувате, ниту министерот ниту кој било од надлежните нема време, ниту почит да ги ислуша аргументите. Има само повторувачка пропаганда, игнорирање, глувост и молк, и терање на агендата што треба од џебот на граѓаните да ги плаќа гипс-картонот, бронзата, даночниот рај за странските бизнис-ајкули, и другите хирови на нашите Калигули и Нерони.

Затоа, викендов да одмориме добро, да собереме сила, а в понеделник сите пред парламентот, сите на протест! Да им покажеме колку сме и дека со нас, чесните и работливи граѓани на Македонија, не може веќе да се заебаваат. Час поскоро, пред да биде предоцна!

Извор: Слободен печат
Слики: Trevor Drummond