Воздухот „печен“ за вонредна состојба

20.12.2014 13:00
Воздухот „печен“ за вонредна состојба

Загадувањето со денови шокантно, кој да го вклучи алармот?

 

Темен и густ воздух, со тежок мирис секојдневно се шири во Тетово, Скопје, Кичево, Битола и во Велес. Најблиску до прогласување вонредна состојба е Тетово, во кое шест дена по ред се измерени повисоки среднодневни концентрации на отровните ПМ10 честички од 100 микрограми на кубен метар воздух. Но досега нема никакви сигнали за тоа дека владата ќе заседава и ќе разговара за загадувањето. Состојбата е алармантна и во Кичево каде што состојбата е таква пет дена последователно, како и во поголем дел од скопските општини каде што континуирано високо загадување има четири дена, за што Град Скопје го забрани движењето на товарните возила.

Според препораките на Интерсекторската работна група за квалитет на воздухот, владата треба да прогласи вонредна состојба со соодветни мерки ако загадувањето на воздухот 10 дена по ред е над 100 микрограми на кубен метар. Ова практично значи дека вонредните мерки би се активирале ако 10 дена по ред има повеќе од двојно загадување на воздухот, затоа што дозволеното среднодневно загадување е 50 микрограми на кубен метар.

- Министерството за животна средина како дел од Интерсекторската група ќе алармира кога 6-7 дена по ред ќе забележи надминување на ПМ10 честичките над 100 микрограми. Ние сме во постојана координација со Управата за хидрометеоролошки работи, за да имаме сознанија за состојбата во наредниот период. Ако сѐ укажува на тоа дека ќе има поголемо загадување повеќе од 10 дена, информациите ги доставуваме до градоначалниците на општините и до Владата за тие да преземат мерки. Само владата може да прогласи вонредна состојба. Интерсекторската група има предложено краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од тие мерки, во зависност од актуелната состојба, владата може точно да прецизира што ќе се применува, а може да усвои и мерки надвор од предложените - објаснуваат од Министерството за животна средина.

Точно пред една година на седница на владата се усвоија краткорочни мерки во траење од десетина дена. Тогаш се ослободија од работа ранливите групи, како во државниот, така и во приватниот сектор, имаше препораки за работењето на медицинските установи, забрана за движење на товарни возила во централните подрачја од 19 до 7 часот наутро, на градинките и на училиштата им се наложи да немаат часови на отворено, фирмите што работат на отворено тоа да го прават во периодот од 11 до 17 часот, а се најавија засилени еколошки контроли на фирмите. Мерките важеа за Скопје, Кичево, Битола и за Тетово, каде што воздухот е најзагаден.

На крајот од октомври, кога годинава подранија високите концентрации на ПМ 10 честици, Град Скопје предложи серија мерки за заштита на здравјето на граѓаните од високото загадување. Тогаш беше наведено дека мерките ќе се преземаат кога 10 дена по ред среднодневната вредност на штетните (ПМ10) честички во воздухот ќе изнесува 100 микрограми на кубен метар воздух. Во усвоените мерки е бесплатен јавен превоз и возење автомобили по принципот пар-непар, пренасочување на сообраќајот надвор од централното градско подрачје и дотур на стоки заклучно до 10 часот изутрина.

Дење нема камиони во Скопје, ама ќе возат натоварените со бетон

Во скопските општини Центар, Гази Баба, Карпош и Лисиче четири дена по ред мерните инструменти евидентираат среднодневно загадување поголемо од 100 микрограми, а од Град Скопје стигна известување дека од петок па до 31 март идната година, на подрачјето на Град Скопје ќе има забрана за движење на товарни моторни возила и тоа од 8 часот наутро до 20 часот, но не и за оние што пренесуваат градежен материјал.

„Од ова решение се изземаат возилата што превезуваат добиток, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива што врши градежни работи на градилиштата за општините во Скопје, Град Скопје и Влада на РМ“, се наведува во соопштението.

Извор: Слободен печат
Слики: Christopher Saunders