„Новите!“ 2014: четирите најдобри ракописи

20.12.2014 12:54
„Новите!“ 2014: четирите најдобри ракописи

Годинава жирито на наградата „Новите!“ (состав: Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски, Иван Шопов) како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве четворица автори: Јордан Николов, Љупчо Петрески, Иво Петровски и Михајло Свидерски. Денес објавуваме извадоци, почетните страници од нивните ракописи.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 27 декември во 12:00 часот во Клубот ГЕМ.

 

Јордан Николов, Живот за растворање

Напомена на авторот: (0:48)

Во оваа збирка раскази за првпат, колку што му е познато на авторот, се применува методата на Бјøрдан - техника за одредување просечно времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран репрезентативен примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, умор и истоштеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси, или отсуство на истите...

Накусо: тоа е времетраењето потребно едно книжевно дело (во овој случај - расказите и ремиксите на некои од нив) да се прочитаат во вообичаени, секојдневни околности.

Корисно во денешно време бидејќи: наместо да се прелистува книгата нанапред за да се види колку страници авторот има намера да ја „тупи“, читателот според времетраењето на делото (исто како кај музичките дела) одлучува дали должината (т.е времетраењето на делото) соодветствува со времето кое тој (читателот) е волен да му го посвети додека се вози во автобус, чека во стоматолошка ординација, седи сам во кафе-барот додека го чека друштвото или има таман онолку време кое може да го потроши на некој расказ додека му се вари супата или чајот.

Intro (0:37)

Легни на грб. Онака како што легнуваш на плажа или на ливада. И плукни. Плукни право нагоре, кон небото. Кога претставата за плуканицата - која неодминливо ќе те погоди в лице - ќе ти блесне во свеста, обиди се да не потпаднеш под инстиктивниот импулс да мрднеш со главата или да седнеш, станеш, или како било инаку да ја промениш положбата пред таа да те погоди. Значи: обиди се мирно, сталожено и со сета одговорност од последиците да ја примиш плуканицата која, налет друго, е твоја.

Ако си легнал, си плукнал, и мирно (со отворени очи – што е извонредно тешко и бара долг и напорен тренинг) си ја примил плуканицата, тогаш веројатно ти е јасно во колкава мера сум се чувствувал како магаре за одредени случки и постапки за кои како начин на самоказнување сум ја одбрал најболната од сите тортури: плукање в лице самиот себеси.

Страниците кои следат содржат голем дел од расположението кое го имав тогаш, легнат на грб, со сликата на плуканица која неодминливо ќе ме погоди в лице.

ЗАБЛУДИ, И КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕАТ? (3:51)

Секогаш кога ќе ја прочитам метафората – симболична смрт, чувствувам нота на неискреност и внимателност од авторот. Зошто дволичност нашминкана со израз симболична смрт? Зошто нештата да не ги нарекуваме со своите вистински, прецизни имиња?

Ти во мене не умре симболично. Не умре делумно. Не умре постепено. Не умре кобајаги. Умре со недвојбен физички манифестиран ефект. Умре како некој хируршки да те отстрани. Како некој да ме пресоблече во удобни широки пижами, да ми даде меки влечки, ми рече да оставам сини картони кај сестрата, ме намами в кревет, ме опи, ми впери силни рефлектори в очи и побара од мене да се опуштам, и кога ќе сум се разбудел сè ќе било во ред. Сè ќе било во ред и не ќе сум те чувствувал во мене. Никогаш веќе.

Се разбира дека се противев. Се противев како и секој друг болен, кој по никоја цена не сака да легне на операционен кревет и да дозволи да му го отстранат она што го изедува и убива одвнатре. Имам забележано дека со сите се случува истото. Појасно и потрезвено ги забележувам симптомите и зафатените болни делови кај другите, а од нив (секој поединечно) знае неверојатно прецизно да ги препознае и дијагностицира моите маки. Третманот, исто така, зависи од многу нешта и е различен кај секого: дали сме наклонети кон традиционалната медицина и нејзините лекови за болките на душата, дали сме скептици кон алтернативните струења, или дали и понатаму го сакаме placebo ефектот. Можам да кажам дека благодетите на placebo ефектот ме наоѓаат секогаш волен да им се препуштам на неговите седативни својства без и најмала доза на резерва. Фино, суптилно, секојдневно удобно успиен од делувањето на седативот „заблуда“ никако не ги согледував нештата кои на гледачите отстрана им се кристално јасни. Кога конечно болките беа пресилни да се издржат... Или, подобро: кога уживањето во седативот „заблуда“ (5 mg 3 пати на ден) доведе до тотално и целосно отапување на сетилата, ти мораше да бидеш отстранета.

Мораше да се отстраниш самата. На никој друг немаше да му дозволам да те чепне. Не можеше инаку и не можеше повеќе. Ме повика на состанок (како и во секој друг однос пациент – исцелител), ме опи со поголема доза од себеси (во локалот кој оттогаш само на тоа ме потсетува), ме опушти на удобното столче, и ми пушти силно светло в очи. Започна со добро дозирана нежност, и исценирана добронамерност и потоа удобно залегнат ја видов светлината на просветлувањето. Колку само им блазесував на сè уште заблудените. Колку само сакав во мене уште да кружи placebo ефектот, кој праќал сигнали дека сè во ред и дека нема болки.

Како човечки суштества искрено верувам дека, некој повеќе некој помалку, имаме нишка на самоуништувачки нагони. Зошто инаку кога туѓото тело, (отсекогаш била туѓо тело!) седеше спроти мене и мочеше, зошто и тогаш (веќе опериран и излечен) моето истоштено тело сакаше да умре?

Го чувствував процесот сето време, без разлика на опиеноста. Чувствував дека нешто е отстрането од мене. Нешто ме препоти, ми ги пресече нозете, ми го забави пулсот, ми ги накостреши влакната на вратот, и тогаш престана. Потоа се сеќавам како само мирно си седеше до мене. Ништо од ова не е симболично опишување на телесните доживувања. Сето тоа се случи, и јас можев да го почувствувам исто толку веродостојно како што би почуствувал стегање на раката или коцка мраз на дланката, вжештени уши или главоболка.

Главоболката е одвратна работа.

Ама јас знам уште поодвратни работи. Поодвратни работи се синиот мобилен на кој веќе нема смс пораки, inbox-от со пораки кои не се од неа... одвратен ми е вкусот на џусот, одвратни ми се сништата во кои е моја. Одвратен ми е мирисот кој го користеше. Одвратна е датата на која заблудата е родена. Една од основните бои е одвратна (таа беше облечена во таква боја). Одвратни се слоговите на нејзиното име... море, одвратни се и самите букви!

Јас свесно се убедував (дури и на глас велев) дека е подобро што завршило, што не мора веќе да живеам во заблуда.

Дали оваа автосугестивна мантра имаше какви било изгледи во нејзино присуство? Не. Заблудата сè уште удобно седната само ме гледаше и навидум загрижена го проживуваше истото што и јас, но всушност таа само дежураше над моето тело. Чекаше процесот на отстранување на туѓото тело да заврши, болниот да се поврати од шокот, да се увери дека нема индикатори за рецидив, да го одреди критичниот праг на преживување, да се потпише на историјата на болеста, и за крај, пријателски да се поздрави со пациентот, скришно погледнувајќи на часовникот дали стигнува дома токму на време за омилената серија. Дневна рутина. Завршува работниот ден.

Реконвалесцентот го пишува текстот по ужасните постоперативни психофизички тегоби.

Го пишува текстот, значи преживеал.

Заблуди, и до кога?

Можеше и така да се вика текстот.

Љупчо Петрески, Лазарка

Сигнали, мали парченца верност ...

Посветено на дузина жени автори кои успеале да излезат од сенката на сопствените идоли, нивните сопрузи и љубовници, надвиснатите облакодери, предрасудите и илјадниците страници хартија кои сè уште мирисаат на нивната страст и посветеност.

Овој роман е пишуван токму под нивно влијание и во нивна чест: Вирџинија Вулф, Џуна Барнс, Ен Секстон, Симон де Бовоар, Сузан Сонтаг, Дороти Паркер, Кларис Лиспектор, Криста Вулф, Дорис Лесинг, Ирис Мурдок, Анџела Картер и се разбира Силвија Плат ... воздигнати од пепелта како феникс ... но и оние како Ерика Јонг, Дубравка Угрешиќ, Маргарет Атвуд, Елфриде Јелинек, кои го одржуваат пламенот жив.

НОЌТА

Во ноќ сјајна како кристал, една жена го подготвува своето тело да умре. Во нејзината библиотека, покрај бирото, на подот светлото пополека ги дава последните знаци на живот. Светлото е крај на животот и почеток на смртта, си помисли – со него сè почнува и сè се завршува. Го отвори прозорецот од кој доаѓаа полумртвите зраци. Воздухот мирисаше на приквечерина покрај море. Го здогледа Аксиј како лежи на плажата додека таа ревносно се извлекуваше од морските бранови и доползуваше до него. Нозете ѝ потонуваа во влажниот песок, додека брановите ја удираа по листовите од нозете и се спружи покрај неговото голо тело. За момент ги затвори очите. Тој сè уште спиеше. По некое време само ја помрдна десната дланка, го зарини едниот прст во песокот и продолжи да спие. И таа задрема покрај него.

Кога ги отвори очите тој сè уште спиеше, но сега веќе завртен со лицето кон небото, а месечината нежно му го осветлуваше кривиот нос. Го сакаше неговиот крив нос. Секогаш ја засмејуваше. Го сакаше додека јаде и неговиот крив нос почнуваше да шета и ја потсетуваше на зајак. Ја расположуваше секогаш, како и сега, кога гласно почна да се смее. Тој не забележа. Ја подаде нејзината рака накај неговото тело. Морската тишина беше нарушена од звукот на кадифениот допир врз неговата кожа. Како да го почувствува пулсот на неговото тело, неговата темна кожа, неговиот сон во кој таа не беше во него. Сонуваше нешто убаво. Таа не беше дел од убави нешта. Дури и Аксиј другите девојки не го сметаа за убав. Но таа некако го пронајде поубав од неа. Го пронајде поубавиот дел од неа кој треба да ја надополни празнината. Велат жените ги надополнуваат мажите. За неа беше спротивното. Мажите ги надополнуваат вистинските жени – жени од крв и месо.

Допирот продолжи по неговото тело и по неговиот задник. Тој сè уште цврсто спиеше и го живееше поубавиот дел од надреалноста. Го доближи своето кревко тело до него, не го прегрна, само ги соедини неговите дланки со нејзините и тој се разбуди. Ја погледна. Се насмевна. Но таа знаеше дека ја проколнуваше што го разбуди од убавиот сон и го врати во грдата реалност покрај него. Повторно се насмеа, се сврти и ја крена главата кон прекрасната морска шир.

Го затвори прозорецот. Тргна кон бањата. Мачката спокојно спиеше на третата полица од библиотеката, а светлината од преносниот компјутер само ја насочуваше по патот кон огледалото во бањата, сопнувајќи се на некоја од играчките на нејзината мачка. Се исправи и одлучно се погледна во огледалото. Да, сè уште не се доживуваше како згодна. Привлечна, можеби – како што би ѝ рекле некои мажи. Никотниот, кафето и непроспаните ноќи си го прават своето. Еве и оваа непроспана ноќ ја поминува сама со себе. Дури и нејзината верна Дора ужива во благодетите на ноќта.

Забрзано се упати во спалната соба вклучувајќи ги сите можни светла на пат до неа. Ја зеде својата чанта и почна да пребарува по неа. Го најде своето оружје против непривлечноста која ја виде во огледалото. Се врати во бањата со карминот во рака. Ја собра косата и стави од карминот на своите усни. Се насмеа на самата себе во огледалото – нежно, заводливо, женствено, онака како што секој маж би сакал да му се насмевне, да го спушти нежно фустанот од жерсе и да го повика во кревет да ја растури од ебење онака како што тој знае и умее. Потоа го наведна лицето и помина со дланките како да сакаше да го измие гревот што моментално го направи и повторно се исправи. Сега повторно се насмеа самата на себе во огледалото – саркастично, гордо и женствено, онака како што секоја жена би му се насмевнала на маж кој мисли дека тој е тој кој што ќе може да ја растури од ебење онака како што таа сака и ужива.

Си се допадна себеси. Сè уште се смееше. Ја соблече наметката. Така гола и горда појде во собата на креветот решена остатокот од вечерта да го помине со себе, буквално. Реши да води љубов сама со себе. И Дора ја забележа нејзината убавина овој пат. Ја крена главата додека продефилира низ собата, слатко се проѕевна и го продолжи убавиот сон во хартиениот свет на бујни фантазии.

Двете Јас легнаа на креветот. Двете Јас се прегрнаа и нежно се бакнаа, со истата мекост, сочност и боја на усните. Потоа едната Јас ја бакна другата Јас на образот и вратот. Ми се допаѓаш, ѝ шепна на увото, сакам да водам љубов со тебе, сега! Другата Јас само тивко врати да?! и цврсто ја стегна околу половината и ги рашири нозете. Ја почувствува раката од едната Јас околу нејзината пичка. Другата Јас ја наведна главата ја подотвори устата. Устата се наполни со светлина која набргу се исполни со јазикот на другата Јас. Едната јас и другата Јас страсно водеа љубов на креветот. Мачката спие и сонува убави нешта на полицата, а светлината на сите страни во собата чека да се канализира.

Кога ги отвори очите Дора седеше на нејзините голи гради и мудро чекаше. Се заврти, а Дора пак си се помести на едно од перничињата покрај нејзината глава и продолжи тивко да седи до неа. Знаеше дека е рано, но веќе е утро, бидејќи Дора е смртно непогрешлива кога станува збор за времето за појадок – сигурно е 6 часот, помисли. Кога ја крена главата забележа дека е 5:48. Мачката љубезно го чекаше својот појадок, оставајќи ја својата другарка, да се протегне. Знаеше дека и тоа малку спиење значи многу за неа.

Иво Петровски, 63 приказни општо за животот

 

БУДЕЊЕ

Лидија беше жена во женско тело. Знаеше да љуби разумно, како вистински атеист. Имаше едно око и пееше во хор. Тоа е сè што треба да се знае за неа.

Едно утро се разбуди во креветот на адвокатот Блажевски од Велес. Тоа беше нејзината нова куќа, а тоа беше нејзиниот нов кревет. Адвокатот Блажевски е мртов веќе сто години. Според некои верувања тој е во рајот, според други во пеколот, а имаше и такви кои мислеа дека адвокатот е дух кој ја опседнал куќата. Поради таа причина, таа ја купи куќата многу евтино. За адвокатот Блажевски знаеше само дека тој за разлика од неа никогаш не љубел никого, освен кучето Папебепупупапи, француска адвокатска пудлица.

Креветот од неразбирливи причини беше крцкав. Лидија беше сама и ја читаше Библијата. Со едно око имаш подобар фокус и можеш да читаш меѓу редови. Набргу Лидија сфати дека адвокатот Блажевски не е ниту во рајот, ниту во пеколот, ниту пак неговиот дух ја опседнал куќата. Таа сфати дека тој е во дворот.

СИВИЊО

Костадин имаше проблем со изговорот на буквите Р, Њ, К и О, а воопшто не можеше да ги изговори буквите А и Е. Роден беше во селото Сивињо, Република Македонија. Имаше повеќе од два патриотски сиви џемпери и труба. Кога наполни петнаесет години, тој реши да го напушти своето семејство и да оди во Франција, Во Франција ништо не го разбираа, иако тој одлично го совлада францускиот јазик. Си најде девојка која имаше контрабас и ланец на дискотеки и се викаше Анна. Со неа помина две лета, а потоа раскинаа од банална причина.

Костадин, не можејќи да ја преболи, а премногу горд за да ја моли да се смират, го совлада шпанскиот јазик и замина во Севилја. Во Севилја не се заљуби, иако имаше повеќе од шест љубовни афери. Потоа отиде во Германија, од искуство знаеше дека е залудно, па не го учеше германскиот јазик. После некоја година замина во Финска, па во Литванија, каде запозна една девојка која имаше обоа, се љубеа во паркот но знаеше дека не е тоа- тоа. Сè на сè, после дванаесет држави и 32 љубовни афери тој реши да се врати дома.

Кога се врати дома, првата недела никој не беше сигурен дали е тоа навистина Костадин, потоа ја избричи брадата и не носеше веќе шарени џемпери, туку само сиви, па така роднините и селаните се осигураа дека тој е навистина Костадин, но до крајот на животот исмевајќи се со него го нарекуваа Французинот со шарени џемпери. Тој знаеше убаво да им одговори, но не можеше.

Еден ден во селото дојде Анна, која ги продала сите дискотеки и решила да го најде Костадин. Никој не можеше да ѝ помогне затоа што таа упорно велеше дека го бара Стдин, можеби некој би го поврзал тоа со Констадин, но сите му го заборавија името, викајќи го Французинот. За да не ја каменуваат и исмејуваат, таа реши да носи традиционална сива облека и да се прекрсти во Ана. И Ана и Констадин останаа во селото до крајот на своите животи, трагајќи еден по друг. Иако неколку пати се имаа сретнато, еднаш дури беа и на љубовен состанок, но поради товарот што го носеа двајцата во себе, ништо интимно не си кажуваа и состанокот беше нeуспешен.

ГОЈКА

Кога дојде пролетта, Гојка сврте нов лист во животот. Гојка беше девојка која не се разбираше премногу од боречки вештини, зоологија, биологија, феминизам, но затоа имаше големо разбирање за игри на среќа. Теоретски знаеше сè за комарот, но немаше храброст да игра, иако знаеше дека ќе победи. Гојка се плашеше од победата затоа што беше навикната да се жали и да плаче. Кога нешто убаво ќе ѝ се случеше, таа секогаш наоѓаше нешто лошо во неа и на тоа најмногу му обрнуваше внимание. Но откако дојде пролет, таа реши да му се радува на животот и да се однесува како што изгледа, а изгледаше среќно. Таа секогаш била полна со живот, а оваа пролет првпат реши да го искористи тоа.

Првпат излезе тоа утро со насмевка на лицето. Порано насмеани ѝ беа само очите, а лицето ѝ беше сериозно. Така среќна одеше на сред улица и се радуваше и свиркаше од среќа. Поради свиркањето не го слушна комбето кое ја удри и Гојка заврши во болница. Но, се смееше и беше среќна зашто не го изгуби животот. Никогаш веќе нема да оди, но затоа уште долго ќе дише. Така размислуваше таа, новата Гојка. После еден месец ја изгуби и работата, но таа пак се смееше зашто сега има можност повеќе да се посвети на себе и на својата инвалидска количка. Количката ја сакаше зашто ѝ помагаше во движењето, дури сега и побрзо стигнуваше од едно на друго место отколку кога одеше пеш. Уживаше во новиот живот и кога друштвото ја избегнуваше. Сакаше да се бори за да ја заслужи нивната љубов. И откако судот ѝ забрани да им се приближува и да им телефонира по седумдесет и осум пати на ден, таа беше среќна. Кога ѝ изгоре домот таа се смееше и го разбра губењето на домот како знак дека треба да живее слободно и дека не треба да се врзува за едно место.

Сега домот на Гојка ѝ е целиот свет, нејзина најдобра пријателка ѝ е количката, а нејзин најголема карактеристика е среќата. Сега таа има весел израз на лицето, но очите ѝ се шантрави.

Михајло Свидерски, Бело и црвено

 

АПРИЛ 1951

Темнина.

-Можеби, понекогаш ни е потребен малку мрак, инаку Бог не би створил и темнина.

-Тоа е отсуство на светлина, ми вели новодојдениот Богољуб, професор по физика на Белградскиот Универзитет.

Поранешен професор. Сегашен затвореник. Мој сожител во ќелијата.

-Светлината е електромагнетно зрачење на која било бранова должина - продолжува стариот, со сериозен израз на лицето, небаре јас сум некој студент, од неговите предавања. Различните бранови должини кои ги гледа човечкото око, мозокот ги толкува како бои. Значи, не постојат ниту боите, - продолжува. Тоа се само различни бранови должини.

-Значи, Бог створил само светлина, заклучувам јас.

-Така е, потврдува Богољуб.

Овде морам да застанам. Темница е. Четири часот наутро. Во пет почнувам да работам на каменоломот.

МОСКВА – 1916

Точно седумнаесет часот на пладне по московско време, Ана Сергеевич Василевна пристигна на железничката станица во Москва. Цврсто ме држеше за рака. Бевме изморени од долгото патување и непрестајното тропање на возот по шините. Првпат бев во Москва, но не ме воодушеви. Наша придружба беше слугата од нашиот дом, Украинец од Киев, на околу педесетина години, угледно облечен и со уредни манири. Ѝ ја подаде раката и таа се симна од возот. Времето е студено, месец февруари, снегот речиси го побелел целиот град. Колата едвај се влечеше по улиците, нејзината посета беше најавена за вчера, со еден ден доцнење поради снежното невреме. Таа се упати кон куќата на нејзиниот брат, висок чиновник во Кралската армија, Николај Сергеевич Герасимов, награден со Императорски орден за храброст во 1914 година. Мојот вујко беше остроумен и претпазлив човек. Читаше филозофија и медицина, се интересираше за географија и за музика. Неговата сестрана природа и мене ме поттикнуваше да се интересирам за многу работи.

Вечераа заедно, разговараа, не се беа виделе речиси цела година, откако Николај заминал на служба. Во нејзина чест беа приготвени јадења баш какви што сакаше таа, со убаво старо вино. Јас не присуствував на вечерата. Ме оставија во библиотеката да разгледувам стари книги.

Ана Сергеевич Василевна е мојата мајка. Убава, секогаш ведра, насмеана и полна со живот. Беше навистина добра мајка и посветена сопруга. По природа беше плашлива, неретко во паника и брзање, често плачеше кога за тоа имаше најмалку потреба. Дланките ѝ беа секогаш топли.

Нејзиниот брат ѝ соопштил некои неубави работи, за кои подоцна неколку денови со ред, пред спиење, кога ќе го изгасевме светлото, ја затвораше вратата од собата и шепотеше со татко ми по неколку часа. Татко ми, Кирил Антонович Василев, беше многу тивок и скромен човек, не можам да речам плашлив, затоа што не беше таков, но беше повлечен и одмерен, понекогаш многу храбар и решителен, цврст и бестрашен. Најмногу од сите го сакав токму него. Во неговите изразено сини очи се гледав себеси. Се споредував со него кога мечтаев да пораснам што е можно побргу, да бидам во светот на возрасните, да патувам како што патува тој, да водам разговори на сериозни теми, да наредувам, а мојата наредба да се слуша, да носам револвер на појасот и да ги знам напамет сите земји на географската карта и нивните цареви.

Јас, Тихон Кирилович Василев, сведочам за своите вистини.

ФЕВРУАРИ 1917- ПЕТРОГРАД

Во градот се насетуваше тензија. На ѕидовите од нашата куќа беше испишано долу империјализмот, а татко ми уште рано наутро ја отстрани паролата, испишана токму под мојата соба. Ноќта слушав гласови, трчање и викотници. Од соседните куќи, некој пукаше.

Речиси секој ден имаше протести по улиците, кршење на стаклата од работилниците и дуќаните, заплашување на приврзаниците и симпатизерите на кралското семејство, свештенството и чиновниците. Луѓето низ градот почнаа да се движат со несигурност, а меѓусебе да се гледаат со недоверба. Беа едни против други, свртени со погледите како диви мачки, се плашат нешто да кажат, а до вчера си доверуваа многу тајни. Но денес нема тајни, сè е откриено, останува уште да се разоткрие крајот на нашата неизвесност и несигурност.

Татко ми дома си дојде многу доцна. Скоро на полноќ. На работа имале состаноци за нивното можно ангажирање во армискиот резервен состав во градот. Војниците од редовниот состав веќе ги имаа запоседнато позициите предвидени за одбрана на градот, се празнеа магацините со оружје, храна и опрема за евентуално пружање долготраен отпор во случај борбените дејства да траат подолго. Поставени беа два пункта пред поштата, веднаш спроти нашиот дом. Тоа освен мајка ми никого не исплаши. Се организираа дневни и ноќни дежурства на влезовите од градот. Се распоредуваа чувари на пунктови по улиците, контролори на документи и пратки, се формира команда за споведување ред и мир, како и многу други служби за вонредни состојби.

Шетањето низ градот ни беше ограничено само во текот на денот до седумнаесет часот. Собирањата во групи и движењето без документи беа забранети.

Стравуваа возрасните, а покрај нив и ние, тогаш кога ќе се поткрадневме да ги наслушуваме нивните разговори, сериозни и загрижувачки.

Но редовно ги извршувавме сите задачи кои претстоеја, без прекини, сеè уште живеевме нормално. Бевме деца полни живот и полет.

Денес посебно се радувам што од почетокот на учењето француски, првпат прочитав книга во оригинал. На тоа се радуваше и monsieur Жерард, кој за овој труд беше убаво платен. Брат ми не зборуваше странски јазици, но затоа, пак, одлично свиреше пијано, надминувајќи ме во секоја нота.

Кројачот, чичко Јарослав, деновиве ни донесе костуми, за мајка ми прекрасен долг фустан, за татко ми костум со црно палто, а нам бели кошули и црни пантолони.

За Велигден ќе дојде и мојот вујко Николај Сергеевич Герасимов.

Во кујната мириса на штотуку приговени јадења. Иако веќе одамна ги одминавме годините кога ни беше потребна дадилка, мајка ми ѝ дозволи на Антонина да остане да ни служи. Сега работеше и како послуга. Во детството, кога мајка ми беше отсутна, Антонина ни беше како мајка. Јас не ја сакав, бидејќи навечер, кога ќе легневме и ќе побаравме да ни раскаже некоја приказна, наместо приказни ни пееше приспивни песни. Јас со песни не можев да заспијам, напротив - ми пречеше. Многупати ја опоменував, но таа не се поправаше. Решив и јас да бидам непослушен, па кога секое утро во градината береше свежи цвекиња што мајка ми ги обожуваше, јас ѝ се прикрадував, им ги кинев дршките и ги мешав боите. Знаеше да збесне и од лутина и да заплаче, а тоа мене ми причинуваше неизмерно задоволство. Драго ми беше кога ќе ја видев расплакана и нервозна, а тоа значеше дека сум успеал во својот потфат да ѝ напакостам.

Слики: Барбара Куни

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка АД Скопје.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус, Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон, Дејан Мирчески и Драган Георгиевски.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото