Има ли пилот во авионот?

22.12.2014 12:51
Има ли пилот во авионот?

Изгледа дека она што владата го подразбира под „јавна расправа“ е (консензуален) разговор на министрите и премиерот пред камери. Така изгледаше вчерашната седница на Владата на РМ (а општо и целиот процес) на која се одлучи предлог-законот да биде испратен на гласање во Собранието. Предновогодишна пародија од демократија.

Ниту еден од присутните не ги спомна аргументите на Студентскиот пленум, а заобиколено беше и мислењето на факултетите кои веќе го отфрлија можното воведување на државниот испит.

Мора да се напомене дека МОН во нереален рок побара од високообразовните институции да се произнесат за целиот сет мерки, рок кој, според дел од универзитетите, не е во согласност со членот 24 од Упатството за спроведување на проценка на влијанието на регулативата (линк), кое предвидува дека јавниот увид не треба да биде пократок од 15 дена, а јавна расправа се спроведува по истекот на рокот за јавен увид. Имајќи предвид дека на вчерашната седница беше донесена одлука со која предлог-законот преминува во следна фаза, може да се заклучи дека се прекршува постапката предвидена со Упатството, односно свесно се исклучуваат и самите високообразовни институции од консултативниот процес.

Значи, интеруниверзитетската конференција сѐ уште немала време да се изјасни, но владата во монолог си го прифати предлогот, не уважувајќи никого. Затоа, очекуваме бурна реакција и од страна на ректорите, деканите и професорите од сите универзитети во РМ, чие мислење очигледно не се зеде предвид во вчерашното гласање на предлог-законот.

Она што е особено проблематично е тоа што на веб-локацијата на Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР стои дека предлог-законот бил објавен и отворен за дискусија на 16.12.2014 г., додека според горенаведеното Упатство во член 20 наведено е дека објава на предлог-законот заедно со пропратната документација на ЕНЕР се случува откако тој ќе се утврди од страна на Владата. Се поставува една дилема - дали вчерашната владина седница беше само формалност, шоу за македонската јавност, штом предлогот бил донесен веќе подолго време?

За тоа дека не се земени предвид горенаведените ставови на засегнатите страни зборува и Нацрт-извештајот за проценка на регулативата изработен од страна на МОН, достапен на следната веб-локација (линк). Освен што не се вклучени овие ставови кои беа доставени до МОН и до Владата од страна на Пленумот, јавно, но и по институционален пат, надлежните не нудат ниту образложение зошто истите не се прифатени, иако извештајот тоа го предвидува.

По вчерашната седница на Владата остануваат уште многу неодговорени прашања. Кога ќе се воведе пилот-проектот напоменат од министерот Адеми, нешто што според неговото излагање воопшто и не е наведено во предлог-законот? Зошто министерот Адеми, премиерот Груевски или кој било од присутните не се одважи да ги оспори аргументациите на факултетите кои го одбија државниот испит или да ја оспори аргументацијата на Студентскиот пленум? Дали излегувањето на 10.000 граѓани на улиците на главниот град не значи ништо за ресорното министерство или за членовите на Владата?

Да сумираме - изминаа речиси два месеца и:

-Надлежните шпекулираа дека постојат проблеми во високото образование чие постоење никогаш не го поткрепија со докази;

-Предлог-мерката за воведување на државен испит трпеше неколку измени, но не се измени на начин на којшто нема да го повреди принципот на автономија;

-Надлежните не објаснија како мерката ќе го подобри квалитетот на високото образование (или како ќе го спречи наводното купување на дипломи, или пак недостигот од вештини кај
потенцијалниот кадар);

-Надлежните не признаа дека проблемот треба да се лоцира во недоследно спроведените постоечки механизми за контрола на квалитетот, како доследно функционирање на Одборот за акредитација, и не се осмелија да ги отворат тие прашања;

-Надлежните не ги почитуваа стандардите предвидени со постапката за проценка на влијание на регулативата, во делот консултација со засегнати страни;

-Надлежните игнорираат два масовни студентски протеста и неколку покани за средба и дебата;

-Надлежните со повторување на поголемиот дел од горенаведените пропусти, усвоија сет други мерки кои воопшто не беа најавени.

Затоа прашуваме: што треба да се случи за Владата на Република Македонија да ги земе предвид мислењата на нејзините граѓани?

Студентски пленум,

22.12.2014

Скулптури на сликите: Li Hongbo