Владата попушти: студентите што го поддржуваат државниот испит – ќе го полагаат

22.12.2014 14:18
Владата попушти: студентите што го поддржуваат државниот испит – ќе го полагаат

Скопје, 22 декември 2014

Владата на вонредна седница заклучи дека на протестниот студентски марш што се одржа во Скопје и други градови во Македонија учествувала мала група изманипулирани студенти, голем број активисти на опозицијата и огромен број пензионери од Куманово.

– За да се смета еден протест за успешен, според официјалните пресметки, треба истовремено да излезат 4.878.984 студенти координарано во Брисел, Токио, Болоња и Долно Свирковци. Фактот дека онаа мала група изманипулирани македонски студенти ја поддржаа само студентите од Белград и Тирана е доволен доказ дека тие се манипулирани од опозицијата, а поголемиот број студенти, кои вредно ја учат Преродбата, а не некои испити кај корумпирани професори и кои сакаат да го заслужат своето работно место се за проверка на нивните знаења на државен испит – се вели во соопштението од сецницата на Владата.

Затоа Владата решила државниот испит да го воведе уште во оваа школска година, и тоа само за студентите што го поддржуваат ова решение за проверка на знаењето.

– Владата секогаш има слух за желбите и потребите на граѓаните, а студентите се нашата иднина, па затоа решиве уште оваа школска година да им удоволиме на нивните барања – вели наш извор од Владата на Македонија, кој сакаше да остане анонимен.

Тој додава дека на седницата на Владата станало збор и за укинување на сите факултети, а наместо нив, воведување на неколку државни испити, кои ќе бидат замена за факултетската диплома.

– На тој начин ќе ги намалиме можностите за манипулација со студентите и шансите за организирање беспотребни протести ќе ги сведеме на минимум, додека организацијата на потребните протести ќе биде многу поедноставна. Меѓутоа Министерството за образование треба да го разработи ова решение, па да се види дали Владата ќе го усвои – вели изворот на Коза ностра.

Извор: www.kozanostra.net