Психологијата на новогодишните резолуции: Самообврзување или себеизмама?

23.12.2014 10:09
Психологијата на новогодишните резолуции: Самообврзување или себеизмама?

Да се ослабне, да се остават цигарите, да се држиме подалеку од алкохолот, редовно да се оди во теретана, да се штеди... Централното место на вашата новогодишна листа со резолуции можеби му припаѓа на нешто трето, но тоа не ја менува суштината: Имате намера да се ослободите од лошите и да стекнете поздрави навики. Какви се шансите за успех?

Концептот на новогодишните резолуции е интересен самиот по себе. Се поврзува со настојувањата на христијанските пуританци, од почетокот на 18 век, дека прославата на Новата година, древен пагански обичај за организирање прослава во чест на Јанус, богот со две лица, да го претворат во свет ден. Сепак, практиката на пуританците при преминот од старата во новата година, со религиозни резолуции, да се обврзуваат на поголема посветеност кон бога, набрзо добила световен карактер, а новогодишните резолуции станале симбол на индивидуалниот напор кон самоподобрување. Џонатан Едвардс, американски теолог од 18 век, инаку познат по екстензивното пишување на тема злото на прокрастинацијата, на својата позната листа со 70 резолуции запишува и нешто вакво: „На крајот од секој ден, недела, месец и година, се прашувам себеси дали во кој било поглед можев подобро“.

Денес, ваквите резолуции се општи. Преку еден вид евалуација на едногодишниот период од личен агол, самообврзувањето за промена на однесувањето кон подобро спаѓа во омилените „спортови“ за крајот на годината. Меѓутоа, прашањето е, како да ги спроведеме саканите трансформации на дело, односно што да направиме за новогодишната листа со резолуции да не остане список со убави, но неостварени желби.

Како гостин судија во програмата So you think you can dance, поп ѕвездата Лејди Гага излезе со следниот мотивациски совет:

„Убаво е да се добиваат награди, но знаете што? Кога ќе продадам купишта плочи, јас ги отстранувам сите платинести изданија од ѕидот. Се преправам дека не сум продала ниту една, така што, тогаш, сè морам да направам одново.“

Во суштина, Лејди Гага предупредува на опасноста показателите на успехот (трофеите закачени на ѕид) да го заменат вистинскиот успех (освојување нови трофеи); симболите да ја заменат реалноста.

Реалноста vs себеизмамата

Во трката за награди, Лејди Гага очигледно не ја читала The Secret, бестселер на австралиската ТВ продуцентка Ронда Бирн. За разлика од кралицата на поп музиката, кралицата на самопомошта заговара сосема поинаков пат до остварување на зацртаните цели: Ако верувате и се однесувате како веќе да сте ги оствариле сите свои цели, тоа и ќе се случи.

Станува збор за две дијаметрално спротивни стратегии. Плашејќи се дека симболите на успехот можат да ја направат мрзелива и на тој начин да станат пречка за освојување нови врвови, Гага намерно ги отстранува потсетувањата на своите реални успеси од својот видокруг. Бирн, пак, сугерира дека едноставното фантазирање за успехот резултира со реален успех. Нека пресуди психолошката наука која од нив две е во право.

Прашањето за фантазиите во психологијата на голема врата го воведува Фројд. Ги сместува во контекстот на ирационалното либидо – дел од нашата психа кој живее за непосредното задоволство. Меѓутоа, моменталната гратификација не е можна секогаш. Кога ќе изостане, либидото посегнува кон трикот што Фројд го нарекува примарен процес, а кој се состои во креирањето ментална слика за објектот потребен за задоволување одредена желба или потреба. Овој акт на имагинација, самиот произведува чувство на задоволство, иако вистинската гратификација недостасува.

Како што созрева човекот, примарниот процес се повлекува, а на сцена стапуваат секундарните процеси, кои се темелат на разумот и ја земаат предвид реалноста: Како возрасни, во состојба сме да ја одложиме гратификацијата, дури и да поднесуваме болка доколку тоа е неопходно за да ги оствариме своите планови.

Значи, Фројд би бил фан на Лејди Гага; сликите и симболите можат да ни донесат задоволство, но, исто така можат да ни попречат во реалниот труд кој го вложуваме, за да ги постигнеме целите.

Позитивните фантазии vs позитивните очекувања

За среќа, интересот на психолозите за фантазиите не останал во границите на психоанализата. Габриела Етинген, професорка по психологија на универзитетите во Њујорк и Хамбург, повеќе од десет години експериментално испитува како позитивните фантазии влијаат на остварувањето одредени цели. Ако резултатите од нејзините испитувања треба да ги сумираме во една реченица, таа би можела да гласи: Генерално, добро е да се има позитивен став во поглед на сопствената иднина, но, во најмала рака, треба да се биде внимателен кон препуштањето на позитивните фантазии за иднината.

За едно од своите истражувања, Етинген избрала четири групи субјекти: дипломци во потрага по работа; студенти заљубени во колега од спротивниот пол; студенти кои наскоро ги очекува испит; пациенти кои наскоро ги очекува операција за вградување вештачки колк. Во сите четири случаи, таа мерела колку испитаниците фантазираат за позитивен исход и во која мера очекуваат позитивен исход.

Иако, дистинкцијата фантазија/очекување може да изгледа тривијално, помеѓу нив постои суштинска разлика. Позитивните очекувања се темелат на претходно искуство; на пример, очекувате дека нема да го положите испитот, затоа што сте се подготвувале на начин кој во минатото се покажал како успешен. Наспроти тоа, фантазијата подразбира емпатија, односно моментално ментално доживување на замислениот позитивен исход; на пример, се излежувате и се „гледате“ себеси дека на испитот поминувате брилијантно.

Според резултатите од сите четири студии во цитираното истражување, позитивното фантазирање е во негативна корелација со постигнувањето на целите. Со други зборови, колку повеќе фантазирате, толку е помала веројатноста дека во реалноста ќе го постигнете она што го „сонувате“. Меѓу дипломците во потрага за работа, оние кои прибегнале кон стратегијата со позитивни фантазии, се јавувале на помал број конкурси и, логично, добивале помалку понуди за работа. Доколку се вработат, се наоѓале на помалку платени позиции во споредба со испитаниците кои „само“ негувале позитивни очекувања во поглед на вработувањето.

Зошто позитивните фантазии толку негативно влијаеле на остварувањето на планираното? Според едно од поубедливите објаснувања, бидејќи се сведуваат на емпатија, односно ментално доживување на нешто што допрва треба да се случи, тие луѓе ги прави помалку енергични и послабо фокусирани во реалните напори за постигнување на целите. Слично, се покажало дека клучната техника за самопомош – мантрично повторување на афирмацијата за самиот себеси, од видот „можам да го постигнам тоа“, „ќе успеам“, „едноставно, тоа ми припаѓа“ и слично – всушност, на луѓето им ја намалува самодовербата и ги прави да се чувствуваат лошо во сопствената кожа.

Доколку сте понесени од мислењето да си го забраните фантазирањето, бидете трпеливи за деталите што следуваат.

Менталното контрастирање

Стандардната студија на Габриела Етинген има три групи субјекти: „фантазија“; контролна група; „ментален контраст“. Субјектите од првата група, како што сугерира нејзиниот назив, фантазираат дека веќе ја постигнале саканата цел. Контролната група е составена од испитаници на кои истражувачите не им сугерираат како да размислуваат за остварувањето на целта кон која тежнеат. Испитаниците од третата група фантазираат за позитивен исход, но таквото сценарио веднаш го споредуваат со реалната состојба на нештата. Што велат резултатите?

Накратко, луѓето кои грабаат кон зацртаната цел преку фантазијата, a la Byrne, во реалноста покажуваат најслаба посветеност и мотивација за да се изборат за неа. Оние кои по патот до целта се служат со методот на ментално контрастирање, a la Lady Gaga, се најпосветени и најсилно мотивирани да ја реализираат сопствената цел. Некаде помеѓу, се категоризираат личностите кои, во настојувањето да го остварат она кон што тежнеат, претежно се фокусирани на сегашноста или на формулацијата на целта што си ја поставиле.

Дали заради препуштање на фантазиите или заради нешто друго, новогодишните резолуции често не траат подолго од мамурлакот по новогодишната прослава. Кога кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век почнал да се занимава со оваа цел, американскиот психолог Џон Норкрос утврдил дека приближно половина од возрасната американска популација практикува составување листи со новогодишни резолуции. Две години подоцна, до истите се држеле само 19 проценти од учесниците од примерокот, и тоа не континуирано; дури и најиздржливите, за време на двегодишен период, во просек 14 пати се откажуваат и им се враќаат на своите новогодишни резолуции.

Меѓутоа, не е се изгубено:

Самиот факт дека сте се обврзале на нешто, ја зголемува веројатноста дека ќе го остварите планираното.

Истражувањата на Норкрос покажуваат дека, една недела по донесената резолуција, 70 проценти се држат до зададената цел, додека истото важи само за половина од оние кои не се држат до зададената цел, луѓето кои не прибегнуваат кон резолуции, а сакаат промена во своето однесување. На границата од шест месеци, разликата во корист на првите е уште подрастична: 46 проценти наспроти 4 проценти.

Успехот во реализацијата на новогодишните планови клучно зависи од тоа дали ќе издржите во првите неколку недели од нивното донесување.

Разбирливо, започнувањето нов животен стил и воспоставувањето нови рутини најтешко им паѓа на самиот старт. Според резултатите од психолошките истражувања, за формирање навики потребни се околу два месеци. Извештаите на Норкрос за стапките на откажување од новогодишните резолуции се на линија со таквиот наод: 71 процент од оние кои се држат до зададената цел се откажуваат во текот на првите две недели; во третата и четвртата недела тоа го прават 64 проценти; половината креваат раце по три месеци; по истекот на периодот од шест месеци, стапката на откажување изнесува 46 проценти.

Како и Габриела Етинген, Норкрос, исто така, се занимавал со стратегиите кои повеќе или помалку водат кон реализација на одлуките/целите. Како и Етинген, Норкрос дошол до заклучок дека фантазирањето, односно wishfull thinking, речиси гарантира неуспех. Додека позитивните очекувања – убедување дека со силата на волјата ќе успеете да ги остварите плановите – спаѓаат во фактори кои придонесуваат за реализација на новогодишните резолуции, занемарувањето на реалноста и неоснованиот оптимизам во поглед на иднината претставуваат пречки на тој пат.

Тајмингот е важен; самиот факт дека со реализацијата на одреден план се движите кон влезот во новата година ги зголемува шансите за успех.

Кетрин Милкмен и соработниците, со серија студии неодамна покажаа дека „темпоралните граничници“, како што се празниците, родендените, почетокот на неделата, месецот или годината, со себе носат доза оптимизам во поглед на успешното креирање „ново, подобро Јас“.

Во новата година, со „ново Јас“

За да утврдат дали воошто е оправдано да се зборува за временски маркери на „новиот почеток“, Милкмен и соработниците ја следеле зачестеноста на пребарувањето на зборот „диета“ на пребарувачот Гугл. Измериле дека, непосредно по новогодишната ноќ, пребарувањето на овој поим расте за цели 82 проценти во однос на периодот непосредно пред Новата година. Во согласност со хипотезата што ја тестирале, помалку изразени скокови се бележат во почетокот на неделата и месецот.

Потоа, требало да се утврди дали сè останува на пребарувањето на Гугл. За да го проверат тоа, истражувачите ја прегледале картотеката на теретаната на Универзитетот во Пенсилванија. Резултат: посетеноста е најголема во почетокот од календарската година, а малку помал е растот кој е карактеристичен за почетокот на неделата и месецот.

За потребите на третата студија, истата група истражувачи ги анализирале податоците од сајтот stickK.com, каде луѓето составуваат „самообврзувачки договори“ дека ќе постигнат одредена цел. Доколку се откажат, плаќаат пенали во реални пари (средствата одат во хуманитарни цели). Повторно, ваквите договори се најчести во почетокот на годината, месецот и неделата.

Зошто нешто, како што е арбитрарно избраниот датум, има моќ да влијае на однесувањето на луѓето? Милкмен и соработниците имаат интересно објаснување, сместено во поширокиот контекст на теориите за личноста. Имено, луѓето за себеси мислат дека со текот на времето стануваат генерално подобри. Грешките и пропустите, штетните однесувања, му ги припишуваат на „старото, инфериорно Јас“. Од друга страна, сегашното однесување е обоено со „сегашното Јас“. Ако сметате дека денес сте подобри, повредни и поупорни од вчера, тогаш навистина повредно и поупорно ќе работите за да ја остварите зацртаната цел. Временските маркери во целата приказна само помагаат да направите граница помеѓу „старото инфериорно Јас“ и „новото подобрено Јас“.

Внимание! Оптимизмот демне!

Доколку сте направиле список со новогодишни резолуции и имате намера да ги спроведете на дело, за почеток, отфрлете ги сугестиите на позитивната психологија. Неоснованиот оптимизам ќе ве наведе да ги прецените своите можности во поглед на промените на однесувањето, како и да го предимензионирате значењето кое, доколку дојде до промени, ќе го има за вашиот живот во целина.

Ако го отфрлите self-help crap, ќе ви биде полесно да го избегнете синдромот на лажната надеж – опасност себеси да си поставите нереално висока цел и истовремено да ги прецените сопствените капацитети за промена. Со други зборови, пореално поставени цели – поголема шанса тие да бидат реализирани.

Најпосле, имајте на ум дека на патот до целта ве очекуваат кризи. Потрудете се да ги антиципирате и однапред да подготвите одговори за критичните моменти. На пример: „Ако се чувствувам уморно пред заминувањето во теретана, ќе испијам кафе или ќе изедам банана и сепак ќе отидам да вежбам“. Имено, ќе ви биде потешко да прекршите вака конкретно формулирано правило, отколку апстрактно начело од видот: „Здраво е да се вежба“.

П.С Ако веќе не посветувате внимание за својата новогодишна резолуција, не очајувајте. Кој било понеделник е подеднакво згоден маркер за нов почеток.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото