Иселувањето на младите ја зајакнува дијаспората

23.12.2014 11:07
Иселувањето на младите ја зајакнува дијаспората

Скопје, 23 декември 2014

Поттикнат од студентската парола „индекс или пасош“, премиерот Никола Груевски објасни дека иселувањето на младите од земјава е резултат на напорите на власта за зајакнување на дијаспората.

Премиерот истакна дека иселеничкото лоби игра клучна улога околу докажувањето на македонската античка вистина ширум светот, па затоа треба да се зајакнува, проширува и надградува, особено во поглед на бројноста.

„Индекс или пасош? Од срце сугерирам да се одбере второто. Студентите, дури и оние кои не сакаат да полагаат екстерно тестирање, овај... државен испит, би се снашле одлично како членови на македонската заедница во странство“, изјави премиерот Груевски за Пара вести.

Тој додаде дека дури е пожелно уште млади да преминат во дијаспората, затоа што во Македонија има голем број вишок кадри.

„Имаме доволно кадри во државната администрација, некои дури и земаат плата седејќи дома, од што нема место. Иселувањето на студентите нема да предизвика голема штета. Напротив, ќе се намали гужвата по дома, а ќе се зајакне дијаспората“, рече Груевски.

„Останува само да се надеваме дека и кога ќе се отселат некаде во светот, државата ќе им биде пред сè. Мислам, онаа од која се отселиле“, поентираше премиерот.