Државен испит за подјармување на универзитетот

23.12.2014 16:18
Државен испит за подјармување на универзитетот

По неколку месеци од првата усмена најава за „екстерните“, а потоа за „државните испити“, со кои режимот на Груевски реши да го „реформира“ високото образование во оваа несреќна земја, се појавија две и кусур странички текст во кои предлагачите конечно написмено искажаа што знаат за таа работа. Овие две бедни странички полни со бесмислици ѝ беа испратени на Интеруниверзитетската конференција како информација за тоа какви намери има режимот што високообразовните институции ги третира како лична сопственост што ја наследил по мајчина линија. Информацијата овие денови ѝ беше тивко поделена на високошколската академска заедница, како „катил-ферман“ со нејзината смртна пресуда потпишана директно од Небеската Порта на Глупоста. Не вреди човек детално да се занимава со овој за здравиот разум навредлив документ, но исправена пред чудовишно арогантното незнаење и глупост, интелигенцијата на секој човек рефлексно сака да ја „рационализира“ глупоста, да ѝ даде некакви димензии, да ги материјализира нејзините несомерливи силуети. Велам, не вреди, но сепак се обидов и сфатив дека предлогот за овој апсурден „државен испит за студентите“ е толку далеку од секое искуство, од секоja здраворазумска, а не пак универзитетска мисла, што создава вртоглавица, тегобност и рефлексни антиперисталтички спазми.

Првото што се согледува во предлогот е веселиот факт дека Владата не го знае значењето ниту на еден поим што го употребува, а за високото образование очигледно знае само од некакво матно и нејасно, изопачено лично искуство. Целата идеја за „државните испити“, целата монструозна „реформа“ на високото образование се темели на една единствена реченица, со која се дисквалификуваат практично сите високообразовни институции во Републиката, а зад која не стои ниту студија, ниту истражување, ниту каков било објективен податок или доказ. Апсолутно ништо, освен следната инсинуација што мора да е плод на криминогената имагинација на предлагачот: „Досегашната практика покажа дека во одредени високообразовни установи во државата, со оценување не се врши реална процена на знаењето...“. И, толку! Кои институции, во колкав обем и, конечно, со која објективна метода режимот ја одмерил „реалноста“ односно „нереалноста“ на оценувањето, тоа остана неискажано. А бидејќи знаеме дека истражување за тој предмет и од тој обем воопшто немало, испаѓа дека единствената причина за „реформата“ на високото образование е трауматското лично искуство на министерот и членовите на владата од фалсификувањето на нивното сопствено високо образование.

Бидејќи веќе „зацапав“ во анализата на оваа ужасна глупоштија, да објаснам што значат поимите „екстерно испитување“ и „државен испит“ во нормалните земји, кои не се под диктатура на Глупоста. Екстерното испитување е вообичаена форма на интерфакултетска и интеруниверзитетска соработка, која се одвива така што различните факултети и универзитети од еден образовен систем си разменуваат професори што учествуваат во работата на комисиите за завршните испити, односно во комисиите за одбрана на дипломски, магистерски и докторски трудови. Оваа соработка има за цел да го објективизира и стандардизира оценувањето во еден образовен систем и, да, оваа форма е единственото „екстерно испитување и оценување“ кое постои и е применливо и прифатливо во трите циклуси на универзитетското образование. А, билмезите од Владата „си врзале в крпче“ дека со екстерното ќе можат да се втурнат во процесот на високото образование, да им упаѓаат на професорите на час, во стилот на Чак Конорс, и да ги испитуваат и студентите и професорите, додека овие се потат и полнат гаќи од страв!? Какви идиоти, каква навреда за здравиот разум!

Од друга страна, државниот испит е исто така вообичаена форма на проверка на знаењата, но таа се изведува секогаш, секаде и безусловно, за завршените студенти од т.н. регулирани професии (право, медицина, архитектура, градежништво и др.), и тоа - по неколку години специјализација и работно искуство во струката – за стекнување со овластување или лиценца за самостоен „пристап кон професијата“ и работа со клиенти. Државниот испит и во овој случај не го „држи“ државата – како што мислат билмезите од Владата – туку се тоа јавни овластувања што државата им ги отстапува на професионалните здруженија – коморите, а овие повторно им се обраќаат на универзитетите за помош при одржувањето на испитот.

Значи, не постои форма на „повисоко“ оценување од она што го вршат универзитетите, и не постои - ниту во теоријата ниту во практиката - систем на испитување што може да го супституира континуираното проверување на знаењата во текот на високото образование, освен она што го вршат универзитетите во рамките на образовниот процес и на својата автономија. Самата помисла дека е тоа можно, ја поништува смислата и суштината на универзитетот како највисока образовна институција во општеството. Поради тоа, предлогот за државен испит што ни го испрати Владата, е предлог за подјармување на универзитетот и за тотално уништување на системот на високото образование. Оваа „реформа“ е како имагинарно сеуништувачко оружје на Глупоста, некаква стриповска киселинска бомба, која пулверизира по експлозијата, при што киселата прашина од капки навлегува во најситните клетки на идејата за универзитетот, образованието и знаењето, и ги раствора, претворајќи ги во густа вискозна течност што оттекува низ канализациските одводи во матните води на Вардар...

Ако погледнеме зад себе, меѓутоа, ќе видиме дека оваа безумна „реформа“ е само последна од низата „реформи“ со кои режимот на Груевски веќе осум години ги лажира и уништува институциите на Републиката и ги обесмислува и кретенизира сите сегменти на македонското општество. Првин тоа беа „реформи“ на судскиот систем, потоа имавме „реформи“ на даночниот систем и на легислативниот систем, па беше „реформирана“ целата македонска култура, па медиумите, образованието и еве, сега е „на маса“ последната фаза на уништувањето на високото образование. За што и да се фати штетниот и вандалски режим на Груевски, тоа е осудено на обесмислување, понижување, девастирање и зомбификација. Оваа ужасна ефикасност на уништувањето на сето разумно и човечко во Македонија, оваа ентрописка успешност којашто многумина слабоумни ја мистификуваат во „моќ“, „организација“ или „волја“, доаѓа единствено од комбинацијата на незнаење, непочитување и болна инфериорност.

Процесот на уништувањето на македонската државност и култура, меѓутоа, нема да сопре сам од себе, зашто злосторничката глупост на преродбата – тој активен фактор на распаѓањето и декомпозицијата – всушност се храни со остатоците на македонската цивилизација, преработувајќи ги златните ткаења на таа скромна, но сосем пристојна модерна култура во екскременти од кич, неписменост и злодејство. Не, овој процес никако нема да сопре самиот, ниту, пак, ќе сопре поради нашите остри и лути зборови, зашто режимот на Груевски не го знае значењето на зборовите и не ги препознава и почитува вредностите на коишто се повикуваме. Таа инфантилна сила на глупоста на нашите зборови одговара пеејќи ја старата англиска детска песничка:

„Stics and stones may break my bones, but words will never hurt me.“ „Реформата“ на високото образование – како и „реформата“ на македонската култура и држава – ќе продолжи сѐ додека има материјал за уништување, или сѐ додека не ја извлечеме јасната поука од утешната детска песна.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото