Што знаеш ти за мене?

24.12.2014 13:20
Што знаеш ти за мене?

Вечерва (среда, 24.12.14.) во ГЕМ клубот во 20 часот ќе се одржи разговор: „Стажирајќи за светец - за ликот и делото на Игор Исаковски (1970-2014)“. Во разговорот ќе учествуваат: Елизабета Шелева, Никола Гелевски, Ана Мартиновска, Ѓоко Здравески, Петрит Сарачини...

Во продолжение пренесуваме мал (авто)портрет на Игор Исаковски, исцртан со неговите сопствени стихови.


Што знаеш ти за мене?

што знаеш ти за мене?
дали со мене трчаше
од гејт до гејт
барајќи лет за дома?
дали беше со мене
додека правев перформанс
од мојата поезија, дали
со мене веслаше
кон изгрејсонце
и првиот рибен улов?
(ЗДРАВО, ДАЛИ СЕ ПОЗНАВАМЕ?)


Од сур трн корен длабок, шарен како сон

јас сум оној кој гине и крвави
за чесност, вистина и љубов.
пишувам во тишина.
тивко се опивам, самотно и мирно.
се одделувам од сè нежно, се тргам
од сите милни зборови кои би расцутеле
љубов: суров сум, сам и темен. сув
каков што сум бил, сум, бесконечно.
од сур трн корен длабок, шарен како сон.
(ВО ТИШИНА)


Врата која води во вистина и оган

впишувам зборови. како тули
за праг од врата која води
во вистина и оган.
(ТИВКО ДРОБЕЊЕ НА МРАЗОТ /ПОД ПРСТИ/)


Она што сум

она што сум -
човек со малку зборови кој постојано
копачи низ азното на слоговите; питом
лудак низ кој ветрот си го бара телото.

(ЛЕБДЕЊЕ)



Весела непогода сум ширум светот

нема брана што не ќе ја преплавам, нема ограда
што не ќе ја урнам: весела непогода сум ширум светот.
(ЖИВА ВОДА, ЖИВА)


Само избор а никогаш поза

дали си помислил, барем еднаш,
дека да се биде поет е само избор
а никогаш поза? дали? барем еднаш?
(ЗДРАВО, ДАЛИ СЕ ПОЗНАВАМЕ?)


Немој да се отвораш, божем си влез во шатор

немој да се отвораш, божем си влез во шатор.
немој, зашто не си ни во замок ни во зандана влез.
(НЕМОЈ, ИСАКОВСКИ, НЕ СЕГА)


Нема со капки крв да си го обележувам патот за враќање

ќе заминам како на пат. и нема со капки крв
да си го обележувам патот за враќање.
(КРВ НА ПРСТИТЕ)

Вител низ прснат насип

и едни солзи и цел еден снег и цел еден дожд
се измешаа како во вител низ прснат насип.
(ВРЕМЕТО СОПРЕ ВО 18:01)


Соблечен сум. гол.

каде ми е домот,
каде ми е душата, каде сум јас, каде
си ти? безмилосно се прашувам
додека некој туѓинец ме испрашува.

соблечен сум. гол. се обидувам
да си го насетам мирисот (ми треба
сигурност, за мене од мене), но
едвај дишам. истекувам. лицето
ми е крваво. без љубов, без стигма:
лицето ми е просто крваво.
ниедна од солзите не ми се познава.
(СОБЛЕКУВАЊЕ МРТОВЕЦ)


Нели ви е полесно така - нешто да славите мртво

еве ме како блујам, евтина инспирација
за идни неприлагодени песни, сите до една
славни после мојата смрт...
па нели ви е полесно така - нешто да славите
мртво, закопано, гнило, немо -
отколку да се фатите во костец
со малку оган и троа искри

кои низ периките и деколтеата
ќе ве жегнат ко заскитани светулки
(тибам, понежен од ова не можев да бидам.)
(ЕВЕ МЕ КАКО БЛУЈАМ И НЕ ПРЕСТАНУВАМ)


Необјаснив момент кој низ вечноста се рони

како врела крв низ жили, се излевам по улиците
од моето маало: како татко ми млад, кога пиеше -
оган несопирлив и потполно бесмислен, така научив
што е убавина: необјаснив момент кој низ вечноста се рони.
(ЖИВА ВОДА, ЖИВА)

Кога велам „вистина“, мислам на една целосна убавина

боже, си мислам, па за кој мој ги штедам
сите овие ебани т.н. (впрочем целосно неебани)
критичари, теоретичари, поети, писатели, академици
и што ти уште не, кои се фаќаат за сите мои пцости
во моите сопствени песни, без притоа да помислат,
макар со трошка од нивните прославени (а шупливи)
умови, колку вистина се обидувам да му кажам на светот.
(кога велам „вистина“, мислам на една целосна убавина.)
(ЕВЕ МЕ КАКО БЛУЈАМ И НЕ ПРЕСТАНУВАМ)


Тоа е широчината во која сопира сè

мириса. на сол, на тишина, на нагмечено месо мириса.
небаре полен, се разнесува здробенета срцевина
кон океаните. и, како јато планктони, завршува
низ забите на китот. се гали со тие огромни заби,
влегува во нова широчина. од густа вода и мириси
на утроба создадена, тоа е широчината во која сопира сè.
(ШИРОЧИНА, МИЛОЗЛИВА И МИЛА)


Еве ти ја и мојата коса

еве ти ја и мојата коса: измочана од
дождови и извеана од силни бури.
сигурно ќе успееш од сето тоа
да направиш добра кујнска крпа.
забриши ги моите отпечатоци, жено.
(НЕМА УШТЕ ДОЛГО ДА ЛИПАМ)


Дали огледалото да го распарчиме или да го осветлиме со нежност

нежните песни доаѓаат на прсти.
како додека се прикрадуваме
еден кон друг во ноќта што нè тишти.
додека нè боли знаењето. кога би се карале
со иднината. додека не знаеме дали огледалото
да го распарчиме или да го осветлиме
со нежност.
(НЕЖНИТЕ. КАКО ДОАЃААТ.)

Помислувам дека би засадил цвет

помислувам дека би засадил цвет: во себе
или некаде во близина; си ги гледам прстите
како низ почвата џбараат место за тоа семе:
разгрнуваат и претураат, небаре судбината
на светот зависи од тој цвет. им ја одземам
илузијата, им цртам дека светот е неважен,
со еден потег го пречкртувам; им кажувам
да мислат на мирисот. оној мирис од кој цветот
ќе се роди, некогаш, за да потсетува и да трае
додека трае... а сè нешто си мислам: ќе потрае
и повеќе одошто би се помислило...

(МИЛОЗЛИВ ДОПИР; rubato)


Ако уште нешто кажам, сè ми се чини вишок ќе биде

се изнапишав, се раскажав - ако уште нешто кажам,
сè ми се чини вишок ќе биде. сега, каде? долги црни
влакна вадам од џемперот, од брадата. ништо, душо,
само се митарам, ваков косест, брадосан, навидум питом.
(АКО НЕ ПОМНАМ)


Нема сè

нема сè што твоето сето ќе го збере.
(НЕМОЈ, ИСАКОВСКИ, НЕ СЕГА)

Сите стихови се земени од книгата СМРТТА ИМА КОСА ОД МОРСКА ТРЕВА (Блесок, 2013)
Избор: П. В.
Фотографии: Марјан Стојковски

ОкоБоли главаВицФото