Куќата на Франкенштајн

25.12.2014 12:26
Куќата на Франкенштајн

Беше убав сончев ден. Многуилјадната колона од студенти и средношколци мина низ нашите улици. Со црвени ореоли на главите (белег на посакувано мачеништво), тие мавтаа со знаменца, извикуваа пароли, свиркаа, се смееја и се шегуваа (што беше најубавото нешто тој ден) и си заминаа. Зад нив останаа уличните пци, полицајците, питачите и пустите улици каде ветрот долго ги превртуваше скинатите страници од дневните весници.

Да, секако! Има понекогаш убави сончеви денови и во оваа самрачна земја. Животот е сè уште убав. Има уште надеж. Има и светлина и убавина и добрина. Пробива понекогаш светлината зад темните облаци. Сончевите зраци знаат да исцртаат чудесни шари врз купиштата смет. Блеска срчата од скрешени пивски шишиња по улиците како скапоцени камења. Небото знае понекогаш да биде така неподносливо сино. Понекогаш, некој мрачен и дождлив ден ни изгледа светол и сончев наспроти темнината во нашиот дом. Здравјето, фала богу, уште нè служи. Уште сме живи, а тоа е најважно. Добро е, никој ноќе со тупаници не затропал на нашата врата, никој не дошол по нас да нè извади од постелата и така, во пиџами, да нè спика во полициското возило додека ротационите светла романтично го бојат светот во виолетово и сино. Никој од нашите блиски не исчезнал одејќи во влечки да купи цигари; не сме виделе камиони полни со несреќници кои ѕиркаат зад цирадата на пат кон непознатото; нема до нашите дворови сè уште бодликав тел од каде кон нас ги подаваат рацете живи костури во пругасти логорски униформи; не ги пуштиле пците на нас; не нè давеле со мокра крпа преку лицето, ниту ни ја турнале главата во кофа полна со вода; сè уште не нè врзале голи за радијатор и никој не набил пендрек во нашиот задник... Можеме спокојно да гледаме телевизија и да читаме весници, можеме да го испиеме своето утринско кафе, да одиме на работа или во кладилница, да го пополниме ливчето спортска прогноза, да го полиеме фикусот во канцеларија... Можеме да уживаме во убавините на нашата престолнина, можеме колку сакаме да гледаме во излозите на продавниците, да ги гледаме облаците, да си ја гледаме својата работа... Можеме слободно да се фотографираме на плоштадот пред распеаната фонтана под сенката на Воинот на коњ и неговите кон небото дигнати копита. Добро е!

Да, беше тоа убав сончев ден во куќата на ужасот. Младите протестираа по улиците додека нивните родители гледаа телевизија и читаа весници. На телевизиските екрани и на фотографиите се обидуваа да ги препознаат своите деца. И ги броеја и пребројуваа. Едни не го гледаа тоа што го гледаа, други го гледаа само тоа што сакаа да го видат. Така, колоната од нивни деца се скусуваше и се ширеше од 2.000 до 18.000 учесници. Кој како видел. И кој кого видел на заматената слика на стварноста која за нашиве телевизиски јасновидци и политички бајачи е искривен одраз во панаѓурска кристална топка, а за останатите е телевизиски екран каде се прелева и се меша зашеќерената розова водичка од владините реклами со солзите на лошите актери од евтините турски сапуници.

Додека едни ја вртеа главата, говореа за времето и се правеа дека не се одовде, други се избезумија подготвени да бегаат, трети се оѕверија насетувајќи опасност, сепак, некои беа среќни што конечно нешто се случува. Ете, конечно, младите проговорија. Во овој дом, каде сите молчат и ги замолчуваат другите за да гледаат телевизија, младите посакаа нешто да кажат гласно на улица. Тие млади луѓе можеби ќе можат да ги урнат барокните кулиси од фашистичкиот театар на власта. За миг родителите поверуваа дека нивните деца можат да го сторат тоа за што самите не се способни. Па, можеби и не е така тешко да се урнат кулиси од една театарска претстава што почна да ја губи својата публика? Не се тоа ѕидови од бетон, туку обичен гипс и картон. Можеби и не е сè толку тажно и безнадежно? Можеби тие навистина ќе ги урнат лажните ѕидови на овој затвор каде тие одговорно, како примерни затвореници, ја отслужуваат со наведната глава својата доживотна казна која ја нарекуваат свој живот. Здивот на слободата ги зашемети и топол бран, како кога гледаат мек порно филм, им мина низ телото, затрепери од заборавена страст месото, јурна крвта низ жилите, им се сврте во главата, им се зацрвенија образите, од отворената уста излета радосен крик... Додека седеа пред телевизорите и ги читаа охрабрувачките вести во опозицискиот печат некои од нив почнаа и да вибрираат со позитивни емоции. Позитивна енергија на искрено здружување, младешки ентузијазам и радост зрачеше од многумина овие денови и тие вибрираа со позитивни вибрации и ширеа позитивна енергија околу себе. Еднакво како што тоа го прават веќе долго време и нашиве државни вибратори кои власта ги користи за залажување и задоволување на народот. Како само не им се слоши на сите од толку позитивно вибрирање? Толку вибрираат што срцето ќе им откаже од неконтролирани оргазми.

Дали сте се запрашале колку долго вашиот телевизор емитира позитивна енергија? Колку долго гледате низ тие евтини розови очила (како да сте се разгаќиле на некоја плажа на Малдивите) разубавени слики, лажни графикони, дотерани платни биланси, наместени анализи и статистики? Зарем не ви е веќе доста од сите тие неверојатни успеси, победи, достигнувања, дострели...? Зарем уште гледате фабрики, факултети, фарми, вработувања, патишта и пруги што не постојат?

Како и да е, на многумина им затрепери срцето од надојдени чувства и веднаш почнаа да стенкаат и да се лигават пред своите деца и да им раскажуваат приказни за тоа колку тие кога биле млади биле јунаци и што сè направиле за нив и нивната иднина. Кога биле млади и кога биле јунаци. А кога сеге би биле млади и кога би биле јунаци... Но, тие сега се одговорни граѓани кои мораат да поднесуваат сешто во името на своите деца.

А што тоа побараа нивните деца? Што бараа тие на улица? Слобода? Смрт на фашизмот? Крај на диктатурата? Демократија? Повеќе права? Повеќе знаење? Дали побараа од власта да престане да ги ограбува нив и нивните родители? Дали побараа повисоки образовни стандарди, подобар и поправичен систем на вреднување што нема да зависи од личните врски на нивните родители и подобри, поспособни или почесни професори? Дали побараа човекови права и слободи, демократски вредности и така натаму. Го побараа ли сето тоа? Или сега не можат сè да постигнат?

Тие побараа да останат дома! За кој и каков дом тие говорат? Говореа ли тие за оваа гнила и разнишана државна градба што ќе се урне и ќе ги потрупа сите под себе? Што се случи со нивниот дом? Дали беше лошо граден и кој тоа го изгради вака накриво? Кој дозволи во нивниот дом да беснеат насилници и лудаци? Дали домот им го опустоши инвазија на вонземјани, природна катастрофа или се вратија Турците? Дали е ова сè уште нивен дом? За својот дом ли тие говорат или овој дом веќе не е нивен дом и оваа земја веќе не е нивна земја?

Илјадници млади луѓе излегоа на улица зашто нивниот дом е урнатина од која останаа само барокни фасади. Тие излегоа и таму треба да останат. Ако до сега не знаеле, треба да знаат дека нема каде да се вратат. Нивнот дом го нема. Ова е дом на лилјаци и утки. Ова е мрачен замок со кој владеат забегани моќници и нивните малоумни помошници. Овде живее чудовиште! А тоа чудовиште се храни со нивните слабости, со нивната саможивост и себичност, со нивната незаинтересираност и неукост... И станува сè поголемо и посилно.

Овде не се работи само за некаков конкретен проблем во образованието (колку тој и да е значаен во дадениот контекст). Тоа што ги обединува студентите и против што тие протестираат е само видлив дел од железната направа што сакаат да им ја вградат. Она што не го гледаат е застрашувачкиот механизам на селекција на партиски подобни послушници. Државниот испит (навредлива бесмислица неприфатлива за нормален образовен систем зашто го анулира самиот систем) е само уште еден инструмент за контрола на општеството што го инсталира актуелната власт. Во обид за апсолутна контрола тие вакви инструменти инсталираа во сите општествени институции и установи. Целта на ваквите болни хируршки зафати е создавање нова општествена елита која треба да ја замени расипаната и неспособна интелектуална елита со уште порасипана и понеука елита во наметнатиот наопаку поставен систем на вредности.

Образованието во оваа земја е одамна темелно разурнато. Да ги барате меѓу урнатите ѕидови, во сметот, остатоците од образованието како стари драги предмети и избледени фотографии кои будат спомени и над нив да плачете и лелекате - е залудно. Не, образование овде нема и само сентиментални будали, претенциозни глупаци и безобразни измамници се обидуваат да ја одржат илузијата дека сепак не е сè толку страшно и мрачно. Овие млади луѓе мораат да се соочат со вистината ако воопшто сакаат нешто да променат. Во спротивно, набргу ќе се вратат во оваа наша стара добра урнатина и самите ќе станат слуги на чудовиштето кое тука дивее. А можат да се преобразат и во лилјаци и утки што дремат по мрачните агли на урнатинава.

Најдобар доказ за тоа дека образование кај нас не постои се неписмените и неинвентивни пароли од протестите. Целата наша интелектуална беда и немоќ стана видлива на улица, во соочувањето со стварноста. Нема да го променат светот тие кои не можат да напишат граматички правилна проста реченица. Не му се вели на насилник кој сака да ве силува дека е грд. Револуција не се крева со празни зборови. Уште помалку со погрешно напишани заборови. Да. Не го менуваат светот пароли, туку тие кои ги извикуваат. Затоа, ако не знаат да употребуваат зборови, нека употребат камења (иако зборовите можат да бидат потешки од камења). Не треба да уживаат во својата немоќ туку само малку да го зголемат бесот во светот. Затоа што недостигаат оние кои безнадежно чинејќи нешто својот бес го тркалаат како каменот на Сизиф по улиците.

Младите не го менуваат светот туку светот ги менува младите. Младите никогаш не го промениле светот, ниту можат да го променат. Нашиот свет, за жал, ќе го промени скриениот костур во плакарот. Тогаш кога коските ќе заиграат во куќата на Франкенштајн.

Можеби повеќето од тие кои протестираат и не се свесни за тоа дека домот им е урнат и не го гледаат ужасот пред нив, можеби сè уште се надеваат дека можат да имаат полза од ова чудовиште од држава (сепак, не е сè толку страшно и мрачно, нели) и да си обезбедат подобар живот тропајќи на вратите од куќата на Франкенштајн, можеби не им е грижа за страдањата на другите, можеби не ја разбираат сериозноста на состојбите, но сепак, тие излегоа и имаат намера да опстојат (искрено се надевам) сè додека чудовиштето не ги тргне рацете од нивниот врат. Барем некое време. Додека некоја бомба не го убие. Ако го убие.

Друго прашање е дали навистина можеме да очекуваме дека ќе ги извлечат на улица и своите мекотелни родители од топлите домови, од татковските фотељи пред телевизорите, од постелите, од влечките, од клупите по парковите, од партиските штабови, од продавниците со деликатесни производи, од кладилниците, од канцелариите, од зелените пазари, од зачадените кафеани каде си ги удираат од главите шишињата пиво кога цицлестата пеачка ќе запее патриотска песна... Никој не може да знае дали некогаш нивните родители ќе ја извадат главата од отворените весници, од хаубата на автомобилот, од купот сметки, од чашката ракија, од тенџерето со манџа, од задникот на претпоставените... Што научиле нашиве млади од своите родители? Дали тие им ја пренеле револуционарната традиција на борба за национални или работнички права? Дали им го пренеле можеби патриотизмот на илинденците и подготвеноста да се загине за слобода? Дали им кажале дека треба да се изборат за своите права и дека за тоа е потребно понекогаш да се пролее крв? Дали им кажале да го заработат својот леб насушен во потта на своето лице или ги учеле да се снаоѓаат? Дали им кажале дека треба да бидат чесни и трудољубиви (иако сите другарчиња ќе им се смеат)? Дали дома научиле нешто за честа, гордоста и човековото достоинство? Дали нивните родители не се тие кои работат молчејќи во полза на истата таа држава против која нивните деца гласно протестираат? Дали нивните родители не се истите тие кои дозволија насилници и малоумници да им ги силуваат и убиваат децата, да им го упропастат домот и да го претворат во мрачна урнатина? Дали нивните професори (вклучително и некои од оние кои сега се обидуваат да ги предводат) не се истите кои дозволија и поради кои е уништено образованието?

Дали некој досега побара повисоки критериуми во образованието и поголема можност за стекнување знаење? Дали некој се побуни кога преку роднински, роднокрајни, пријателски и партиски врски се инсталираа на факултетите полуписмени професори? Дали некој кажа нешто кога првиот универзитетски професор некогаш одамна го направи првиот родителски грев и своето дебилно дете насила го направи доктор на науки и универзитетски професор? Дали некој одби да студира на измислени фејк факултети по македонските села и населени места со чии безвредни дипломи можете единствено да работите за истите тие кои ги штанцаат на шапилограф како партиски пропаганден материјал? Дали некој побара подобри или барем поодговорни професори? Дали некој се буни кога професорите не го работат тоа за што се добро платени? Какви се тие родители кои не ги интересира дали детето нешто научило и какви вештини стекнало сè додека дома носи добри оцени? Дали некој се обиде да ја разобличи оваа образовна фарса? Дали оние расипани полуписмени професори денес излегуваат на улица со студентите само зошто режимот ги прескокнува и отстранува, а ги прескокнува и ги отстранува поради тоа што не може да ја контролира наполно нивната расипаност (корупцијата е егалитарна - таа не прави разлика дали дава левата или десната рака), а тоа овој фашистички параноичен режим не може да го поднесе?

Не се мрачни нашите умови туку е мрачен нашиот дом. Нашиот дом е мрачна урнатина. Морничавите господари на ова мрачно здание полно сенки и пајажини кое го нарекуваме наша земја и наш дом проектираат лажна слика на стварноста врз урнатинава. Кога нашава „напредна интелигенција“ се обидува лажно да сведочи за стварноста со наивна надеж дека така некого ќе охрабри, кога бајат против уроци, кога ви велат да не говорите пред рака, да не баксузирате, кога го запираат здивот за да не згасне растрепереното пламенче на слободата со кое некој залудно се обидува да ја потпали веќе опожарената урнатина, кога го гледаат само тоа што сакаат да го видат, простете, но тие го прават истото што го прават и „слугите на режимот“.

Нашиве патетични провинциски интелектуалци не сакаат да видат дека не е важно дали лагата е античка, барокна или е будистичка. Ни малку не е важно дали лагата ја пакуваат за да ви ја продадат како фашистички спектакл или како комунистички слет, дали е граѓански кич, религиозен сувенир, социјалистички реализам, национална мелодрама, плитка њуејџ бајка за Шангрила, постмодерна фантазија, лажна историја, холивудска приказна за демократијата или евтина поп-културна измама. Тие што живеат во лага, што лагата ја посакуваат, што лагата ја овозможуваат, тие на кои им е потребна лага за да можат да постојат, тие кои од лагата создале свој свет, тие очајно ја одржуваат илузијата. Тие се механичари кои ја одржуваат големата машина на измамата во куќата на Франкенштајн.

Нема ништо пострашно од самоизмама. Можете колку сакате да баете, да мантрате, да зајдувате со превртени очи, да го задржувате здивот, да вибрирате со позитивни вибрации... Стварноста нема така да ја промените.

Ако излегувањето на протести е важно, важно е поради тоа што овие млади луѓе одејќи по нашите улици создадоа пукнатина што може да се прошири разгранувајќи се преку лажната слика на стварноста. Потребна е само една мала пукнатина и сликата сама ќе се распадне. Тоа го знаат моќниците и затоа панично се обидуваат да спречат дури и најмала гребнатинка на сликата. Но, кога еднаш ќе се појави, пукнатината се шири со застрашувачка брзина. Лажната слика што ја наметнаа моќниците и нивните безумни послушници можеби конечно со тресок ќе прсне разбиена на илјада делчиња што блескајќи ќе се разлетаат низ воздухот.

А тоа е првиот чекор на долгиот пат кон слободата. Сè натаму е тешка и мачна работа на обнова и изградба на заедничкиот дом.

Фотографиите се од филмот House of Frankenstein (1944)

 

ОкоБоли главаВицФото