До моите пратеници

26.12.2014 01:24
До моите пратеници

Почитувани пратеници,

Ви се обраќам вам, како на народни претставници во највисокиот законодавен дом на Република Македонија, без оглед на вашата партиска припадност, пол, возраст, идеолошка или каква било друга ориентација.

Ви се обраќам како на луѓе кои се избрани да ги претставуваат и заштитуваат интересите на нашите граѓани, бидејќи сметам дека вашиот кредибилитет и легитимитет произлегуваат, пред сè, од народот на Република Македонија, а дури потоа од партиите чии програми ги застапувате.

Ви се обраќам како на мои сограѓани, со кои делам заеднички вредности, заедничка држава и заедничка судбина.

И конечно, ви се обраќам како на одговорни заштитници на македонската парламентарна демократија и како на доблесни чувари на законитоста и уставниот поредок на Република Македонија.

Почитувани пратеници,

Деновиве пред вас на изјаснување ќе пристигнат најновите измени во Законот за високо образование. Како што знаете, суштината на последната интервенција во Законот, 13-та по ред за последниве осум години, која предвидува државен испит за студентите во текот на нивното студирање, предизвика остри реакции во македонската јавност. Таа беше повод за масовни протести на студентите и професорите и голем број граѓани. Против неа се изјаснија речиси сите универзитети во Република Македонија. Голем број домашни и странски експерти истакнаа дека државниот испит за студентите претставува кршење на Уставот и груб упад во универзитетската автономија. Професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ се изјаснија дека понудениот модел за државен испит е несоодветен во постојниот концепт на високото образование и дека ќе доведе до сериозни проблеми во наставата и оценувањето и дека го нарушува Болоњскиот процес.

Угледни професори со светско реноме го поддржаа нашето спротивставување на владниот Предлог, а неколку стотици македонски професори го ставија својот потпис под јавниот повик до Владата на Република Македонија со кој се бараше повлекување на проектот „државен испит“. Студентски организации од целиот свет се солидаризираа со своите македонски колеги, со што се создаде проблем кој веќе излезе од границите на нашата држава и сериозно го нарушува нејзиниот меѓународен имиџ.

Почитувани пратеници,

Стојам зад ставот дека понудените решенија се палијативни, површни, лоши, контрапродуктивни и аматерски, за што, како професори, имаме понудено безброј аргументи. Ние длабоко веруваме во исправноста на нашите ставови и праведноста на нашите заложби и активности кои произлегуваат од базата, а тоа се нашите студенти и нивните оправдани реакции.

Оттаму, апелирам до вас, да го отфрлите најновиот предлог за воведување државен испит.

Со тоа ќе покажете дека сте вистински избраници на народот, дека имате чест, достоинство, самосвест, човечки и политички интегритет соодветен на функцијата која ја извршувате.

А тоа - нема никогаш да ви се заборави.

А ако пак, го изгласате предлогот за државен испит, тогаш не сте ништо повеќе отколку обични марионети на извршната власт, гласачка машина и алатка за манипулација на луѓето кои во ја дадоа довербата.

И тоа - никогаш нема да ви се заборави.

Почитувани пратеници.

Имате ретка и неповторлива шанса да покажете кои сте, за што сте и со кого сте.

Изборот е ваш.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Greg Eason