Пофалба на љубовта

26.12.2014 12:58
Пофалба на љубовта

ЉУБОВ ПОД ЗАКАНА

 

Во книгата која стана позната, De quoi Sarkozy estil le nom?, Вие тврдите дека „љубовта треба повторно да биде пронајдена, но и едноставно бранета, бидејќи ѝ се закануваат од сите страни.“ Од каде доаѓа заканата? И во која смисла старата практика на договарање брак, по Ваше мислење, денес е „преоблечена“ во нови обичаи? Верувам дека рекламата од поново време за еден сајт за запознавање посебно Ве има фрапирано…

Тоа е точно, Париз беше прекриен со плакати за сајтот за запознавање Meetic, чиј наслов суштински ме предизвика. Можам да цитирам извесен број слогани на таа рекламна кампања. Првиот вели, а станува збор за извитоперување на еден театарски цитат, „Предадете ѝ се на љубовта без ризик!“. А потоа го има и следниот: „Можеме да влеземе во љубовните води без да нè кутне Аморовата стрела“. Тоа значи, без пад, зар не? А потоа, тука е и ова: „Можете без проблеми да бидете вљубени а да не страдате!“. И сето тоа благодарение на сајтот за запознавање Meetic… кој воедно ви предлага и екстра услуга – изразот ми се стори посебно впечатлив – „љубовен coaching”. Ќе имате, значи, инструктор кој ќе ве подготви да се соочите со искушението. Мислам дека таа рекламна пропаганда покажува една безбедна концепција на „љубовта“. Тоа е љубов осигурана од секој ризик: ќе имате љубов, но претходно сè толку прецизно ќе пресметате, толку добро ќе го изберете Вашиот партнер потчукнувајќи по интернетот – се разбира, ќе имате негова фотографија, детален опис на неговиот вкус, датумот на раѓање, хороскопскиот знак итн. – така што на основа на таа огромна комбинација ќе можете да кажете: „Со овој овде сè ќе функционира без ризик“. А тоа е пропаганда, интересно е дека рекламата се одвива во тој регистар. Оттука, со оглед на тоа што е нешто општопосакувано, со оглед на тоа што, според мислењето на целиот свет, е нешто што му дава интензитет и значење на постоењето, убеден сум дека љубовта не може да биде нешто што ќе му биде доделено на животот под режим на отсуство на секој ризик. Тоа помалку ми личи на пропагандата која во еден момент ја имаше американската војска за војна „нула мртви“.

Дали според Вашето мислење постои совпаѓање помеѓу војната „нула мртви“ и љубовта „нула ризик“, на ист начин како што за социолозите Ричард Сенет и Зигмунт Бауман постои аналогија помеѓу „јас не те обврзувам“, што му го кажува агентот на финансискиот капитализам на осиромашениот работник и „јас не се обврзувам“ што на својот партнер или партнерка му / ѝ го изјавува рамнодушниот „заљубен“, во еден свет каде врските се создаваат и се разоруваат во корист на конфорниот и конзумеристички либертизам?

Сето тоа на некој начин сочинува еден ист свет. Кај војната „нула мртви“, љубовта „нула ризик“, без хазард, без средба, јас ја гледам, потпомогната со средствата на општата пропаганда, првата закана за љубовта, која ќе ја наречам закана од сигурност. Најпосле, тоа не е далеку од тоа да биде брак по договор. Единствено што не го склопуваат во име на семејниот ред деспотските родители, туку се склопува во име на личната сигурност, со договор што му претходи и кој служи за тоа да се одбегне секој хазард, секоја средба, и конечно секоја егзистенцијална поезија, во име на основната категорија – отсуството на ризик. А потоа, друга закана што се наднесува над љубовта е негирањето на нејзиното значење. Еквивалент на заканата од сигурност е да се каже дека љубовта е само варијанта на генерализираниот хедонизам, варијанта на облиците на уживање. Се работи за тоа да се одбегне секое непосредно искушение, секое длабоко и автентично искуство на другоста од кое љубовта е исткаена. Да додадеме уште дека идниот ризик никогаш не е во потполност елиминиран, пропагандата на Meetic, како и онаа на империјалните војски, значи дека ризикот ќе биде за другите! Ако Вие лично сте добро подготвени за љубов, во склад со правилата на модерната сигурност, ќе знаете да го шутнете другиот, кој го нарушува Вашиот конфор. Ако страда, тоа е негова работа, зар не? Не живее во модерноста. На ист начин како што е „нула мртви“ за војниците од Западот. Бомбите што ги фрлаат убиваат многу луѓе чија грешка е што живеат долу. Но тоа се Авганистанци, Палестинци… Тие, исто така, не се модерни. Безбедната љубов, како и сè друго чија норма е безбедноста, претставува отсуство на ризик за оној кој има добро осигурување, добра војска, полиција, добра психологија на личното уживање, и сиот ризик паѓа на оној кој ќе се најде пред него. Сте забележале дека на сите страни Ви објаснуваат дека се работи „за Вашата удобност и Вашата безбедност“, почнувајќи од дупките на тротоарот до контролата на полицијата во ходниците на метрото. Тука во суштина имаме два непријатела на љубовта: сигурноста на договорот за осигурување и удобноста на ограничените уживања.

Би можело ли тогаш да се рече дека постои некаков вид сојузништво помеѓу либертаријанската и либералната концепција на љубовта?

Верувам дека во суштина либералното и либертаријанското водат кон идејата дека љубовта е бескорисен ризик. И дека, од една страна можеме да имаме еден простор на подготвено заедништво кој ќе се протегне во благост на конзумацијата и, од друга страна, споразумни и пријатни сексуални односи, полни со уживање, истовремено економизирајќи со страста. Од таа гледна точка, навистина мислам дека љубовта, во светот таков каков што е, е фатена во тој обрач, во таа рамка, и дека во таа смисла е под закана. И верувам дека, меѓу останатото, задача на филозофите е да ја одбранат. Што веројатно претпоставува, како што говореше поетот Рембо, дека исто така треба повторно да се пронајде. Тоа не може да биде дефанзива во која нештата едноставно ќе се конзервираат онакви какви што се. Светот всушност е полн со новости, и љубовта треба исто така да биде вклучена во тие промени. Треба повторно да се пронајде ризикот и авантурата, и да им се спротивстават на сигурноста и удобноста.


ФИЛОЗОФИТЕ И ЉУБОВТА

 

Од Рембо ја имате позајмено формулата „Љубовта треба повторно да се пронајде“ и во Вашата лична концепција на љубовта се потпирате на многумина поети и писатели. Но пред да стасаме до тоа, можеби треба да се испитаат филозофите. Ова, затоа што ве зачудува фактот што ретки се оние меѓу вас кои сериозно се интересираат за љубовта, и кога со неа се бават, вие постојано сте во несогласие со нивните концепции. Од кои разлози?

Прашањето за односот на филозофите спрема љубовта всушност е комплицирано. Книгата која ја напишаа Од Марселан и Мари Лемонтије Les Philosophes et l'amour: Aimer, de Socrate a Simone de Beauvoir, тоа добро го покажува. Книгата е дотолку поинтересна со тоа што ги комбинира без никаква вулгарност проучувањето на доктрините и истражувањето за животот на фиозофите. Во таа смисла, таа книга практично нема претходник. Она што оваа книга го покажува е дека филозофијата осцилира помеѓу две екстремни мислења за љубовта, иако има и умерени ставови. Од една страна, постои антиљубовна филозофија, чијшто претставник со „лиценца“ е Артур Шопенхауер. Тој посебно објаснува дека никогаш нема да им го прости на жените поседувањето на љубовните страсти, бидејќи преку нив тие го прават можно продолжувањето на човековиот вид, кој меѓутоа не вреди за ништо! Тоа е една крајност. А потоа, во другата крајност, имате филозофии кои од љубовта прават еден од највисоките стадиуми на субјективната егзистенција. Тоа е, на пример, случај со Серен Кјеркегор. За Кјеркегор постојат три степени на егзистенција. Во естетскиот стадиум искуството на љубовта се огледа во едно штуро заведување и негово повторување. Егоизмот на уживањето ги придвижува субјектите, чијшто архетип е Моцартовиот Дон Жуан. Во етичкиот стадиум, љубовта е вистинска, таа ја искушува својата сериозност. Се работи за вечен завет, свртен кон апсолутот, што Кјеркегор го искусил во долгото додворување на една жена, Регина. Етичкиот степен може да претставува премин кон највозвишениот степен, религиозниот, ако апсолутната вредност на заветот е озваничена со брак. Бракот, значи, е сфатен не како консолидирање на социјалната врска против опасностите од љубовното скитање, туку како она што ја свртува љубовта кон нејзината суштинска цел. Можноста за крајната преобразба на љубовта постои кога „моето Јас нурка низ сопствената транспарентност во моќта која го воспоставила“ што значи, кога моето Јас, благодарение на искуството на љубовта, ќе се вкорени во своето божеско потекло. Љубовта, значи, е над заведувањето, и низ сериозното посредување на бракот, таа е средство за достигнување на надчовечкото.

Филозофијата, гледате, е изложена на голема тензија. Од една страна, еден вид рационален сомнеж е фрлен врз љубовта како природна екстраваганција на полот. Од друга страна, имаме апологија на љубовта која се ближи кон религиозниот занес, имајќи го како заднина христијанството, кое секако е религија на љубовта. Добро забележете дека таа тензија е речиси неподнослива. Оттука, Кјеркегор не можел да ја поднесе идејата да се ожени со Регина, раскинал со неа. Тој конечно го отелотворил естетизираниот заводник од првиот стадиум, етичкото ветување на вториот, и неуспешниот премин via вистински егзистенцијалниот што го носи бракот, во третиот стадиум. Во секој случај, тој минал низ сите облици на филозофската рефлексија за љубовта.

Не ли е потеклото на Вашето интересирање за тоа прашање содржано во инаугурацискиот Платонов потег кој од љубовта создава начин за пристап кон Идејата?

Тоа што Платон го кажува за љубовта е прилично прецизно: тој кажува дека во љубовното вдахновение постои никулец на универзалното. Љубовното искуство е импулс кон нешто што тој го нарекува Идеја. Така, дури и кога просто се восхитувам на убавото тело, било да го посакувам или не, се движам кон идејата за Убавото. Јас мислам нешто слично – се разбира во сосема поинакви термини – т.е. дека во љубовта постои искуство на можно преминување од чистата сингуларност на случајноста, кон еден елемент кој има универзална вредност. Имајќи како појдовна точка нешто што сведено самото на себе не е нешто повеќе од средба, речиси ништо, учиме дека светот може да се искуси поаѓајќи од разликата, а не само од она што претставува идентитет. И исто така, можеме да ги прифатиме искушенијата, можеме да страдаме заради тоа. Оти, во денешниот свет е широко распространето уверувањето дека секој го следи само својот сопствен интерес. Всушност, љубовта го покажува спротивното. Ако не е сфатена како проста реципрочна размена на погодности, или ако не е пресметана многу однапред како рентабилна инвестиција, љубовта е навистина доверба дадена на ризик. Таа нè доведува во близина на суштинското искуство на она што е разлика и, на крајот, до идејата дека можеме да го искусиме светот од гледна точка на разликата. Во тоа се огледа нејзиното универзално влијание, и по тоа љубовта е лично искуство на можната универзалност, што од аспект на филозофијата е најбитно, и што, во суштина, Платон прв го насетил.

Исто така во дијалог со Платон, психоаналитичарот Жак Лакан, кој според Вашето мислење е еден од најголемите теоретичари на љубовта, ја брани тезата дека „не постои сексуален однос“. Што сакал да каже со тоа?

Тоа е многу интересна теза, извлечена од скептичната и моралистичка концепција, но која води кон спротивен резултат. Жак Лакан нè потсетува дека во сексуалноста, всушност, секој од нас во голема мера се бави сам со себе, ако може така да кажам. Се разбира, постои посредување со телото на другиот, но на крајот, уживањето секогаш ќе биде ваше уживање. Сексуалното не спојува туку раздвојува. Да бидете разголен/разголена, споен со другиот, е слика, имагинарна претстава. Реалноста е дека уживањето ве носи далеку, многу далеку од другиот. Реалното е нарцистичко, врската е имагинарна. Оттука, не постои сексуален однос, заклучува Лакан. Таа формула предизвика скандал бидејќи во тоа време сите говореа токму за „сексуалните односи“. Ако не постои сексуален однос во сексуалноста, љубовта е она што ќе го замени недостатокот во сексуалниот однос. Лакан во никој случај не вели дека љубовта е „преоблечен“ сексуален однос, туку дека љубовта е она што доаѓа наместо тој не-однос. Тоа е многу поинтересно. Оваа идеја го води кон тоа да каже дека во љубовта субјектот се стреми да го досегне „битието на другиот“. Во љубовта субјектот излегува од себе и од својот нарцизам. Во сексот, на крајот на краиштата, вие сте во однос самиот со себе, со посредство на другиот. Другиот Ви служи да го откриете реалното уживање. Наспроти тоа, во љубовта посредството на другиот има вредност по себе. Токму тоа е љубовна средба: поаѓате во освојување на другиот за да постигнете тој да постои со вас, таков каков што е. Се работи за концепција која е многу подлабока од баналната концепција по која љубовта би била имагинарна боја врз реалното на сексот.

Всушност, кога се работи за љубовта, Лакан и самиот се сместува во филозофските двосмислености. Да се каже дека љубовта „го заменува сексуалниот однос“, може да се разбере на два начина. Првиот, побанален, е дека љубовта имагинарно ја пополнува празнината на сексуалноста. Точно е дека, после сè, сексуалноста, величествена каква што е и каква што може да биде, завршува во еден вид празнина. Од тој разлог со неа владее законот на повторувањето: секогаш треба наново да се почнува. Секој ден кога сме млади. Така љубовта би била идеја дека нешто останува во празнина, дека љубовниците се врзани со нешто друго што не е тој однос кој не постои. Како многу млад, бев шокиран, речиси згаден, со една одломка од Другиот пол на Симон де Бовуар каде што таа го опишува чувството после сексуалниот чин што го има мажот, дека телото на жената е блуткаво и слабо, и симетричното чувство на жената, дека телото на мажот, освен полниот орган во ерекција, воопштено говорејќи, е несразмерно, дури по малку и смешно. Во театарот, фарсата или водвиљот нè засмејуваат со постојаната употреба на тие тажни мисли. Машкото посакување е она на комичнот Фалус, дебелиот стомак и немоќта, а стара штрбава жена со свиснати гради е реалната иднина на секоја убавина. Љубовната нежност, кога ќе заспиеме во прегратката на саканото лице, е како Ноева наметка префрлена преку непријатните размисли. Но, Лакан мисли и нешто сосема спротивно: дека љубовта има влијание за кое можеме да кажеме дека е онтолошко. Така како што желбата им се обраќа, на еден секогаш по малку фетишистички начин, на избраните делови на другиот, на градите, задникот, пенисот…, љубовта му се обраќа на самото друго битие, на другото такво какво што се појавува, целото вооружено со своето битие, во мојот живот, којшто со таа појава се ломи и пре-структуира.

Велите дека за љубовта постојат многу контрадикторни филозофски концепции.

Јас издвојувам три основни. Најнапред, романтичарска концепција која се концентрира на екстазата на средбата. Потоа, онаа за која малку позборувавме во врска со сајтот за запознавање Meetic, концепција која можеме да ја наречеме комерцијална или правна, според која љубовта конечно е договор. Договор помеѓу две слободни индивидуи кои изјавуваат дека се сакаат, но истовремено водат сметка за еднаквоста на односот, за системот на реципрочни погодности и сл. Постои, исто така, и скептична концепција, која од љубовта прави илузија. Јас, пак, се обидувам да кажам дека љубовта не се сведува на ниту еден од тие обиди, туку дека таа е конструкција на вистината. Вистина во врска со што, ќе прашате? Ех, добро, вистина во врска со една многу посебна точка: како изгледа светот кога некој го искусува од гледна точка на двајца, а не на еден? Што е светот истражен, практикуван, живеан поаѓајќи од разликите, а не од идентитетот? Мислам дека љубовта е токму тоа. Тоа е проект кој природно ја вклучува сексуалната желба и нејзините искушенија, вклучувајќи го и раѓањето на дете, но исто така уште илјада други нешта, било што од моментот кога почнува да се живее едно искуство од гледна точка на разликата.

Со оглед на тоа дека љубовта, според Вашето мислење, е начин светот да се доживее поѓајќи од разликата, зошто не ја делите концепцијата на филозофот Емануел Левинас според која вљубениот, во саканото лице го сака „не квалитетот на различноста од секој друг, туку самиот квалитет на различноста“? Зошто љубовта за Вас не е искуство на другиот?

Верувам дека е неопходно да се сфати дека конструкцијата на светот поаѓајќи од различноста е сосема различна работа од искуството на разликата. Визијата на Левинас поаѓа од несводливото искуство на лицето на другиот, што е епифанија чија поддршка на крајот на краиштата е Бог како „Сосема–Друг“. Искуството на другиот е централно бидејќи ја втемелува етиката. Од тоа произлегува, во една голема религиозна традиција, дека љубовта е етичко чувство пар еџцелленце. По мое видување, нема ништо посебно етично во љубовта како таква. Право говорејќи, не ги сакам сите тие теолошки мудрувања кои поаѓаат од љубовта, иако знам дека имале големо влијание низ историјата. Во тоа ја гледам последната одмазда на Едниот против Двајцата. Во суштина, за мене постои средба со другиот но, прецизно говорејќи, средбата не е искуство туку настан кој останува сосема нејасен и нема реалност освен во своите разнолики последици во внатрешноста на еден реален свет. Јас исто така не ја гледам љубовта ниту како „жртвено“ искуство, т.е. искуство во кое се заборавам себеси во корист на другиот, кој и самиот е само овоземен модел на она што во крајна инстанце ме води до Сосема–Другиот. Уште Гете на крајот на Фауст говореше дека „женственоста вечна/ во височини нè води“ . Се извинувам, ама наоѓам дека тие зборови се благо замајувачки. Љубовта не ме води ниту „угоре“ ниту „удолу“. Таа е еден егзистенцијален предлог: да се конструира светот од гледна точка која е децентрирана во однос на мојот прост нагон за преживување или на мојот интерес. Овде му ја спротивставувам „конструкцијата“, на „искуството“. Ако потпрен на рамото на онаа која ја сакам ги гледам, да речеме, мирот на квечерината во планина, преријата искапена во злато, сенката на дрвјата, овците со црни муцки притаени зад житото и сонцето кое штотуку заоѓа зад карпата, и ако знам, не по нејзиното лице, туку во самиот свет таков каков што е, дека таа која ја сакам го гледа истиот свет, и дека тој идентитет сочинува дел од светот, дека љубовта во тој момент е токму тој парадокс на идентичната разлика, тогаш љубовта постои и ветува дека ќе постои и натаму. Тоа дека таа и јас сме отелотворени во тој единствен Субјект, Субјектот на љубовта, кој го третира развојот на светот низ призмата на нашата разлика, така што тој свет се случува, се раѓа, наместо да биде само она што го исполнува мојот личен поглед. Љубовта е секогаш можност да се присуствува на раѓањето на светот. Раѓањето на дете, ако е од љубов, меѓу останатото, е еден од примерите на таа можност.


ЉУБОВНА КОНСТРУКЦИЈА

 

Да се вратиме на Вашата сопствена концепција на љубовта. Рековме дека Рембо сакал повторно да ја пронајде љубовта. Но поаѓајќи од која мисла на љубовта можеме повторно да ја најдеме?

Мислам дека на прашањето за љубовта треба да му се пристапи поаѓајќи од две точки кои одговараат на сечие искуство. Прво, љубовта воспоставува раздвојување или дисјункција, што може да биде проста разлика помеѓу две индивидуи, со нивните бескрајни субјективности. Таа дисјункција во најголемиот број случаи е сексуалната разлика. И кога тоа не е случај, љубовта и натаму обезбедува две одделни фигури, две одделни позиции да бидат различно поставени. Поинаку речено, во љубовта имате прв елемент кој е одвојување, дисјункција, разлика. Имате Двајца. Во љубовта, прво, се работи за Двајца. Втората точка е дека, токму затоа што се работи за дисјункција, во моментот кога Двајцата ќе се качат на сцената како такви и ќе го доживеат светот на нов начин, тоа може да земе случајна и непредвидлива форма. Тоа е она што го нарекуваме средба. И на таа средба, на извесен начин, ѝ даваме метафизички статус, статус на настан, што ќе рече, на нешто што не влегува во непосредниот закон на нештата. Книжевните и уметничките примери кои ја прикажуваат таа појдовна точка на љубовта се безбројни. Многубројни раскази и романи се посветени на случаите во кои ентитетот Двајца е посебно утврден, додека двајцата љубовници не припаѓаат на иста класа, на иста група, на ист клан или на иста земја. Ромео и Јулија очигледно остануваат алегорија на таа дисјункција, бидејќи припаѓаат на непријателски светови. Таа дијагонална љубов, која минува низ најмоќни дуалитети и најрадикални раздвојувања, е важен елемент. Средбата на две различности е настан, нешто неизвесно, изненадувачко, „љубовна перипетија“, театар. Поаѓајќи од тој настан, љубовта може да биде започната и воведена. Тоа е првата точка, сосема есенцијална. Тоа изненадување го активира процесот кој всушност е едно искуство на светот. Љубовта не е просто средба на затворена релација помеѓу две индивидуи, таа е конструкција, еден живот којшто се гради, не веќе од гледна точка на Еден, туку од гледна точка на Двајца. Јас лично секогаш сум се интересирал за прашањето на траењето и за процесот, а не само за прашањето на започнувањето.

Според Вашето мислење, љубовта не се исцрпува во средбата туку се реализира во траењето. Од кои разлози ја предизвикувате интеграциската идеја на љубовта?

Верувам дека сè уште е многу присутна романтичарската концепција на љубовта, која на некој начин љубовта ја исцрпува во средбата. Што би значело дека љубовта изгорува, се истрошува и исцрпува во исто време, во средбата, во еден момент на магично понадворешнување во светот како таков. Овде се добива нешто што е еднакво на чудо, еден интензитет на егзистенцијата, многу блиска средба. Но додека работите се одвиваат на овој начин, ние не присуствуваме на „сцена за Двајца“, туку на „сцена за Еден“. Тоа е соединувачка концепција на љубовта: двајца љубовници се сретнале и нешто како хероизам на Едниот, му се спротивставува на светот. Ќе забележиме дека, многу често, во романтичарската митологија тој момент на спојување води во смрт. Постои многу длабока и интимна врска помеѓу љубовта и смртта, чиј врв е несомнено операта Тристан и Изолда на Рихард Вагнер, бидејќи љубовта сме ја исконзумирале во еден неискажлив и посебен момент на средбата, после кој не може да се вратиш во светот кој останува надвор од таа врска.

Тоа е радикална романтичарска концепција и верувам дека треба да биде предизвикана. Таа има необична уметничка убавина но, според моето мислење, и сериозен егзистенцијален недостаток. Мислам дека таа концепција може да биде сметана за можен уметнички мит, но не и за вистинска филозофија на љубовта. Бидејќи љубовта, после сè, се случува во светот. Тоа е настан кој не можел да се предвиди или да се пресмета според законите на светот. Ништо не овозможува средбата однапред да се подготви – дури ни Meetic, без оглед на тоа колку долго претходно меѓусебно сме цхатувале – бидејќи, конечно, во мигот кога ќе се видиме, ќе се видиме и тоа е тоа! Но љубовта не може да биде сведена на средба, бидејќи таа е конструкција. Енигма за мислењето околу љубовта е прашањто на тоа траење кое ја исполнува. Најинтересна точка, во суштина, не е прашањето на екстазата на започнувањето. Се разбира дека постои таа екстаза, но љубовта е пред сè една трајна конструкција. Да речеме дека љубовта е долготрајна авантура. Авантуристичкиот аспект е неопходен, но исто така и решеноста. Откажувањето кај првата пречка, кај првото посериозно несогласување, кај првата досада, не е ништо друго освен изобличување на идејата на љубовта. Вистинска љубов е онаа која трајно, а понекогаш и тешко, се опира на пречките кои просторот, светот и времето, ѝ ги поставуваат.

И како изгледа таа конструкција?

Во бајките не се кажува којзнае што, зар не? Таму се кажува: „Се венчале и имале многу деца“. Добро, но дали љубовта значи да се венчаш? Или, да се има многу деца? Тоа објаснување е по малку штуро и стереотипно. Идејата дека љубовта се остварува или се реализира исклучиво во создавањето на еден семеен универзум, не е задоволителна. Не велам дека семејниот универзум не претставува дел од љубовта, напротив, но љубовта не може да се сведе на тоа. Треба да сфатиме на кој начин раѓањето дете чини дел на љубовта, но не може да се рече дека раѓањето дете претставува остварување на љубовта. Во љубовта ме интересира прашањето на траењето. Да прецизираме: под „траење“ не треба да се подразбере првенствено љубовта да трае, да се сакаме секогаш, и засекогаш, туку дека љубовта изнаоѓа поинаков начин за траење во животот. Дека секоја егзистенција, низ искушувањето на љубовта, се среќава со една нова темппоралност. Се разбира, да се изразиме со поетски зборови, љубовта е исто така „тешка желба за траење“. Но уште повеќе, таа е желба за една непозната трајност. Бидејќи, како што сите знаат, љубовта е повторно пронаоѓање на животот. Повторно да се најде љубовта, значи повторно да се пронајде тоа пронаоѓање.

Во Вашата книга Conditions вие ги ставате под дискусија некои закоравени идеи за љубовта, посебно концепцијата за љубовното чувство како илузија, драга на песимистичката традиција на француските моралисти, според која љубовта е само „орнаментален привид под кој се крие реалното на сексот“ или која смета дека „сексуалната желба и љубомората се основа на љубовта“. Зошто ја критикувате таа концепција?

Таа моралистичка концепција ѝ припаѓа на една скептична традиција. Таа сака да покаже дека љубовта не постои и дека е само плашт на желбата. Единственото нешто што постои е желбата. Според таа визија, љубовта е само имагинарна конструкција прикачена на сексуалната желба. Таа концепција, со долга историја, го повикува секого со презир да се однесува спрема љубовта. Таа исто така му припаѓа на јазикот на она што е сигурно, бидејќи се вели: „Слушајте, ако имате сексуални желби, остварете ги. Но нема потреба да се залудувате со идејата дека треба некого да сакате. Мавнете го тоа, одете директно кон целта!“. Но во тој случај, би рекол едноставно дека љубовта е дисквалификувана, или деконструирана, во име на сексуалната реалност.

Тука сакам да го разгледам своето сопствено искуство. Ја познавам, верувам како речиси и секој друг, силата и упорноста на сексуалната желба. Моите години не направија да ја заборавам. Знам исто така дека љубовта го запишува во својата иднина остварувањето на таа желба. И тоа е многу важно место, бидејќи, како што кажува старата книжевност, исполнувањето на сексуалната желба функционира исто така како еден од ретките матерјални докази, наполно врзани со телото, дека љубовта не е само изјава. Изјавата од типот „те сакам“, го фиксира настанот на средбата, таа е суштинска, обврзува. Но да го дадеш своето тело, да се соблечеш, да бидеш гол/гола за друг, да се изведуваат тие незапамтливи движења, да се откажеш од секаква скромност, да извикуваш, тоа влегување на телото на сцена има вредност на доказ за препуштање на љубовта. Тоа е она што ја чини есенцијалната разлика во однос на пријателството. Пријателството нема телесен доказ, нема одзив во телесното уживање. Заради тоа, тоа е најинтелектуалното чувство, она кое филозофите кои ја презирале љубовта секогаш го претпочитале. Љубовта, посебно во своето траење, ги има сите позитивни црти на пријателството. Но љубовта се однесува спрема целината на битието на другиот, и препуштањето на телото е материјален симбол на тој тоталитет.

Ќе речат: „Ама не! Тоа е желба и само таа е тука на дело“. Јас тврдам дека во елементот на изјавената љубов, токму таа изјава, макар и латентна, е она што го предизвикува ефектот на желбата, а не желбата директно. Љубовта сака нејзиниот доказ да ја обвитка желбата. Церемонијата на телото е, значи, материјален залог врз основа на кој проаѓа идејата дека пронаоѓањето на животот ќе се одржи, и тоа прво на ниво на телото. Но љубовниците знаат, дури и во најразузданиот делириум, дека љубовта е тука како ангел чувар на телото во мигот на будење, наутро кога мирот ќе се спушти над доказот на она што телото го сметало како изјава на љубовта. Ете зошто љубовта не може да биде, и не е, освен за идеолозите заинтересирани за нејзината загуба, едноставна наметка на сексуалната желба, комплициран и илузорен трик за продолжување на човековиот вид.

Слики: Marion Fayolle
Превод од француски: Љупка Христова-Башевска
Извор: АЛЕН БАДЈУ со Никола Трунг, ПОФАЛБА НА ЉУБОВТА, 2014; Издавачка куќа Слово, Скопје

ОкоБоли главаВицФото