Името на злото

26.12.2014 15:05
Името на злото

Кога ќе стане државна политика, глупоста незапирливо станува злостор. 

ОД УВОДОТ ВО КНИГАТА

Помеѓу кориците на книгава се поместени текстови и колумни објавувани во македонските дневни весници и електронски портали од 2006 до деновиве, октомври 2014 година. Првите текстови, од есента 2006 па некаде до затворањето на слободните медиуми 2011 година, нередовно и непредвидливо излегуваа во „Утрински весник“, а по некој и во „Шпиц“, „Време“ и „Сега“. Тие години практично сите текстови беа импулсивни реакции на првите симптоми на општествено-политичката несреќа што тогаш почнуваше да се тркала врз земјава и врз неподготвената јавност. Веќе од 2012 текстовите излегуваа поредовно во единствените светленца на слободната реч и мисла – електронските портали „Плусинфо“ и „Окно“, за последнава година да станат редовен неделен колумнистички коментар во дневниот весник „Слободен печат“ и во двата спомнати портали.

Временската рамка што го одреди изборот на текстовите е далеку од случајна: овие несреќни осум години, колку што трае веќе предолгата зима на нашето незадоволство, се совпаѓаат со ерата на владеењето на Груевски и неговата ВМРО ДПМНЕ. Практично сите текстови во книгава се мои реакции, протести, убедувања, анализи и предупредувања, предизвикани од безумната политика на власта, уште од есента 2006, кога бев еден од првите што ја препозна мрачната закана што веќе тогаш заводливата нова власт ја носеше со себе. „Привилегијата“ да бидам првиот што ќе врисне од болка поради изгорените очи ја заслужив случајно, само зашто властодршците како полигон за јавна демонстрација на своите проекти за општествено „преродување“ го одбраа центарот на мојот роден град. Епицентарот на преродбеничката катаклизма се случи токму во планскиот опфат на урбанистичкиот план „Мал ринг“ (што дотогаш наивно го сметав за дијамант во круната на мојата планерска кариера) и среде полето на мојата професионална вокација – архитектурата и урбанизмот.

Читањето на тектонските пукнатини и урнатини кои „преродбата“ и нејзиниот градителски перформанс „Скопје 2014“ ги правеше во овдешното архитектонско и градоградителско наследство, ми овозможи да сфатам дека во нашава земја се случува нешто неверојатно лошо; некаково огромно зло, непоимливо, неразбирливо и вон сечии очекувања; зло чиишто последици нема да остават неоштетен ниту еден дел од македонската култура и општество. Поради ова, темите на текстовите од областа на урбанизмот и архитектурата набргу се проширија кон областите на планерското законодавство, уставноста и владеењето на правото; културата, идентитетот и историјата; потоа, демократијата и изборните измами, за да заталкаат и во лавиринтите на психосоцијалните анализи на однесувањето на жртвите во времиња на големи несреќи. Најчестиот мотив, неретко опсесивно вариран, е неподготвеноста на институциите на демократијата и на политичките и интелектуалните елити да го препознаат и организирано и ефикасно да му се спротивстават на злото; тешко препознатливото зло што една лажлива и алчна власт го стори со измама, изопачувајќи ги системите на вредности и укинувајќи ги слободите и правата, демократијата и поредокот кои ги уживавме претходно. Потребата од препознавање и делегитимирање на ова општествено зло ми стана примарен мотив за пишувањето, дури мисија која се хранеше од пустата надеж дека именувањето на тоа зло може вистински да придонесе за граѓанската мобилизација во борбата против него.
Мирослав Грчев, Скопје, ноември 2014 година


„ИМЕТО НА ЗЛОТО“ НАКУСО

Името на злото мора да го знае секој што наумил против него да се бори, зашто инаку тоа за него е невидливо, несфатливо, па поради тоа и несовладливо.


***

Заглупавувањето на Македонците е зло кое ќе ја девастира земјата повеќе од сите војни и окупации заедно.


***

Борејќи се против режимската пропаганда, слободната мисла е секогаш индивидуален акт кој за противник го има целиот режим, со сите институции, партиски говорници и медиуми.

***

Да се разбудиме од реалноста во која сме отсутни, и да се откажеме од пристојноста со која ја маскираме нашата граѓанска и човечка капитулација.

***

Почитувањето на поредокот каде што нема слобода, е чин на подаништво кој ја подржува тиранијата.

***

Кога ќе стане државна политика, глупоста незапирливо станува злостор.

 

За СК014

Проектот „Скопје 2014“ настанал во интимата на еден кошмарен ум, како чиста есенција на глупоста, но вистинска глупост станал дури откако насилно се социјализирал и со злоупотреба на власта прераснал во општествена состојба.

***

Сите споменици и згради од „Скопје 2014“ се изградени со украдени пари, на украден јавен градски простор, и претставуваат смртоносен културно-симболички контаминат.

***

„Античкиот идентитет“ треба да го отстапиме комплет со дополнителната опрема и резервните делови!

***

Слободата ќе ја препознаете едно сончено утро кога ќе го здогледате скопскиот центар исчистен од спомениците на диктатурата.

Цртеж: Мирослав Грчев

ОкоБоли главаВицФото