1033 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 03:59
Во Владата денеска треба да се одржи приредбата „Црвен тепих за граѓаните“. Околу 200 се пријавиле (доброволно) да учествуваат во една лицемерна, популистичка и квазидемократска манифестација, која власта ја користи како доказ дека нејзината работа е транспарентна, дека е отворена за народот, за предлозите на обичните луѓе. Всушност, бесмислениот „Ден на идеи“ постои за да го скрие тоа што се гледа и од авион: Груевски и дваесетината развојници изгубија секаков контакт со реалноста во која живеат (граѓаните, не властодршците).
Ако Владата навистина сакаше да го слушне гласот на народот, немаше да одредува специјален ден или да прави списоци на проверени учесници. Зашто сите што не гледаат бел ден од нејзините идеи, сами се организираат и доаѓаат пред барокното седиште. Барањата, очекувањата и предлозите – против воведување екстерно тестирање за студентите, против барокизацијата на Градскиот трговски центар, против насилното кратење на хонорарите итн. - ги носат напишани и високо кренати на транспаренти или ги кажуваат гласно, со скандирање.
Но, Владата нивните идеи ќе ги турне под (црвен?) тепих и не само што нема „ширум да ги отвори вратите“ (како што го најавуваше „Денот“), туку ќе ги замандали сите порти, ќе ги нареди сите чувари, ќе ги инструира сите медиуми, ќе ги навлече сите завеси и сите заедно ќе ги затворат очите и ќе се покријат со ушите. Со надеж дека тоа што тие не сакаат да го видат и да го слушнат, не се ни случило.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња