1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Во анализата под наслов: (Не)учеството на медиумите во јавните расправи за нови закони: Што недостасува во покривањето на темата? (2), беа посочени неколку елементи што недостигаат во медиумското известување поврзано со донесување нови законски решенија (анализа на процедурата на донесување на промените на законите, јасно идентификување на проблемот на отсуство на јавна расправа, непроблематизирањето на изјавите на високи функционери и отсуството барање за нивно дообјаснување, отсуство на интерес за ставовите и за постапките на пратениците (кои ги изгласаа промените)).
Во спомнатата анализа беше искористен како пример токму случајот на донесување законски промени по скратена постапка кои се однесуваат на новите давачки предвидени за луѓето што работат по договор (односно, како хонорарци).
Законските промени беа усвоени од страна на Собранието на 24.07.2014 година. Демонстрациите со кои граѓаните изразуваат незадоволство од оваа законска регулатива се случија на 22.12. 2014 година. Во меѓувреме, владее затишје. Како сите да очекуваат нешто да се случи или како да не веруваат дека законските промени навистина ќе се применат. Затишјето го прекинуваат само странични анализи и потсетувања на проблемот:
-Работодавците предупредуваат: Со новите придонеси ќе се поттикне плаќање во кеш,
-Да се биде хонорарец или не,
-Сè за придонесите: Кој мора да плаќа, кој е ослободен од давачки, како ќе се прават пресметките?,
-Прашања и одговори: Кој добива, а кој губи со зголемените придонеси за хонорарците?.
Во медиумското известување за протестите имаше многу анализи, експертски мислења, спротивставени ставови, процени, мислења:
-Подобра социјална сигурност со задолжителното осигурување на хонорарите,
-Спасов: со законските измени за хонорарците ќе се заштитат работничките права,
-Масовен протест против новите поголеми давачки за хонорарите,
-Хонорарците протестираат против зголемените давачки…
Протестот против законските промени што предвидуваат воведување дополнителни давачки за луѓето кои работат по договор, беше многу комплексно медиумски опфатен. Граѓаните добија информации пред одржување на протестот, од самиот протест, добија информации за модалитетите на законските измени, за тоа кој го поддржува, а кој не го поддржува законското решение.
Експресните закони не биле „обемни и сложени“ и покрај протестите
Меѓутоа, се стекнува впечаток, како медиумите да заборавија на сопственото известување од пред неколку месеци кога првпат информираа за направената законска промена. Повикувањето на овие известувања, на тогаш направените анализи и добиени експертски мислења, односно, воспоставувањето временски континуитет, може да претставува појдовна основа во идентификувањето на причинско-последичната поврзаност. Ваквиот пристап во голема мера помага и во адресирањето на обвинувањата за дневно-политички ангажман на одредени медиуми.
Вториот пропуст на медиумите, кој заслужува внимание, се однесува на суштинската поврзаност на случувањата за кои известувале пред неколку месеци (кога е направена законската промена) и протестите организирани во врска со приближувањето на датумот кога овие промени ќе се ефектуираат. Во своите известувања од јули и од август 2014 година, медиумите посочија дека законската промена се изведува по скратена постапка, која од страна на предлагачот се објаснува со тоа дека не станува збор за „обемен и сложен закон“. Тоа значи дека Собранието ја прифатило процената на Владата дека станува збор за мали промени, дека не е потребна не само јавна расправа, туку не е потребна ни посуштинска ниту пообемна расправа во собраниските тела. Воспоставувањето на врската меѓу известувањето за овој аспект на законските промени и големиот број реакции, сè до ниво на големи протести од страна на директно засегнатите, треба да биде поставено во вид на прашање од страна на медиумите упатено до пратениците во Собранието на Република Македонија. Имено, реакцијата на граѓаните јасно покажува дека не станува збор ниту за мали, ниту за неважни промени, што значи дека пратениците направиле грешка во процената или биле ставени во заблуда, но, во секој случај и таа грешка треба да ја поправат, односно, да го вратат законот во редовна процедура, а прашањето е: како мислат да ја поправат направената грешка.
Каде е одговорноста на пратениците?
Третиот пропуст на медиумите може да се побара во упорното занемарување на одговорноста на пратениците и во посочувањето на нивната улога во усвојувањето на законските промени. Независно од тоа дали постои или не раширено верување дека вистинската (се мисли: фактичката) власт е на друго место, пратениците се тие кои овозможуваат донесување на законите по скратена постапка; токму пратениците не се ни обидуваат да ги слушнат мислењата на граѓаните; и, тие се луѓето кои гласаат за закони за кои воопшто не расправаат. Новинарите треба да ги „нападнат“ со прашања сите пратеници заедно и секој од нив поединечно и да побараат објаснување:
-зошто дозволиле носење ваков вид законски промени по скратена постапка?
-дали лично се согласуваат со направените промени и новите законски решенија?
-дали пред да гласаат се консултирале со граѓаните?
-дали мислат дека треба да се направи напор за повторување на процедурата која ќе ги опфати сите фази на одлучување и ќе овозможи партиципација на граѓаните?
…
Каква е врската меѓу протестите на студентите и хонорарците?
Четвртиот значаен пропуст во медиумското покривање на настаните, е отсуството на генерализација. Имено, во еден многу краток период, медиумите информираа за два големи протести (студентите и хонорарците). Меѓутоа, не направија врска меѓу овие протести. А, поврзаност постои, на едно многу суштинско ниво. Имено, и во двата протести на површина излегоа барања за поголемо влијание на граѓаните врз процесите на одлучување. И двата протести се организирани за законски промени кои се носат без соодветна јавна расправа. И во двата протести од страна на граѓаните беше побарано власта да се врати во нивните раце. Доколку на ова се надоврзе и третиот протест одржан во истиот краток период (во кој граѓаните многу прецизно го формулираат барањето за враќање на власта во рацете на граѓаните), станува јасно дека медиумите треба да изведат генерални заклучоци и своите анализи да ги прошират над конкретните и поединечни барања истакнати во одделните протести.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Фотографии: Ванчо Џамбаски