СК 2014 - барокен Скансен

27.12.2014 02:09
СК 2014 - барокен Скансен

Зборот скансен е од шведско потекло и буквално значи утврдување, но станал синоним за музеите под отворено небо, кои низ целиот свет каде што ги има се нарекуваат СКАНСЕНИ.

Швеѓанецот Артур Хазелиус (1833-1901) во 1891 година дошол до идеја да основа еден музеј под отворено небо и тоа е првиот од таков вид во светот. Во ерата на нараснатото индустриско општество, Хазелиус сакал да покаже како живеел народот порано. Од цела Скандинавија се определил да пренесе, на едно место околу 150 традиционални градби кои ги поставил на зелените пространстава на малиот полуостров кај Стокхолм, Ѓулгарден, кој бил некогашен ловечки ревир на кралското семејство. На тој начин го покажал животот на селаните и благородништвото во периодот од 17 до 19 век, како и нивната култура. Во градскиот кварт се поместени објекти каде дувачите на стакло, чевларите и другите занаетчии ги демонстрираат своите вештини. Навистина е импресивна прошетката по овој Скансен, особено и ако се погоди во деновите на „мидсомер“, најдолгиот ден во годината, кога сите Скандинавци го слават како ден на светлината и раѓањето на новиот живот. Тогаш сите излегуваат во природа.

Сите објекти во Скансен се претставени во својот првобитен изглед, опремени со автентичен мебел, со прибор и алати од своето време. Во секој објект има и по некоја „домаќинка“ облечена во традиционална носија, која е посветена на некоја рачна работа, која денес е сосема заборавена. Впечатокот го надополнуваат и фолклорните групи кои на отворените сцени изведуваат песни и танци од разни краеви на Шведска. Вакви скансени има во многу земји во Централна и Источна Европа, импресивен е оној во Осло, кој е во рамките на Етнолошкиот музеј, во Букурешт во централниот градски парк, а ги има и во САД, во Висконсин и Колорадо.

Гледајќи ги анимациите на т.н. ново Скопје и слушајќи ја одбраната на неговите инспиратори, групата кич-архитекти чии дела меѓу другите се објектот на Мајка Тереза, мостот Влајко, разните крстови и други градителски злодела, со кои е градот нагрден за вечни времиња, новото „барокно“ руво во кое го вденуваат Скопје, ме асоцира на многуте скансени кои сум ги посетил, само што тие се со оригинални и автентични објекти, изградени во текот на времето и по мерка и според потребите на своите жители. Новото Скопје е збирштина од измислени објекти и архитектонски елементи, неуспешни реплики на некои од старите скопски градби, а сето тоа нема ништо заедничко со нашиот начин на живот и менталитет. Преовладуваат капители, ротонди, колонади, куполи, а старите објекти, сведоци на некои епохи, за да се вклопат во овој измислен барокен скансен, се обезличуваат и облагаат со корупки од стиропор или гипсани плочи.

Нашите новоградители и преродбеници, разните чауши и алајчауши, ја забораваат основната порака на архитектурата и градителството, дека е тоа сведоштво на вековите. Познатиот белградски архитект Михајло Митровиќ, кој повеќе од половина век е будно око и педантен набљудувач на сите збиднувања во областа на архитектонското творештво во целиот свет, а посебно на просторите од поранешна Југославија, во една од своите редовни колумни во белградскиот весник Политика, ќе напише:

„Некогаш, привилегијата на човековите богови, фараоните, цезарите, кралевите, царевите, феудалците и богаташите, архитектурата која била незаобиколен симбол на нивната моќ, полека се извлекувала од нивната посесивност и сè повеќе се приближувала на социјалната вертикала, која стана цивилизациски отпечаток на своето време, богатство на широките општествени слоеви. Тоа, во 21 век влезе како културна аксиома, како егзистенцијална потреба и како најраспространето хумано право. Секако, ова е евидентно во просветените и развиени земји. Меѓутоа, во процес на постојан напредок е и меѓу оние кои се заостанати во развојот“. Сите овие мудри заклучоци на овој еминентен архитект и теоретичар, не се однесуваат на творците и инспираторите на најновото Скопје. Се чини дека тие сè уште се во периодот од првиот дел на цитатот. Инаку, никако не може да се објасни самоувереноста во промовирањето на тој проект, ароганцијата во однос на јавното мислење и целосната нетранспарентност. И покрај тоа што имаше сериозни забелешки од домашната и странска стручна јавност за оправданоста на овој проект, тој е целосно реализиран. Се покажа дека нашите модерни „фараони“ немаат слух за сите овие забелешки.

Во шеесеттите години на минатиот век, светот го потресе кинеската Културна револуција, кога тогашното догматско кинеско раководство ја спроведуваше таа револуција во културата, со која требаше да се расчисти со остатоците од минатото и да се воспостават нови естетски и пред сè културни и уметнички вредности. Сегашната акција за обликување на централното градско подрачје може да се нарече „културна контрареволуција“, бидејќи од современото и модерното се бега во минатото, во измислен барокен Скансен, со објекти и елементи кои немаат и немале ништо заедничко со нашиот начин на живот и менталитет. Идентитетот на еден народ се создава во текот на епохите, со напластување на културни и битови вредности на автохтониот народ кој живее на овој простор. Многу властодржци, во текот на историјата, биле преокупирани, а некои се и денес, со изградба на нови градови или градски целини, од стратегиски, политички или економски причини, но имале толку доблест да не посегнуваат по вековно стари градби. Сите ги почитувале современите тенденции во градителството и создавале нови, модерни и атрактивни градови. Рускиот цар, Петар Први Велики, од стратегиски причини го изградил Санкт Петербург, но за реализација ги повикал најпознатите, современи италијански архитекти (Растрели и др.), но и многу европски градители, кои создале модерен, современ град, бисер на устието на Нева, кој и денес плени со својата убавина. Бразил, во педесеттите години на минатиот век, донесе одлука за изградба на нов административен центар во внатрешноста на земјата. Творецот на новата метропола, архитектот Оскар Нимаер, посегна по нови форми и содржини и создаде еден хипермодерен град. Финската архитектонска школа (Ери Саринен, Алвар Алто и др.), во педесеттите и шесеттите години ја промовираше новата финска архитектура, која стана пример за архитектите од целиот свет. Не посегнаа во преобликување на старите градски јадра на градовите Хелсинки, Турку и други, туку создадоа нови и модерни сателитски населби околу големите градови и на тој начин промовираа нов начин на живот, блиску до природата, (на пример, населбата Тапиола кај Хелсинки). Вакви примери во светската архитектура има безброј и секој ден се промовираат нови современи решенија и материјали.

Самобендисаните творци на СК 2014 очекуваат масовна посетеност од туристи за да го видат ова „чудо на архитектурата“, меѓутоа, евентуалните туристи сигурно нема да се чувствуваат така весело и опуштено како во стокхолмскиот Скансен, туку ќе бидат притиснати и задушени од пренатрупаниот простор со објекти и споменици во овој измислен Скансен.

ОкоБоли главаВицФото