Одложено реагирање

27.12.2014 10:32
Одложено реагирање

Дојди, Нина

дојди во сред ноќ
или пред мугри
како што ќе ти дојде
кога и да посакаш
вратата ми е отклучена
прозорците отворени
влези од кај сакаш, нина
дојди кога ќе ме посакаш
разбудена од желба по мене
збувната во образите
со гради набабрени од итање
дојди со песна, нина
разбуди ми го маалото
растрепери ме додека гласот
ти одекнува низ уличките
меѓу зградите со заспани очи
чекорејќи врз жолтите лисја
запеј, нина, уште пред да влезеш
стреси ме додека ти ги замислувам
капките едвај видлива пот
на слепоочниците
додека замислувам каде сè
си натопена
од твојата песна, нина
и од мојата смеа ноќва
додека влегуваш во мене, нина
ти, нина симон.

18.11.2014, 05:07


Патот кон небото
писмо на брат ми Јосип

душата ќе ти оди в небо,
како и мојата, како и душите
на сите наши браќа
и сестри... тоа го знаеме, но,
не знаеме најточно
каков е патот: има ли
многу кал? навистина ли е
посипан со трње, или така
само нè плашат
овие приземјениве?
има ли крв до колена,
има ли крв до лакти?
не на нашите раце, но
на рацете на нашите мачители
кои безмилосно,
парче по парче ни ги черечат
телата и коските, кои сакаат
да нè распнат во нивното
проколнато секојдневие.
ако не се видиме, брате Јосипе,
оној кој прв ќе стигне
на другиот ќе му чува
место со убав поглед –
онака како што другите,
веќе качени,
го чуваат за првиот од нас,
каков и да е патот.

04.05.2007, 00.27


Одложено реагирање

заплакав три недели откако
го закопав татко ми
со Коко пиевме и славевме
стара нова година
во едно кафе помало од трафика
од некаде грмнаа труби
и тогаш тргнав да плачам

се сетив на земјата во истурање
врз сандакот, попот веднаш побара
да му се плати, ако може во девизи
роднините дремеа над дупката
фрлаа грстови земја и цвеќе
сè се мешаше, мртвата глина
и пребргу свенатото цвеќе
јас стоев мирен и исправен
пристојно примав сочувство

се сетив на болницата,
жолтите лисја плачеа за расказ,
и на некои од неговите последни зборови
секогаш заебантски па и тогаш
кашлицата му извираше од петиците
му ја распарчи смеата
плукна во корпата
и ми намигна

ми рекоа умрел како во земјотрес
од срце, излив, напад на астма и бубрези
истовремено и потполно земјотресно
како да експлодирал, рекоа

тогаш мислев на меури од сапуница
мислев на одеци од ѕвона низ празнината
сфатив дека и јас така ќе умрам

се сетив на лекарот кој ги чекаше погребниците
и не ми дозволуваше татко ми да го избричам
да го искапам со мирните дланки и да го дотерам
ко за на скопско корзо и добар шанк

се сетив на лекарот кој трепереше во аголот
додека му го реновирав кабинетот
и ревев дека погребниците него прв
ќе го спакуваат во вреќа
ревев и кршев сè додека не ме прати
во болничката остава

татко ми лежеше на една полица
она што беше останало од него
лежеше на полица со број околу палецот
и во друштво на нови колеги

се сетив на сè кога грмнаа трубите

30.04.2007 22.23


Сина сенка

Сара: „Тато, нели има и сина сенка?“

ја земам од час по англиски
а бамбори на македонски 100 на саат
откако ги кажа сите можни бои на англиски
зборувавме зошто сенките ни се жолти
ѝ кажувам за светлото кое се разлева
низ магливоста на есенската вечер
и заклучувам дека сенките секогаш се црни
евентуално сиви или темно-сиви
во секој случај, темни

„а сини, сигурно има и сини сенки,
нели тато? зашто и сината е темна...“
заклучува, скоро метар пониска од мене
со русата коса низ која се провираат
боите на градот

има, сонце, има.
само што овде не се гледаат:
овде се црни и темно-сиви.
најтемно што може.

//
ми се крши грбот
се распаѓам во сината сенка
од визијата на ќерка ми
се растворам во облак
кој лебди над градот
и сè под себе бои
во сите светли нијанси на сино

31.10.2007 00.22


Ноќни звуци, ноќни птици

помислувам на самотијата
додека полека ја раскрилувам
вратата од спалната: таму
нема кого да разбудам –
дури ни мириси нема
сталожени, впиени…
помислувам: добра ми е
самотијата, се движам
низ мансарди, низ песок
од време чекорам, низ ситно
издробени минути, денови,
месеци… умор од броење,
умор од тишина понекогаш,
но добар умор, умор за добро
и длабоко заспивање.

ги слушам сите звуци, длабока
е ноќта и сега само нејзините
звуци се гласаат низ просторот
во и вон мене: птици пеат, ноќни
птици пеат – ја сопирам музиката,
ги стивнувам мислите: ме галат
ноќните птици, ќе врне. би сакал
да ја видам месечината. многу.

Избор: Румена Бужаровска
Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото