1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Доста беше молк! - најжестокиот студентски протест до сега
Мирно и без инциденти, а сепак со досега невиден револт и жестоки забелешки упатени кон Владата на РМ, помина третиот студентски протест против воведувањето државен испит.
Гневот од игнорантскиот однос со кој беа континуирано удостојувани, зовре кај младите и тие во своите говори на бината пред Влада ги насочија своите беспоштеди критики и кон пошироките општествени состојби во државата кои континуирано ја подгреваат состојбата на незадоволство, не само кај студентите како целна група, туку и пошироко.
„Денеска се собравме тука да им покажеме дека не сме стока, не сме овци за да нè тераат каде што сакаат, туку сме свесни граѓани кои знаат каде сакаат да одат и тоа не е оваа провалија во која сме тргнале!
Студентските протести не се само студентски протести. Тие се почеток на нешто ново, поголемо! Студентските протести се почеток на надежта и вербата на македонските граѓани! Од денес македонските граѓани веќе не се плашат, ова е почеток на една нова Македонија! Ние, студентите сме иднината и ќе се бориме за таа подобра иднина која ја заслужуваме! Денеска покажавме дека не сме слепи, не сме глуви и дефинитивно не сме неми! На нашите политичари денеска ќе им кажеме дека ќе ги гледаме будно во сè што прават и тоа ќе го правиме сè додека не живееме во една нормална држава каде што Владата работи за своите граѓани, а не за своите интереси! Сè додека нема правда и Уставот се гази, нема да има мир! Сè додека си играте со нас, нè лажете и крадете, нема да има мир!“- Беше говорот на еден од студентите проследен со овации.
Марија Грубор од Студентскиот Пленум со неприкриена жар зборуваше за одговорноста на студентите во општеството и причините за нивниот револт:
„Како диктатори ни ја одземаат автономијата и како ѕверови ни ја глодаат критичката мисла! Како бесрамни манипулатори нè заокружуваат и нè вклучуваат во своите гадни политички сплетки... и потоа како виновници фатени во сопствената замка, ни затвораат врата пред нос кога ги повикуваме на разговор и на соочување! Знаете ли зошто? Затоа што не се навикнати да се соочат со независни умови кои размислуваат со своја глава, кои имаат силни аргумети, кои се одлучни и освестени. Нашите образовни институции одамна пропаѓаат. Ние и нашите професори овде, најдобро знаеме дека овие нивни реформи се само шминка за грдото лице на реалноста. Нашата задача како млади интелектуалци и студенти е директно да влијаеме врз одлуките кои нас нè засегаат и токму тоа ќе го направиме! Се работи за исфрлање на сета наталожена и проголтана неправда до сега која реши да излезе од нас! Количината на проголтано ѓубре ја надмина границата на толеранција на колективниот студентски организам! Ова е само почеток, имаме многу ѓубре за исфрлање! Ако сега замолчиме, можеме слободно да го фатиме првиот авион за надвор. Ако сега замолчиме, ќе ја отфрлиме сета општествена одговорност која ја носиме како студенти и ќе ја згаснеме сета надеж која ја разгоревме кај сите граѓани со досега покажаната храброст! “ - при што следеше симболично фрлање на копии од Уставот кон Владата за таа конечно да го прочита.
Во склоп на протестот настапија и бендот „Визија“ кои со својата бунтовна музика ја анамираа толпата, како и раперот Да Џака Накот кој на паузите од својот настап ги повика студентите да им го покажат средниот прст на сите дежурни заокружувачи на провладините портали. Раперот воедно го покрена и актуелното прашање за хонорарците, со кое студентите наскоро ќе бидат соочени, како и најновата одлука за употреба на гумени куршуми при протести.
Она што дополнително ги охрабри студентите, беше формирањето на Професорски Пленум, со што професорите му изразија недвосмислена поддршка на Студентскиот Пленум, и рамо до рамо со нив ја продолжија битката за автономијата на Универзитетите.
„Не може да се предложи вакво законско решение без притоа да има дијалог, особено со оние на кои директно се однесува тоа решение, а тоа се студентите и професорите. Јас на моите студентите секогаш им говорам и им предавам за важноста од дијалогот. Доколку нема дијалог, тогаш секако дека ќе се појави отпор, протест“, вели проф. д-р Гордана Силјановска, која и со своето присуство на протестот ги поддржа студентите.
„Студентите држат час, слушнете ги!“ - Стоеше на еден од транспарентите кои ги носеа токму професорите.
На протестот можеа да се видат најразлични креативни трансптаренти, чии неретко хумористични пораки погодуваа длабоко во сржта на политиките со кои безмалку сите граѓани се затруени во секојдневието.
Фотографии: Ванчо Џамбаски