Критична маса #32: За уште многу булевари без велосипедски патеки!

29.12.2014 09:48
Критична маса #32: За уште многу булевари без велосипедски патеки!

За уште нови булевари без велосипедски патеки!
За уште паркирани возила на пешачки и велосипедски патеки!
За уште нови автобуски постојки кои се на средина на патеките за движење!
За уште школи и институции без паркинзи за точаци.
За уште расипани точаци за изнајмување!
За уште високи рабници и непристапни тротоари за незагадувачки тркала!
За уште сообраќајни решенија кои поттикнуваат возење коли и демотивираат возење точаци.
За уште позагаден град!

Не знаеме чии се желбиве, но се остваруваат. Можеби никој не го посакува горенаведеното, но сепак ни е стварност зашто никој не се охрабрил да го промени. Ајде да го смениме заедно во наредната година! Да делуваме поцврсто и институциите да се променат и да почнат да го менуваат градот. Не е доволно да посакаме, поважно е да делуваме да се направи. Не се доволни декларативни заложби на институциите, поважно е да почувствуваме реална промена.

Придружи се на Критична маса, придружи се во НаТочак. Да делуваме заедно за подобар вело-град, за Скопје достојно за возење точак!

Тоа би била нашата најголема Новогодишна желба, на ироничен начин претставена преку материјалите за Критична маса #32.
--------------------------------------------------------------

А терминот за Критична маса #32 (последна среда во декември) се паѓа токму на 31 декември.

Дојди на Новогодишното возење, на една од поинтересните критични маси во годината. Овојпат посебно необично е тоа што немаме предвидена рута и на лице место ќе одлучуваме каде ќе возиме, во зависност од новогодишните дразби :) Во некои градови во светот КМ така функционира редовно, сега првпат ќе пробаме и ние.

Си возиме како и секогаш, само сега на крајот нé очекува забава. Со точакољупци и точаци, јадење, пиење, музика, балони и сè што сами ќе си спремиме. За Критична маса се разбира дека не е потребно пријавување, но потребно е за забавата која после возењето ќе продолжи во Мојот Калеидоскоп, за да си резервирате место. Заинтересираните пишете ни на: natochak@gmail.com.

Времето е поладно, облечете се во повеќе слоеви. Почнуваме и завршуваме во темница, па задолжително носете светла на точакот. Други светлечки и звучни помагала се бонус :) Новогодишни декорации за точаците, Дедомразовски капи и костими, балони и испишани желби, исто така.

Се гледаме!

Нека ни биде Новата година поуспешна на вело-план за Скопје!

Ѕрн-ѕрн!