Мојот премиер – цел ТВ дневник

30.12.2014 09:03
Мојот премиер – цел ТВ дневник

Парче прво – инвестиции: Премиерот беше тргнал во Штип, во штипско Ново Село, да отвори нов музеј, овој пат на дејците на ВМРО од овој крај, во период 1983-1934. На прстите од една рака, можат да се избројат медиумите кои тоа го дефинираа како „Уште еден музеј на восочни фигури“! Оние, пак, другите, „за да не се сетат Власите“, како докажани спин-мајстори, музејот го беше испланирале за пред спортот. И така темата е извикана. Да се трошат пари за восочни фигури, а да се влегува во џебот на најсиромашните слоеви и не е така упатно во ова време . Затоа, прво удри по инвестициите. Сложно – и како информација и како спин-равенка: Додека Заев се заканува и се сили со бомби, владата работи 24/7 и реализира проекти за народот, а Груевски носи инвестиции” (Алфа, Сител, Нетпрес, Република, Лидер, Пулс24, Вечер, МРТ…). За да биде поуверлива, Алфа извештајот ни го проследи многу китнесто:

Служејќи се со јазикот на фудбалот Никола Груевски истакна дека во 89 минута се преговорите со уште еден странски инвеститор кој сака да инвестира во северозападна Македонија, а веќе наредната недела нова компанија ќе го објави својот акционен план…

Се разбира, ние можеме и натаму да си се крстиме во иронијата (како последна татковина), ама овие навистина ги бива. Професорот Денко Малески сведочи како Американците му рекле дека овие немаат намера да се симнат од власта. А и зошто би се симнувале, кога опстојувањето го доведоа до совршенство? И како стратегија и како тактика. Ништо не оставаат на случајност. За да се поткрепи напредувањето на централниот фронт – со командантот, паралелно, се напаѓа и од двете крилни позиции. Од лево и од десно. На тема инвестиции, во истите вести, Канал 5 разговараше со заменикот директор на агенцијата за привлекување странски инвестиции, Климент Шеќеровски. Курир со Алек Никовски:

За само три дена две големи американски компании од автомобилската индустрија ја објавија својата инвестиција во Македонија. Компанијата Гентерм ќе инвестира во Прилеп, а Капкон во Скопје…

Сепак, Сител е број еден и уште еднаш прва виолина во тој медиумски хор. Од перото на својот најдобар кадар, во вестите и посебен „паралелен“ коментар. Навистина, така го најавија – како колумна!

Парче второ – хонорарни надоместоци: Од „исецканиот“ Груевски за хонорарните соработници главната поента е дека, ним, всушност им се помага, а не им се одмага! Навистина ќе земаат значително помалку, ама барем ќе се здравствено и социјално осигурени! Сите подеднакво, освен ние пензионерите – кои сме малку повеќе од подеднакви! Се разбира, и државните чиновници и функционерите! Нешто слично како кај Орвел! Ако можел дедо Боже првин за себе да си направи брада, зошто не би можеле и тие. Односно ние – пензионерите!

Парче трето – трафостаница: Груевски заедно со менаџментот на МЕПСО го посети новиот 400-киловолтен далновод, долг 70 километри, од Штип до македонско-српската граница во близина на Куманово. Вредноста на овој проект е 9,7 милиони евра. Со овој преносен вод се воведува електроенергетска врска со Република Србија, која ги зголемува капацитетите за пренос на електрична енергија и ја зголемува доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво…

Парче четврто – државен испит: Ќе го има, дајте забелешки, прв дознава и го пренесува Вечер премиерот, кој уште додава: Не прифаќаме „не сакам ништо да се менува”. Еве уште неколку поенти од оценките на премиерот:

Клучното во оваа работа е да се прашаме дали во Македонија е идеално или, пак, имаме купување дипломи без знаење и нешто треба да се направи и да се преземат конкретни чекори…

Во Македонија подолг период, во изминатите десет-15 години, има ситуација во која некои луѓе без елементарно знаење дошле до диплома и оти тоа, не е здраво за ниту едно општество, ниту за самите нив…

Државниот испит не е нешто што сме го измислиле ние и го има во повеќе држави, во Полска, во Чешка, во Словачка, Унгарија, испробан е и го има повеќе од сто години. Таму никој не се противи, а тоа се, исто така, демократски држави со автономија на универзитетите. Kај нас е некоја новина и го искористија и опозициските партии, мрежата финансирана од Сорос. Ние имаме своја мисија да ги подигнеме стандардите во сите сфери вклучувајќи ја сферата на образованието…

Ако некој заборавил што беше кажано од Штип, беше повторено и на отворената владина седница. Полагање ќе има, уште на студентите им се излегува во пресрет. Во втората и четвртата година, само со две години пауза – додека не го заборавиле градивото. Со ова се согласи и министерот Абдулаќим Адеми, во улога на екстерно учениче – пред премиерот.

Парче петто – музеј: „Ретко се наоѓаат вакви места во кои се родиле и вдомиле толку многу познати револуционери, војводи, комити и останати дејци од илинденскиот и пост илинденскиот период. Секое камче во Ново Село крие своја историја, своја приказна и свое значење“ (прв дозна и пренесе Вечер). Нешто МРТ „ми ја помати главата“: Во овој музеј се сместени 11 восочни фигури на истакнати историски дејци од илинденскиот и пост илинденскиот период, а кои потекнуваат од штипско Ново Село… Курир стандардно на висината задача и со најавата: „Груевски на два настани денеска во Штип“, но и со богатото ФОТО: Отворен музејот на ВМРО во штипско Ново Село.

За малку од Груевски ќе извадеа и шестто парче, ама и тој не е толку наивен. Не отиде да го прими орденот Свети Никола, им го расипа меракот на оние што му се додворуваат за неговото пастирство. Навистина ќе беше премногу. Им ја расипа забавата и на сеирџиите – мајтапчии и иронизатори. Белки и тој знае дека, сепак, не е добро, кога е толку добро. Во тој хор од аздисани поддржувачи се изгуби и онаа малку критичка мисла на Либертас, дека Владата ќе потроши 100.000 евра буџетски пари за анализа на ефектите од владиниот проект за привлекување странски инвестиции и за студија со мерки за подобрување, на Скај за штипските празнувања на Свети Никола, на Канал 77 По Свети Никола –Музеј на ВМРО и четирите милиони денари за 11 восочни фигури, на Вест со фотографиите од восочните фигури на Тодор Александров и Иван Ванчо Михајлов, на Точка и толку.

Наместо заклучок: Пред нешто повеќе од една година, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ беше го искритикувале, според него, некои „ѓоа интелектуалци – од Шпичковина!“. Ете така, во замена за ПМ, Зоран ги отера во Шпичковина! Арно ама, таму ХТВ има авторитети и уредништво, кое испрати новинарска екипа, токму во Шпичковина и оттаму колегата на нашиот Груевски го отераа во три Шпичковини!!! Многу лесно, многу едноставно: на мештаните им дадоа микрофони преку кои му порачаа: никогаш повеќе да не го видат во местото, а гласови за него – уште еднаш, само на сон! Што би им се случило на колегите од нашата (не)ХТВ, кога би се дрзнале да направат такво нешто и каде би ги отерал нашиот премиер? И што мислите: зошто кај нас не се гледа ХТВ? Поради прописите, или поради стандардите што таа ги наметнува. Дали некогаш кај нас ќе пркнат некој македонски Латин, или Станковиќ. Додушa има една Хловерка, ама таа не ги вика гостите за да им даде прилика нешто паметно и корисно да кажат, туку ги користи како декор и шанса – таа самата да покаже колку е мудра и начитана!!!

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња