Деполитизација или идиотизација

30.12.2014 14:18
Деполитизација или идиотизација

Зборот идиот во фигуративниот говор, практично во сите европски јазици, значи глупак, будала и малоумник, додека во медицината тој се користи за именување на најтешката форма на ментална попреченост. Навидум сосем изненадувачки, овој збор еволуирал од старогрчкиот idiotes кој означувал припадник на пониските слоеви од атинското население што немал право да учествува во политиката или во одлучувањето за јавните работи. Изворно, idiotes потекнува од коренот idios, нешто што му припаѓа на поединецот, значи сопствено, лично, посебно, одвоено, па и себично. Вистинското значење и употреба на зборот најпрецизно се сликува преку неговиот старогрчки антоним, неговата концептуална и суштинска спротивставеност – поимот polites, кој го означувал политичкото, односно јавното, државното и заедничкото. Коренот на овој поим е во зборот polis, град држава, и придавката politikos – граѓански или државнички. Може да се рече дури, дека во значењето на зборовите идиотско и политичко – во нивните старогрчки корени како и во денешните значења – може да се согледа самата суштина на демократијата и на нејзините спротивставености – автократијата и тоталитаризмот. Токму разликата помеѓу посебниот и аполитичен граѓанин (кој тоа всушност и не е) и активниот и политизираниот, вистинскиот граѓанин, го прави контрастот помеѓу тоталитаризмот и демократијата. Поради тоа, Перикле можел да ја дефинира атинската демократија како тотална политизација на граѓаните или нивна потполна јавна ангажираност: „Ние не сметаме дека оној што не се интересира за политиката е човек што си ја гледа својата работа, туку дека тоа е човек кој во нашиот град нема никаква работа“.

Според големата студија на Хана Арент за корените на тоталитаризмот, суштинска одлика на тоталитаризмот е атомизацијата на населението, некој вид дробење на заедницата на посебни единици или поединци. Оваа атомизација, всушност претставува вид на деполитизација, односно одвојување на поединците од политичкото ангажирање и нивно тотално мобилизирање, односно манипулирање. Тоталитаризмот, според Арент, е општество во кое се политизирани само тесната политичка врхушка и државните апарати за одржување на власта, додека населението е потполно деполитизирано и одвоено од какво било влијание или реално учество во политиката. Што, ако се земат во предвид и старите и денешните значења на поимите „политичко“ и „идиотско“, јасно укажува на директната врска помеѓу аполитичното и ментално инсуфициентното, идиотското. Тоталитарните општества се општества на аполитични идиоти водени од политички идиоти. Ако се осврнеме на појавата на брановите на демократијата и тоталитаризмот што го карактеризираа дваесеттиот век, веднаш ќе воочиме дека периодите на демократија ги краси политичко освестување и ангажираност на широките народни маси, како и подем на науката и уметноста. Додека периодите (и општествата) на тоталитаризмот беа несреќни времиња на тотално манипулирана мобилност и воедно крајна ментална и политичка неангажираност на луѓето – времиња на културен и општествен регрес во кои цели општества биле кретенизирани до фазата на клинички идиотизам.

Состојбата во Македонија, под квази-тоталитарната власт на Груевски, дава нови, неочекувани аспекти на релацијата помеѓу аполитичното и ментално попреченото. Јасно е дека се работи за класична форма на капиталистички тоталитаризам какви што беа фашизмот и нацизмот, особено кога се гледа функционирањето на партиско-полициската држава, корпоративистичко-клептократското обединување на политиката и капиталот, инструментализацијата на медиумите во пропаганден апарат и претворањето на културата во херојско-виктимизирачка митологија за одгледување националистичка омраза. Премногу е очигледно дека се работи за режим на идиоти (чипирани идиоти, како што исправно ги нарекува Тричковски), зашто секој режимски производ – било да се работи за „проектот Скопје 2014“ или за законите што режимот ги носи со темпо на печатени таблоиди – се есенција на глупоста, чист кретенизам за чијашто креација е неопходна менталната состојба на клиничкиот идиотизам. Македонското население, кое веќе со години е подложено на третман на застрашување, идентитетски ролер-костер и кретенизација на секој аспект на животот, е веќе потполно деполитизирано, политички индиферентно, што значи идиотизирано во вистинската смисла на зборот. Разликата помеѓу квази-тоталитаризмот на ДПМНЕ и големите историски урнеци од дваесетиот век (освен, се разбира, размерата и суровоста) се состои во тоа што овој нашиов не ги мобилизира туку ги пасивизира своите поданици. Недемократската суштина на тоталитаризмот е иста: и Груевски обезбеди во државата политизирани (читај: партизирани) да бидат само институциите на државата, што значи власта, судството, образованието и големите стопански субјекти, додека огромното мнозинство граѓани е сосем деполитизирано.

Деполитизацијата на луѓето е веќе толку нормална работа во Македонија, што за неа и за нејзините последици како никој да не е свесен.Со години веќе првата реченица од секој јавен говор, од секоја изјава, па дури и протест, гласи: зад изјавата или протестот не стои ниту една партија или политички мотив. Таа масовна политичка авто-делегитимација беше рефлексна реакција на постојаното озлогласување од страна на ДПМНЕ на секое политичко дејствување коешто не е контролирано од партијата-држава. Мотивот на секое неслагање со режимот мора да има скриена политичка и – во една тоталитарна држава – подразбирливо антидржавна мотивација. Во нашата земја се веќе деполитизирани не само граѓаните, туку и политичките партии. И тие веќе не се бават со политика, туку со содржини што повеќе му одговараат на жолтиот печат. Еве, и најважното и најнадежното случување во оваа апатична зима – будењето и масовните протести на студентската младина и на групи на граѓани егзистенцијално загрозени од антинародните законски решенија на власта, како најважен аспект на сопствената легитимација ги истакнаа своите аполитични мотиви. Но тоа не го спречи Груевски да ги набеди дека се организирани и изманипулирани од опозициските партии, и на тој начин да им „залепи“ режимска дисквалификација.

Затоа, мораме да сфатиме дека ако сакаме да сториме нешто за сопствената иднина, ако сакаме да го смениме смртоносното темпо и вертикално-надолната насока на нашето општествено пропаѓање, мораме да го политизираме целото општество и да имаме јасна политичка цел. А единствената политичка цел што ќе ги обезбеди позитивните промени кон повторно освојување на демократијата, е делегитимацијата и рушењето на недемократскиот режим на Груевски. Неполитички протести, колку и да се масовни и колку и да се со човечки и разумни барања, за жал, нема да обезбедат никакви реални промени кај хумано и ментално инсуфициентниот режим. Зашто режимот на кретени што своите граѓани ги третира како идиоти, не се плаши од политички неорганизираните маси и не стравува од гласот туку само од бесот на народот.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото