Отворено писмо до запечатен ум

31.12.2014 08:25
Отворено писмо до запечатен ум

Би било безнадежно трагично – многу полошо и од државниот испит и од упадот во автономијата на универзитетите и од државниот грабеж на приватните хонорари - ако сите оние што им се обраќаат на таканаречените народни избраници, главно еминентни универзитетски професори, навистина веруваат дека тие што седат во собраниските клупи може да помислат, да решат, нешто различно - за спротивно и да не зборуваме - од тоа што го мисли и што веќе го решил нивниот партиски лидер. Премиерот, во случајов.

Осумдесетина видни светски мислители и филозофи, кои предавaат на најугледните универзитети на планетата, стотици домашни универзитетски професори и интелектуалци се против државен испит за студентите на факултетите во Македонија. Тврдат дека со него нашата влада воведува концепт каков што не познава ниту една цивилизирана држава во светот. Оваа оцена ја бранат со аргументи, со докази, со научниот и личен дигнитет. „Им се обраќаме на пратениците во нашиот законодавен дом, а не на угнетувачи-туѓинци“, велат. Па, што? Што значи сето повикување на разумот во споредба со неразумниот глас на лидерот, сите тие нивни отворени писма спрема заповедното слово пастирово, надреалните барањата да го отфрлат предлог-законот кога за нив секој Негов предлог природно станува закон? Практично, не значи ништо. Но, сепак, тие луѓе не се ни угнетувачи, ни туѓинци. Тие, едноставно, не се пратеници.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња