Честитки

31.12.2014 11:16
Честитки

„НЕМА ПРАВДА - НЕМА МИР!“ е честитката што за Нова година до диктатурата ја упатија студентите, младите - иднината на Македонија, заедно со бројните поддржувачи. Честитката силна и јасна беше проследена со громогласно „УАА!“, со заглушувачки свирежи. Честитката е оценка за сите „успеси“ и остварувања на диктатурата, но и јасно предупредување дека самоволието и (не)делата ги преминаа границите, дека правата, слободите и правдата, ќе се бранат и на улица. Во диктатура поинаку и не може.

Кон честитката на студентите со јавна и силна поддршка се придружија и нивните професори кои, поучени од младите, формираа свој вонинситуционален пленум. Доблеста и храброста на професорите е своевидна пресвртница пред бранот протести што надоаѓа. Професорскиот пленум, во кој има научници и правници, аргументирано се спротивстави на државниот испит. Официјално „реформите“ во високото образование ги оспорија ректоратите на универзитетите во Скопје и Битола.

Професорите, противници на волјата на власта, веднаш беа облепени со излитени политикантски етикети - опозиционери и соросоиди. Премиерот, кој знае повеќе од сите доктори на науки заедно, наперчено, од високо, ги омаловажи сите професори. Со право. Никој од нив не магистрирал во МАНУ, пред академици. Како да се ученичиња кои не напишале домашно, премиерот „ги запука со шамари“ сите универзитетските професори затоа што не објавуваат научни трудови во странство.

Честитките на студентите и на професорите, кои заедно со нив излегоа на улица, ниту допреа, ниту можеа да допрат до најнеприкосновените и најумните владетели. Тие останаа глуви и неми. Повторно, категорично и неаргументирано одбиваат да се соочат со поинакво мислење. Такво за нив не постои. Воопшто не ги интересира и не ги засега револтот на студентите, народот кој, од немајкаде, излегол на улица.

Владетелот/ите кои се мислат најуспешни откако постои Македонија, одбија да ги примат честитките на студентите и професорите. Како глувци се криеја во дупките на „раскошната“ палата од пластика, која е кич и фалсификат како и сите нивни реформи, успеси и надуени рејтинзи. Никој не се осмели да излезе пред студентите. Храбри се само кога пред камери вулгарно, невкусно и примитивно фалбаџиски говорат за самите себе, за успесите што ги прават за „добро на народот“. Од многу успеси и добра, народот, доведен до безизлез, излезот го бараа на улица.

Одбивајќи да ги примат „уличарските“ честитки од студентите и професорите дпмнеовци, опкружени со марионетски човек - партии, сами си ја честитаа Новата година. Весели, насмеани и горделиво, со невиден цинизам, упатија честитки и до народот, фалејќи се одново со фалсификати и виртуелна реалност.

Имаат што да си честитаат, со што да се пофалат. Повторно успеаја Македонија да ја оддалечат од ЕУ и НАТО. Продолжија да ја задолжуваат државата, да ги трошат последните пари на народот, да фалсификуваат историја, да го надградуваат Скопје 2014, кое како невидена мега глупост одамна е за потсмев во светот... Честитки имаше и за народот за чие добро мислат 24/7 - на хонорарците им воведоа нов данок, на студентите и професорите со забрзана процедура им наметнуваат државен испит. За инает, да се види во чии раце е силата.

Диктатурата со овие честитки влезе во отворен судир со интелигенцијата, не само со студентите и професорите, туку и со новинари кои не се на платен список на власта, со актери, театарски и филмски работници, кои се огласија со отворени писма... Бунтот на младите ги надмина рамките на државен испит, прераснува во протест против самоволие. Непопустливоста на студентите, нивната решеност да се спротивстават на насилието има поддршка од сите генерации.

Бунтот на студентите, кој беше наднационален, и зголемената поддршка за нивната непопустливост, можат да бидат никулец на пошироки социјални протести и затоа диктатурата одговори со контра-честитка. Се закани дека со гумени куршуми, борни коли, чадни бомби... со сила ќе ги задушува протестите. Следна надградба на овој закон ќе бидат закани со вистински куршуми и концентрациони логори. Така владетелот/ите, кои „мислат само за добро на народот“, ја бранат својата држава во која нема место за нормален живот на народот.

Новогодишната честитка на студентите „НЕМА ПРАВДА - НЕМА МИР!“ е најсоодветна за состојбата со која Македонија влегува во 2015 година. Диктатурата категорично вели нема (за вас) правда. Студентите и сите што ги поддржуваат, непопустливо одговараат нема (за вас) мир. Каква ќе биде 2015? Среќна? За кого? Ако има правда, а секогаш има, народот заслужи, по девет години, среќата да биде на негова страна, сам да ја земе среќата во свои раце.

Извор: Глобус
Слика: Свирачиња