Најдобрите книги за деца во 2014 (3)

31.12.2014 15:23
Најдобрите книги за деца во 2014 (3)

10. Патувањето на Шекелтон

Во август 1914, легендарниот британски истражувач Ернест Шекелтон ја повел неговата храбра екипа од истражувачи и кучиња на патување на крајот на светот – до мистериозниот антарктички континент. Патувањето – монументално од историска, но и од научна перспектива – ќе стане последната експедиција во херојската ера посветена на истражувањето на Антарктикот, која траела од 1888 до 1914. Од „Книги со летачки очи“, огранокот за детски киниги при британската издавачка куќа Ноброу, кои веќе ги имаат објавено и комичната биографија на Фројд, брилијантната „Ничија земја“ на Белксболекс и прекрасно илустрираните истории за авијацијата и вселенските истражувања, доаѓа и „Патувањето на Шекелтон“, неверојатната хроника од надежниот нов илустратор Вилијам Грил, чии нежни и магични, но и едноставни цртежи го оживуваат легендарниот истражувач и неговата историска експедиција.

Како што ни кажува Грил во воведот, Шекелтон бил неверојатно исклучителен човек:

„Шекелтон беше второ од десет деца. Уште кога беше многу мал, Шекелтон се жалеше за неговите учители, но многу ги сакаше книгите, особено поетските, а многу години подоцна, за време на експедициите, тој му читал на неговиот екипаж, за да го разведри. Секогаш непокорен, младиот Ернест го напуштил училиштето кога имал 16 години за да оди на море. По брзиот напредок, им рекол на своите пријатели, „('Мислам дека можам да направам нешто подбро, сакам да постигнам нешто поголемо и да се прославам'.“

И токму тоа и го направил. Размислувајќи за неизбежната магија на експедициите, која не престанала да го води низ неговиот авантуристички живот, Шекелтон еднаш кажал:

„Бев чудно привлечен кон мистериозниот југ. Се заколнав дека еден ден ќе одам до големите мразови и снегови, и ќе продолжам сè додека не стигнам до еден од половите на земјата, до крајот на оската околу која се врти големата топка.“

Од собирањето на средствата и екипажот за познатата експедиција, па сè до пионерското опремување на бродот соодветно наречен „Издржливост“, вклучувајќи ја и целосната таксономија на членовите на екипажот, кучињата и залихите, Грил го следи возбудливото патување на Шекелтон, од моментот кога екипажот испловил до несреќните настани кои ги принудиле да ги променат плановите и кои ги фрлиле во безнадежна изолација „800 километри од најблиската цивилизација“ до нивното евентуално бегство од ледениот затвор и спасот кој го пронашле на брегот на Островот на Слоновите.

Секој љубител на кучиња и на визуелни листи, особено на илустрирани листи и на илустрации со кучиња, ќе биде воодушевен од визуелното претставување на екипажот и кучињата од страна на Грил.

И покрај огромните предизвици и опасните услови, експедицијата на Шекелтон доживела херојски успех, завршувајќи без ниедна смрт. Ова е приказна за непоколебливата амбиција да се смени текот на историјата, за неверојатната храброст со која се надминуваат страшните неуспеси, и првенствено, за незгасливиот оптимизам – истиот оптимизам кој со неверојатна топлина ги грее нежните илустрации на Грил.

Многу години подоцна, самиот Шекелтон го доловува духот кој ги водел напред:

„Одбрав живот наместо смрт за мене и моите пријатели.... Верувам дека нашата природа е онаа која нè поттикнува да истражуваме, да се упатуваме кон непознатото. Да не се истражува би бил единствениот вистински неуспех.“

11. Меморијата на еден слон

Психолозите веруваат дека нашиот капацитет за креативна работа зависи од нашата меморија и од способноста да ги извлекуваме запамтените искуства и идеи од нашиот ментален каталог. Дури и повеќе од тоа, меморијата е нашата животна врска со нашето сопствено јас. Навистина, има ли нешто позначајно од меморијата за оформувањето на идентитетот?

„Меморијата на еден слон: Незаборавно патување“ е најнеобичната илустрирана книга од авторката Софи Стради и илустраторот Жан-Франсоа Мартин. Необична не само затоа што е висока речиси 40 сантиметри – иако само тоа е доволно да ја претвори во еден вид наративен постер – туку и затоа што ги соединува фасцинацијата за енциклопедиска љубопитност со длабоките прашања за меморијата, идентитетот, и сè друго поради кое животот вреди да се живее.

Марсел е сензитивен стар слон кој се решава да напише енциклопедија за неговите наследници. Откако присуствувал на градењето на Ајфеловата кула во 1889, и на претставувањето на првиот Ајмек во 1998, а векот помеѓу нив бил исполнет со долг живот од авантури и успеси, ја презема „огромната задача на набројување – во една огромна, илустрирана енциклопедија – на сè што научил во текот на неговиот долг и извонреден живот.“

Но во моментот кога се подготвува да се наврати на неговите многубројни години, влечејќи знаење и информации од неговата огромна меморија, сфаќа дека неговата дневна соба – која му е неопходна за да може да пишува, шармантно уредена со славни парчиња модерен мебел од средината на векот, и некои од непогрешливите дизајни на парот Имс – е преплавена со „планини од пакети завиткани во светла и шарена хартија“, неочекувани роденденски подароци од неговите пријатели.

Како што го отвора секој пакет и си игра со подарокот внатре, двојното значење на зборот „подарок“ („present“ на англиски, што покрај подарок значи и „сегашност“) се открива себеси. Марсел е пренесен во неговото минато и многуте животи се соединуваат во неговото долго и сестрано постоење – неговите денови како светски познат музичар, маките кои ги доживеал како морнар, слободната година која ја поминал во Виетнам, времето кое го посветил грижејќи се за прекрасните Луксембуршки градини, неговото случајно учество во историските работнички штрајкови и протести во мај 1968 во Франција.

Марсел го наоѓа и последниот неотворен пакет, голема картонска цевка. Внатре наоѓа постер на кој пишува: „Во мај, ќе го добиеме она што го сакаме.“ Како што започнува да размислува за чудниот постер кој го носи кон минатото со натписот кој наликува на политички слоган од немирите од 1968, тој ненадејно сфаќа дека всушност е 1 мај, денот на неговиот роденден. Токму тогаш, неговите пријатели излегуваат од зад неговиот елегантен мебел за вистинско родененско изненадување.

„Сите чекаа стариот слон да ги отвори не само неговите подароци, туку и вратите на неговата меморија.“

Главната приказна е зачинета со интересни енциклопедиски податоци, кои се однесуваат и на елементите од меморијата на Марсел, од музика до технологија, но и на самите слонови – дознаваме дека слоновите спијат многу малку во текот на ноќта, „обично стојат, секогаш на штрек“, и дремат додека стојат во текот на денот; дека еден возрасен слон може да испие околу 115 литри вода во текот на денот и да изеде помеѓу 100 и 200 килограми храна во зависност од сезоната; дека слоновите не можат да скокаат и дека една од нивните нозе мора да е прицврстена за земјата во секое време; дека и покрај огромната тежина од околу пет тона, слоновите не прават врева додека одат.

12. 29-те митови за Свинстерската аптека

Само неколкумина современи автори на детски книги би можеле да го споредат своето чувство за хумор, сензитивност и речиси неопислива креативна енергија со оние на Лемони Сникет, псевдонимот од младите денови на веќе возрасниот писател Даниел Хандлер, под кој се објавени неговите прекрасни креативни соработки како „13 зборови“, илустрирана од големата Маира Калман, „Кој би можел да доаѓа во овој доцен час?“, илустрирана од познатиот аниматор Сет, и „Темнината“, една од најдобрите книги со илустрации за 2013-та, од страна на Џон Класен. А неодамна беше објавена и „29-те митови за Свинстерската аптека“, илустрирана од ненадминливата Лиза Браун – проект кој е уште побајковиден ако се има предвид фактот дека Хандлер и Браун се венчани и се жив пример за постоењето на успешни романтични врски кои се воедно и креативни соработки.

Оваа книга ја раскажува приказната за едно мало девојче, мало момче и нивното мало кученце, кои стануваат сè поопседнати со мистериозната Свинстерска аптека која се ноаѓа во соседниот град и започнуваат да се прашуваат што би можела да продава. Под приказната се крие прекрасната алегорија за капацитетите на детската имагинација која е способна да гледа неоткриени чуда и во наједноставните нешта и да најде многубројни значења во најсекојдневните настани.

Прво, малата група патува до наредниот град за лично да истражи, тајно набљудувајќи ги вработените во нивните бели одела и дури и следејќи еден од нив до неговиот дом една вечер, кој се ноаѓа веднаш наспроти аптеката.

„Градските гласини велат дека постојат четири тајни за Свинстеркста аптека, но никој не знае кои се тие.“

„Сè е причина за сомнеж: во чинијата со овошје на пултот во аптеката се наоѓаат зрна грозје кои не се пресечени на половина, странци постојано поминуваат покрај неа, „јадејќи или шепотејќи или правејќи нешто друго“, а понекогаш и застануваат кога поминуваат покрај аптеката, една вест за подметнат пожар во градот е залепена на вратите на улицата на која се ноаѓа аптеката, децата ја мерат зградата и заклучуваат дека е совршен квардрат, „има нешто електрично околу вратата“. Сè е многу, многу сомнително.“

Тројката решава да се сокрие зад дрвјата на улицата која се ноаѓа наспроти Свинстерската аптека и тивко да ги следи доаѓањата и заминувањата на муштериите во аптеката. Повторно, многу сомнителни нешта се случуваат:

„Една жена влезе еднаш и излезе точно петнаесет минути подоцна, носејќи ја истата облека.“

Аптеката започнува да ги прогонува децата дури во нивните соништа:
„Во сите наши соништа, аптеката е сместена во средината на населбата како нешто сино и гладно. Но, следното утро се наоѓа на аголот.“

„Мислам дека треба да им дозволиме да си ја тераат работата ако не наштетуваат никому.“

А сепак мистеријата за тоа што точно продава аптеката не е откриена.

„Луѓето се разболуваат сето време, никој не оздравел поради Свинстерската аптека.“

Она што ја прави книгата „29-те митови за Свинстерската аптека“ навистина волшебна е фактот дека, намерно или не, служи како парабола која предупредува да размислуваме за субјективните начини на кои одлучуваме што е вистинско и што е реално – потсетник дека без неопходните алатки за критичко размислување, ја трансформираме уметноста на набљудувањето во субјективен филтер кој апсолутно ја одредува нашата перцепција и преку кој го восприемаме светот онака каков што би сакале да биде наместо онаков каков што навистина е.

13. Мојата учителка е чудовиште

„Љубовта“, пишува Лав Толстој во неговите впечатливи писма до Ганди посветени на тоа зошто се повредуваме меѓу себе, „е во основа највисокиот и навистина, единствениот животен закон, бидејќи секој човек го препознава и го чувствува во длабочините на неговото срце (како што најјасно гледаме кај децата)...“ Толстој верувал дека ако успееме да ги надминеме нашите површни разлики и стравот од другоста на другите, во истиот момент ќе го препознаеме основниот универзален „закон на љубовта“ – нешто со кое се раѓаме, само за да го заборавиме кога ќе пораснеме. Децата, се разбира, често пати можат да бидат особено сурови во нивната неспособност да ја прифатат другоста – но токму затоа е особено магично да се искуси, а уште повеќе да се поттикне оној момент кога детето се откажува од некои стекнати предрасуди и ја гледа другата личност во сета негова или нејзина внатрешна добрина, со што се враќа во невиноста или пак, како што вели Толстој, повторно го искусува „законот на љубовта“.

Најновата книга на писателот и илустратотор на детски книги Питер Браун е насловена „Мојата улителка е чудовиште! (Не, не сум.)“ и е слатка современа приказна за еден токму таков момент на гледање под маската на застрашувачката другост во нежното срце на нашата заедничка човечност.

„Побрзај или изгуби се!“
Г-ѓата Кирби газеше сè пред себе.

„Смирете се!“
Г-ѓата Кирби завиваше.

„Нема мал одмор за децата кои фрлаат хартиени авиончиња во училницата.“
Г-ѓата Кирби беше чудовиште.

Преку живописните, детални илустрации и едноставните фрази, Браун ја раскажува приказната за малиот Боби кој ја доживува неговата строга учителка како страшен зелен огар, сè додека еден викенд случајно не налета на неа во паркот.

Одеднаш, во пријатната околина тие се чувствуваат ослободени од нивните секојдневни улоги. По неизбежната непријатност и збунетост, во една особено слатка размена на зборови, Боби кој му се спротивставува на својот првичен нагон едноставно да избега, ја крева раката додека седи до г-ѓата Кирби на клупата, а таа љубезно го потсетува дека може само да го постави прашањето, па тие и немаат друг избор, и започнуваат отпрво колебливо, потоа дискретно, а најпосле и весело да зборуваат.

„Ми се допаѓа вашата огромна капа, г-ѓо Кирби.“
„Ти благодарам Роберт.“

„Г-ѓо Кирби, навистина ми е чудно кога ве гледам надвор од училиштето.“
„Се согласувам.“

Како што Боби го започнува разговорот и ѝ дава комплимент на г-ѓата Кирби, кажувајќи ѝ дека му се допаѓа нејзината голема шапка, така ветерот ја презема.

„Настана незгодна тишина.
А потоа еден налет од ветрот смени сè“.

Шапката, како што се уверува Боби, ѝ е омилена на г-ѓата Кирби, па таа вознемирено трча по неа, како што ветерот се заканува дека ќе ја одвее во неповрат. Токму пред да падне во малото езерце, Боби успева да ја дофати и го спасува денот. Видно развеселена, г-ѓата Кирби го прогласува за херој и двајцата седнуваат еден до друг и ги хранат патките. Во меѓувреме, на некој чуден начин, зелената боја на г-ѓата Кирби полека избледува, па дури и нејзините ноздри кои претходно наликуваа на оние од дива свиња сè повеќе и повеќе се намалуваат.

Боби решава да ѝ го покаже на г-ѓата Кирби неговото омилено место во паркот и тие се качуваат на големите карпи, по што г-ѓата Кирби – која сега има речиси неутрален тен и изгледа како човечко суштество – добива супер идеја.

„Ова е прекрасно.“
И тогаш, г-ѓата Кирби се сети на нешто.

Му даде на Боби парче хартија кое тој радосно го превитка, направи хартиено авионче и го вивна кон небото, повторувајќи го чинот поради кој чудовишната учителка толку пати го имаше прекорувано во училницата.

Боби го фрли хартиеното авионче кон небото, и тоа леташе и леташе, и леташе.

„Мислам дека тоа беше најдоброто хартиено авионче во историјата!“ извикува Боби. „Мислам дека си во право“, се согласува г-ѓата Кирби, чии заби повеќе не се чудовишни.

Враќајќи се на клупата како што се наближува времето за ручек и двајцата се среќни што налетаа еден на друг.

Сега се подготвени да се разделат.
„Се гледаме во понеделник Боби.“
„Чао, г-ѓо Кирби.“

Магично, г-ѓата Кирби се трансформира од чудовиште во обична жена. Со секој споделен момент и секоја разменета љубезност, нејзината чудовишност се раствора во нејзината едноставна човечност – нежен потсетник дека и покрај тоа што луѓето се производ на нивната култура и контекстот кој ги опкружува, кога некој ќе се научи да ги гледа со „очите на срцето“, нивната основна добрина евентуално излегува на површината.

На некој начин, оваа сочувствителна приказна суптилно се концентрира и на еден поинаков аспект кој се вклопува во истата поширока категорија посветена на прашањето за милостливоста и различностите и кој Браун го истражува во неговата претходна книга, подеднакво прекрасната „Г-динот Тигар подивува“ – нежна приказна за оригиналноста и прифаќањето. Предизвикот да се разберат другите и покрај нивната различност и чувството на прифатеност и покрај нашите ексцентричности се двете страни од истата паричка, паричка која има најголема вредност при воспоставувањето на човечките врски.

14. Пилотот и малиот принц

„Малиот принц ќе ги осветлува децата со суптилен, таинствен сјај. Ќе ги погоди на некое место кое не е умот и ќе свети таму сè додека не дојде време да ја разберат ова книга“ – пишува во една анализа на Малиот Принц од 1943 година, објавена неколку месеци пред исчезнувањето на саканиот детски автор над Баскискиот залив. Но ,иако конечно и беше причината за неговата трагична смрт, искуството на Антоан де Сент-Егзипери како пилот го збогати неговиот живот и го облагороди неговиот дух, како што може да се види од неговите размислувања за нештата кои ги научил за смислата на животот во времето поминато во пустината Сахара и од неговите прекрасни медитации за спасувачката моќ на човечката насмевка. Неговото искуство како пилот се наоѓа во средиштето на неговиот идентитет и имагинација, и како такво, секако го инспирирало и создавањето на „Малиот Принц“.

Интеракцијата помеѓу пилотот Сент-Егзипери и имагинативниот писател кој е авторот на едно културно ремек-дело Сент-Егзипери е она што познатиот американски детски писател со чешко потекло Петер Сис го истражува во својата прекрасна графичка биографија „Пилотот и Малиот Принц“. Оваа чувствителна приказна посветена на животот на Сент-Егзипери истовремено претставува и фасцинантна хроника на авијацијата и начинот на кој таа го сменила човештвото, не занемарувајќи ги силните струи на своевремената политичка историја и е апсолутно магична во својата хармонична целина.

Сент-Егзипери е роден 1890, златното доба на откритијата, кога авионите биле измислени во Франција и новото поле на авијацијата возбудувало многу млади луѓе кои сонувале за истражување нови области и замислувале светски авантури. Младиот Антоан бил брзо зафатен од растечката возбуда и кога имал дванаесет години, изградил своја летечка машина.

Сис пишува:

„Не полета, но тоа не го обесхрабри.
Тоа лето, со својот велосипед секој ден одеше до блиската авионска база да ги гледа пилотите кои ги тестираа авионите. Им кажа дека има дозвола од мајка му да лета, па еден од пилотите го зема со себе. Неговата мајка не беше среќна. Но Антоан не можеше да го дочека следното патување.“

Оваа опсесија станала траен дел од неговата психа. Кога војната започнала и бил повикан на воена должност, младиот Сент-Егзипери побарал да биде сместен во авиационите редови, но сепак бил назначен во пешадијата. Две години подоцна, кога чул за отварањето на нова авионска компанија во склоп на поштенската служба која би ја доставувала поштата, се вработил во нивните редови, прво како механичар, набрзо потоа како помошник-пилот, по што се научил да лета, придружувајќи ги другите пилоти на нивните рути при разнесувањето на поштата. Сис пишува:

„Еден ден, ги чул вестите кои ги чекал: бил одбран да ја пренесува поштата од Франција до Шпанија. Анри Гијомел, пилот и негов добар пријател, го посоветувал да не ги следи само мапите, туку и трагите на пејзажот.“

Сент-Егзипери го живеел својот сон, летајќи во Европа и Западна Африка. Авиокомпанијата го преместила во една авионска база во јужно Мароко, а двете години кои ги поминал во пустината биле помеѓу најсреќните во неговиот живот, период на кој подоцна се сеќавал како прекрасен и горко-сладок копнеж сè до неговата смрт. Сис ја доловува романтичната поетика на ова искуство:

„Живеел во дрвена колиба и имал неколку предмети и уште помалку посетители. Со океанот на едната страна и пустината секаде околу него, тоа мора да било едно од најосамените места на светот. Но, тој ја сакал осаменоста и животот под милионите ѕвезди.“

Локалните жители започнале да го викаат Капетанот на Птиците бидејќи ги спасувал залутаните пилоти и ги смирувал непријателските номади кои ги соборувале авионите и ги киднапирале пилотите. Времето кое го поминал во пустината станало силен извор на инспирација за неговите дела и на многу начини учествувало и во обликувањето на „Малиот Принц“. Но височините останале неговата најголема љубов. Сис ја следи траекторијата на патувањата и страстите на Сент-Егзипери:

„Желен да ги истражи и другите неба, Антоан им се придружил на неговите колеги-авијатичари во создавањето нови рути за доставување на поштата во Јужна Америка. Ништо не можело да ги сопре како што ги надлетувале глечерите, дождовните шуми, планинските врвови, борејќи се со страшните ветрови и дивите бури.
Антоан поминувал повеќе време во воздухот отколку на кое било друго место, бидејќи пилотите летале и навечер. Со ѕвездите над него и светлата под него, неговиот свет му се чинел неверојатно голем и мал.“

По враќањето во Франција, Сент-Егзипери се заљубил, се оженил и стекнал значителна слава како пилот и како писател. Но воден од неговиот незгаслив авантуристички немирен дух, продолжил да сонува за експедициите кои се претварале во неверојатни подвизи. При една од нив, се натпреварувал за наградата за најбрзиот лет помеѓу Париз и Сајгон, но заедно со неговиот копилот се урнале во Северна Африка, едвај преживувајќи и шетајќи низ пустината денови пред да бидат спасени. Малку подоцна, решил да стане првиот француски пилот кој би летал на релација Њујорк-Јужна Америка. Неговиот авион се урнал во близина за Гватемала, но за некое чудо, преживеал уште еднаш.

Како што Втората светска војна ја зафаќала Европа, Сент-Егзипери бил повторно повикан во војничките редови, каде овој пат служел како пилот, набљудувајќи ги од височините злосторствата кои под раководството на Германците биле вршени насекаде. По завршувањето на неговиот воен рок, решил дека не сака да се врати и да живее во Франција која била под германска окупација и избегал во Португалија на брод – патување кое го разнишало до длабочините на неговата душа и го инспирирало создавањето на неговото величенствено „Писмо до еден заложник“, по што завршил во Њујорк, каде се нашол себеси во огромна осаменост и изолација.

Откако го напишал „Летот до Арас“ и му испратил копија на претседателот Френклин Рузвелт со посветата „За претседателот Френклин Рузвелт, чија земја го презема тешкиот товар за спасување на сиот свет“, Сент-Егзипери купил сет акварелни бои и започнал да работи на „Малиот Принц“. Сис ја доловува повеќеслојната порака на книгата, оформена од страстите на Сент-Егзипери и неговата безнадежна носталгија, со прекрасна едноставност:

„Тој опишува планета која е поневина од неговата, со едно момче кое е далеку од дома, и кое се прашува како функционираат нештата и бара одговори.“

Но немирниот дух на авторот не замирал. Сакајќи да лета повторно и да го види неговото семејство кое останало во Франција, му се придружил на својот стар ескадрон во Северна Африка, барајќи летови кои би го однеле назад во Франција. Сис ја доловува трагичната тривијалност со која завршува приказната на Сент-Егзипери, која е воедно речиси стерилна во нејзината неочекуваност и богато поетска кога ќе се земе предвид неговата животна опсесија:

„На 31 јули 1944, во 8:45 часот наутро, полета од Борго, Корзика, за да ги фотографира непријателските позиции источно од Лион. Беше прекрасен ден. Требаше да се врати во 12:30.
Но никогаш не се врати. Некои велат дека си ја заборавил маската за кислород и дека исчезнал во морето.
Можеби Антоан конечно си ја нашол својата светкава планета веднаш до ѕвездите.“

„Пилотот и малиот принц“ е богатство за очите и за духот, и е прекрасен додаток во збирката извонредни графички биографии, придружувајќи им се на оние за Сигмунд Фројд, Чарлс Дарвин, Ричард Фејнман, Хантер С. Томпсон, Стив Џобс, Енди Ворхол и Салвадор Дали. А и одлично се надоврзува на оригиналните илустрации на Сент-Егзипери за „Малиот Принц“ и неговите восхитувачки медитации за осаменоста и смислата на животот и нашата универзална човечност.

15. Лари и пријателите

Многу е пишувано за недостигот од претставување на различностите во детската книжевност. Но овие дискусии – како и повеќето контроверзи околу ова прашање – се во голема мера преокупирани со прашањата за расата, занемарувајќи ги сите други аспекти, како што се националностите и мајчините јазици. Ова е особено збунувачки во случајот на Америка која како нација на имигранти се гордее бидејќи е резултат на неверојатна мешавина од глобални култури, а има неверојатно строги имиграциони закони. Националните политики се одраз, но и влијаат на создавањето на националните ставови, па тешко е да не се прашувате и грижите за токсичните ефекти кои ваквите правни практики ги имаат врз негувањето и поттикнувањето на ксенофобијата и нетолеранцијата. Па сите оние кои се загрижени за овие прашања и воедно ги обожаваат детските книги во истиот миг ќе бидат восхитени од „Лери и пријателите“ – трогателна приказна за имиграцијата, различностите, пријателството, прифаќањето, замислени и остварени од илустраторката Карла Торес, која е родена во Еквадор, а живее во Њујорк и авторот Нат Јаспар, роден во Белгија, а кој исто така, живее во Њујорк.

Прекрасните илустрации на Торес ја раскажуваат приказната за Лари, американското куче кое решава да приреди роденденска забава и ги кани сите негови пријатели, а секој од нив е од различен дел на светот и е имигрант во Њујорк, каде се одвива приказната – соодветна околина, имајќи предвид дека островот Готам Елис бил првичната точка на влез за многубројни имигранти во Соединетите Држави, а од лингвистички аспект, Њујорк денес е најразновидниот град на светот, дом на повеќе од три милиони жители кои не се родени на неговата територија и зборуваат повеќе од 800 јазици.

Ѕвончето ѕвони и секој од пријателите на Лари пристигнува, со парче од културната, линвистичката и геополитиката историја на местото од кое доаѓа. Се сретнуваме со неверојатни ликови, како Магда, малата прасица од Полска чии сериозни родители ја испратиле во Њујорк за „да стане способна секретарка“, но таа го следела својот сон и станала акробат; Коги, малиот жабјак од Порторико, виолинист кој живее во Бронкс; Гугу, африканската зебра која се преселила во Њујорк со нејзиниот џембе тапан и станала врвен изведувач во театарот Аполо.

Тука е и Лејла, силната мачка од Иран која работи како ентомолог во природно-историскиот американски музеј; Едгар, колумбискиот алигатор кој се доселил во Њујорк како уличен музичар кој свири на хармоника, а сега настапува во еден француски ресторан на Менхетен; Бернард, францускиот гаргојл кој поминал многу години набљудувајќи ги луѓето од врвот на катедралата Нотр Дам и бил привлечен во Њујорк како најдоброто место на светот за набљудување луѓе; Римши, тибетскиот јак кој се доселил во Њујорк по кинеската инвазија и кој Лари го сретнал во центарот за бегалци, каде што денес работи.

Она што е најмагично за приказната е можеби фактот дека најголемиот број од ликовите се инспирирани од вистинските приказни на вистински луѓе кои Торес ги запознала во Њујорк. Ликот на Педро, еквадорското морско прасе е заснован на Педро Еразо, еден од членовите на саканиот инди-бенд Гогол Бордело. Џин, корејската лисица, е инспирирана од Мариола Паен, самообучувана корејска уметница. Ашки, индијанското бафало е заснован на Мелвин, шаман од племето Навахо кој водел спиритуална церемонија на која Торес учествувала пред неколку години.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Извор: brainpickings.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото