Нивните злодела нема да поминат неказнето

02.01.2015 10:50
Нивните злодела нема да поминат неказнето

Отидовме на друг континент каде што никој не нè знае, не го разбира нашиот јазик, во земја каде што не сме оставиле 20-годишен труд и не сме придонеле за уметноста... не ги гледале филмовите кои ги снимивме, не ги знаат претставите кои ги игравме и режиравме, не ги знаат студентите кои ги едуциравме, не знаат какви луѓе сме, а сепак во болница се лекуваме бесплатно... Бесплатно здравство!

Во нашата земја, Македонија, кога се разболевме од рак не сакаа да нè оперираат во државна болница, па плативме илјадници евра во скопска приватна клинка, благодарејќи на помошта од пријателите кои ни позајмија пари за да не чекаме додека не биде предоцна... Продадовме сè што имавме во мојот роден град за да го вратиме долгот. Потоа продадовме сè што можевме во Македонија и на свој трошок дојдовме да се лекуваме илјадници километри далеку од нашата земја.

Отказното решение беше огромен шок за нас, бевме разочарани и згрозени. Јавна тајна е дека во МНТ на платен список се глумци кои со години не работат, а немаат никаков проблем. Знаеме и за актер кој беше директор во Драмски театар, на кој му беше платено лекување во најдобар европски центар и не доби отказ, туку добиваше директорска плата.

Убаво е да се вработуваат млади актери, но дали тоа значи дека треба да ги прегазиме тие кои го носеле репертоарот 20 години само затоа што се болни од рак и дали треба да ги плукаме и омаловажуваме? Директорот на МНТ ни кажа дека може да почекаме со пријавување за инвалидска пензија која секако би ни следувала во секоја нормална земја, неколку месеци, колку што ќе треба за лекување, затоа што процедурата за пензија трае долго, а ние немаме време...

Дали во која било земја би му дале отказ на познат актер со долгогодишна кариера, кој играл главни улоги во филмови, главни улоги во театар, кој е шоумен, свири клавир како професионален музичар, актер кој гo викаат како гостин во ТВ емисии за да зголеми гледаност, кој води една од најслушаните радио емисии... И на кој му е извадена плешка и поради тоа му е редуцирано двиењето на раката, а боледува од хондросарком... Отказ?

„Многу зборел“, така ни кажуваат тие што имаат инсајдерски информации... На Македонија не ѝ се потребни луѓе што мислат и што го кажуваат тоа што го мислат, кои не сакаат јавно да признаат дека имаат мака, да бидат јадни и да бараат сожалување... Тие што одлучиле бесрамно да нè избркаат од театар и од Македонија многу добро знаат за сериозноста на болеста и дека со рак нема шега.

Бесчувствителни се луѓето кои донеле таква одлука, ништо не им е свето. А тоа носи последици, дали поради карма, небеска правда, поради балансот во универзумот - не знаеме, но знаеме дека нивните злодела нема да поминат неказнето.

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото