Дали владата знае што е импакт фактор?!

03.01.2015 01:52
Дали владата знае што е импакт фактор?!

Последниве две-три недели се изнаслушав како премиерот и неговите министри ќе направеле неопходни реформи во образованието и ќе го подигнеле квалитетот на дипломираните студенти со воведување државен испит. Па редовно ги употребуваат термините „реномирани списанија“, „реномирани професори“, „трудови со импакт фактор“ и сл. А очигледно е дека не им е јасно што значи сето тоа. Ќе ги земам за пример САД, бидејќи таму докторирав и најмногу сум запознаена со тој систем.

1. Што е импакт фактор (IF) и кој би требало да објавува трудови со високи импакт фактори во реномирани списанија?

IF е мерка на научно списание за тоа колку цитати просечно се објавени за истото.

Кој би требало да ги објавува? Тоа се носителите на докторските и постдокторските оригинални истражувања и нивните ментори. Доколку во една институција се акредитираат докторски студии, тогаш би требало да има и соодветни професори кои би им биле ментори на докторските студенти. Нормално, овие професори треба да имаат континуиран придонес во нивната област, кој се мери со бројот на објавени трудови и висината на IF на списанијата во кои се објавени. Импакт факторот има големи граници на опсег од 0,1 до над 50. Обично списанијата со IF од 4 и повеќе се сметаат за солидни, реномирани се со фактор над 15. Оваа процедура е нормална доколку институцијата има истражувачка намена. Меѓутоа, постојат многу универзитети во САД кои се предавачки и имаат акредитација само до магистерски студии. На овие универзитети професорите секако во текот на нивните докторски и постдокторски студии објавувале трудови со високи импакт фактори, меѓутоа, не значи дека подоцна тоа ќе продолжи, бидејќи поголем дел од времето тие посветуваат на предавање, а не на истражувачка работа. Значи, една голема грешка кај нас е тоа што се генерализираат работите. Не може истите правила да важат на сите универзитети!

2. Кои се реномираните професори што ги поддржуваат реформите на владата?

Неколку пати во македонските медими прочитав дека професорот Горазд Росоклија од Универзитетот Колумбија ги поддржува реформите во образованието. Како прво, тој е вонреден (associate) професор, а не редовен. Второ, доколку ги погледнете трудовите во кои тој е вклучен, ќе забележите дека е носител на проект/труд (последен автор) само во два труда, во 1994 (IF = 2,3) и во 2007 (IF = 5,3), а има и четири трудови во кои е прв автор, два во Прилози (МАНУ, моментално без IF) останатите два со IF = 2,4 и 13,7. Да се биде прв автор е малку необично за нивото на вонреден професор, бидејќи првите автори обично се докторанти и постдокторанти. ВО NIH базата за грантови од областа на медицината во САД, моментално има информации за само еден грант како co-PI (principal investigator) за проект кој извезува македонски мозоци (замрзнати) во САД за истражувачки цели, најверојатно бидејќи во Македонија колекцијата мозоци од починати пациенти и фетуси е полесна и различна од онаа во САД.

Накратко, според врвните стандарди не верувам дека ваквите резултати се реномирани, ако се земе предвид возраста (65) и фактот дека повеќе од 20 години авторот е целосно посветен на истражувачка работа во една од водечките институции по издвојување средства за истражување.

3. Зошто владата рекламира проекти за наградување на објавени трудови со IF на македонски истражувачи, како и измени на Законот за високо образование во кои учествуваат истите „реномирани“ професори од странство?

Конкурсот за доделување награда за објавен труд со IF за 2013 е завршен на 1 јули 2014. За истиот поднесов три уредни апликации за три труда (IF = 6,7, 8,7 и 9,7). Неколку месеци наназад го контактирам одговорното лице во МОН и секогаш го добивам истиот одговор: „процедурата е во тек, наскоро ќе бидете писмено известени“. Е, зошто да не бидете транспарентни како што милувате да кажете дека сте, па објавете ги резултатите на веб страницата на МОН, да видат сите какви трудови се објавуваат од Македонија и кои се наградените?!

Новиот закон за високо образование вели дека доколку докторирате на еден од најдобрите 50 универзитети во светот, МОН ќе покрене постапка за отворање на доцентско/професорско место. Еве, и ова не е точно или важи селективно, бидејќи минатата година лично се пријавив и никој од МОН не одговори на мојата апликација.

На крај, сакам да кажам дека подобро образование се обезбедува со долготрајно настојување на квалитет, а не на квантитет. Вие направивте квантитет, со отворање факултети во секоја општина, па сега сакате брзо да воведете квалитет. Мислам дека споредувањето со земји како Словенија не е праведно, зашто тие имаат многу повисоки фондови наменети за истражување и далеку подобри услови за школување, поради што е полесно да се објави труд со IF. Во Македонија има многу професори кои немаат трудови со IF, едноставно затоа што системот досега не го барал тоа. Не значи дека оние со IF од странство се подобри од нив.

Подобро образование значи подобро школувани професори, со своја автономност во истражувањето, како и транспарентно издвојување поголеми средства за научно-истражувачка работа (кои во Македонија се меѓу најниските, со само 0,2% од буџетот, ако не и најниски во Европа и пошироко), а не со воведување државен испит кој студентите го плаќаат, а „реномираните“ професори од странство го составуваат и експертски се наградуваат.

Даниела Ристова, PhD in Biology, NYU

Слики: Joe Dragt