2015 треба да биде во знакот на гневот и бунтот

03.01.2015 01:59
2015 треба да биде во знакот на гневот и бунтот

Во интервјуто за Револуционер МК Милчин вели:

Речиси непрегледната колона од студенти и граѓани на вториот студентски протестен марш снимена од дронот беше како река ослободена од мраз што ја држел прикована неколку зими. А до неодамна, особено по замолчувањето на „Отпор“, битката за ослободување на Македонија од мразот беше само пламенче одржувано со упорноста на не многу бројни групи граѓани. И среде ноември, за дваесетина дена, како реакција на една неразумна одлука на авторитарната власт донесена преку ноќ, вивна огнот на револтот кој ја обнови надежта. Не можам да не бидам горд на будењето на Македонија кое започна со првиот студентски протестен марш. Тогаш студентите јасно и гласно ѝ порачаа на власта дека не ја прифаќаат улогата на поданици, послушници и идни иселеници. Тогаш студентите ја прифатија одговорноста да бидат граѓани. Да не паѓаат во стапиците на етничките, верските, генерациските и партиските разлики. Во Студентскиот пленум очигледно се негуваше партиципативната демократија. Речиси секојдневно се појавуваа нови студентски „фаци“ кои ги објаснуваа ставовите на Студентскиот пленум.

Доколку навистина се случи македонската пролет, таа бездруго ќе биде автентична. Се разбира, режимот и неговите пропагандисти од петни жили и со сета медиумска машинерија ќе се обидуваат да ја оспорат автентичноста, ќе ги дрндаат изветвените глупости за божемниот заговор на „соросоидите“ и дека зад протестите стои СДСМ, ќе ги демонизираат протестите како активности кои им служат на грчките интереси, ќе го стигматизираат секој изблик на револт и зад кулисите на „грдата влада“ ќе готват закони и подзаконски акти кои, експресно изгласани во она што некогаш беше Парламент, треба да нѐ стават пред свршен чин, одново и одново… Режимот Груевски-Ахмети перманентно го гази умот и разумот во Македонија и просто ја предизвикува нашата автентична пролет - вели Владимир Милчин.

Извршниот директор на Отворено општество - Македонија вели дека е добро што во изминатата година се добиени неколку битки, иако режимот упорно се обидува да „гранатира“.

- Долга би била листата на престапите на режимот. Дури и само да се набројат. Всушност, сѐ е веќе кажано и напишано. Малобројните медиуми надвор од контролата на власта и социјалните мрежи ја добија битката со трубите груевистички. Се надевам дека бомбите на Заев ќе ни откријат нови докази за валканите игри на власта со кои таа ја доведе Македонија до работ на амбисот. И граѓаните кои не се политички писмени ја гледаат растечката сиромаштија, цената со која е платен раскошниот кич по кој се препознава забеганоста на Груевски и бандата на власт.

Нема сомневање дека режимот е изненаден и од бројот на граѓаните и од низата јавни протести во последниве дваесетина дена. Освојувајќи ги улиците, граѓаните ја освоија и слободата. Изненаденоста на режимот е резултат на тоа што тој режим ги потцени граѓаните. Овој режим не го сака народот, овој режим го презира народот. Мислеше дека може бескрајно да му продава лаги и ветувања. Му фрлаше коски за глодање, а во исто време го ограбуваше, глобеше, казнуваше… Повикуваше на единство, а ги раздели татковците од децата, дедовците од внуците. Ја поттикна саможивоста до незапамтени размери во Македонија и така ја згази солидарноста. Тоа е најголемото злосторство на овој режим. Но, режимот е уплашен и сега демонстрира сила. Се заканува, заплашува, со прекумерно присуство на тешко вооружени полициски сили, „либерализација“ на гумени куршуми и шок-бомби… - вели Милчин во интервјуто за Револуционер МК.

Тој го пофалува потегот на опозицијата малку да се тргне настрана и да повика партиските членови и симпатизери по своја совест да решат за нивното учество во протестите.

- Мислам дека беше умно што СДСМ и другите опозициски партии им препуштија на своите членови и симпатизери да одлучат дали ќе одговорат на повикот на Студентскиот пленум да се придружат, но без партиски симболи. Симбиозата на граѓанскиот сектор и политичките субјекти не е на дневен ред. Приближувањето може да се случи само низ дефинирањето на заедничките вредности и приоритети и никако поинаку. А за да се случи тоа, потребно е градење доверба дека ни една страна нема да биде изиграна. Тоа нема и не треба да доведе до симбиоза која би резултирала со обезличување. Слабеењето на Студентскиот пленум ќе ѝ наштети на опозицијата. Демонизирањето на сите политичките партии, односно изедначувањето на власта и опозицијата ќе го ослаби Студентскиот пленум. А токму тоа е стратегијата на опортунистите, конформистите и кариеристите кои работат против промените во кои нивните фотелји не се безбедни и гарантирани - вели Милчин.

На прашањето дали фондацијата Отворено општество – Македонија ќе ја продолжи поддршката за граѓанските организации и независните медиуми, Милчин вели дека нема причина нешто да се смени во таа политика, бидејќи демократијата и владеењето на правдата се се уште крајно загрозени.

- А зар има причина Фондацијата отворено општество – Македонија да ја менува својата стратегија? Зар власта ја олабави стегата со која ги задушува слободата, демократијата и правдата? Зар власта престана да произведува внатрешни и надворешни непријатели? Зар власта покажа слух за критиките кои доаѓаат и од дома и од светот? Не. Од црниот понеделник пред две години, власта демонстрира само непопустливост на силник кој прифаќа само кооперативност искажана со аплаузи, послушност искажана со гласачко ливче или покорност искажана со замолчаност. Тоа е болест и таа денес се вика нелиберална демократија. Или, кажано со речникот на еден капетан на ЈНА: „Ќут’ кад разговараш са мном!“ Вредностите на отвореното општество за кои се бори Фондацијата се побитни и потрајни од етикетите „предавници“ и „соросоиди“ и граѓаните веќе се подбиваат со нив. „Преку кур ми е од куририте“, беше речено деновиве - вели тој.

Посочува дека иако во оваа година се очекуваат некои поместувања, не смее да има еуфорија, но сепак ќе треба сите „да му помогнат“ на режимот да падне.

- Нема место за еуфорија, ниту е време за неа. Македонскиот маоизам, груевизмот, сѐ уште има заби. Антиквизација, диференцијација, лустрација, демонизација, тоа се само некои од инструментите на културната револуција што треба дефинитивно народот да го сведе на стадо. Да блее во името на „најпатриотите“. Моќта на режимот да го дели и раслојува општеството е намалена, но сѐ уште е голема. Режимот се тетерави, но тој нема да падне сам од себе. Затоа, ајде да му помогнеме да падне, ајде да го поттурнеме, ајде да се спасиме и да се очовечиме. Не се разбирам од хороскопи, но 2015 година треба да биде во знакот на гневот и бунтот - вели Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Отворено општество - Македонија во интервјуто за Револуционер МК.

Фотографии: Ванчо Џамбаски
Извор:
Револуционер МК